1026 hPa
80 %
1 °C
Скопје - Пон, 20.01.2025 15:59
Јужна Африка го обвини Израел за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Суштински аргумент е тврдењето дека Израел го уништува народот во Газа со глад. Членот 2(в) од Конвенцијата за геноцид забранува „намерно подложување група луѓе на такви животни услови што ќе доведат до нејзино целосно или делумно физичко уништување“. Израел ги смета овие обвинувања за „неосновани“.
Прехрамбениот систем во Газа целосно се распадна. Здравствениот систем е во колапс. Основната инфраструктура за чиста вода и канализација е урната. Според проценките на Комитетот за проценка на гладот (Famine Review Committee, FRC), луѓето во Газа се соочуваат со реална перспектива на гладување. Ако нешто не се преземе итно, тие се изложени на ризик од масовна смрт од глад или болест. FRC ги доставува своите проценки до група меѓународни хуманитарни агенции кои користат систем за рано предупредување наречен Интегрирана класификација на фазите за прехрамбената сигурност (Integrated Food Security Phase Classification, IPC).
Како што напишав за кризата во Тигре, IPC идентификува пет фази на прехрамбена (не)безбедност: нормална, под притисок, криза, вонредна состојба и катастрофа/глад. Се вели дека гладот во дадена област се јавува кога „најмалку 20 проценти од населението е погодено, при што приближно едно од три деца е акутно неухрането и двајца луѓе умираат дневно на секои 10.000 жители поради глад или интеракција меѓу неухранетост и болести." Домаќинствата можат да се најдат во фаза на катастрофа дури и ако не е прогласен глад во поширокото подрачје. Според најновата анализа на FRC за Газа, од 21 декември 2023 година, „најмалку едно од четири домаќинства (повеќе од половина милион луѓе) во Појасот Газа се соочува со катастрофални акутни услови за прехрамбена несигурност“.
Друг начин за дијагностицирање и дефинирање на гладот е дополнителниот број смртни случаи припишани на гладот и сродни причини. „Голем“ глад е оној во кој умираат 100.000 или повеќе луѓе, додека прагот за „значителен“ глад е 10.000 дополнителни смртни случаи. Тоа може да биде корисно за опишување случаи на глад низ историјата, но не и за тековните кризи со храна.
Save the Children предупреди дека смртните случаи од глад и поврзани причини во Газа наскоро би можеле да ги надминат проценетите 22.000 смртни случаи директно предизвикани од воената офанзива. Семејствата често остануваат без храна еден, два или три дена. Се шират заразни болести кои често се поврзуваат со смрт на неухранети луѓе. Се проценува дека речиси 70 отсто од станбените згради се уништени или оштетени. Малку луѓе имаат пристап до чиста вода за пиење, а уште помалку до тоалети. Постои исклучително висок ризик од појава на инфекции кои се пренесуваат преку вода и од други заразни болести.
Ако катастрофата во Газа продолжи да се развива, предупредувањата за масовни смртни случаи од болести, глад и изложеност ќе се остварат. Ако хуманитарната помош се обезбеди брзо и во големи размери, смртноста од глад и болести ќе се стабилизира и опаѓа, но сепак ќе биде потребно време да се врати на нивото од пред кризата. Дури и со итен прекин на непријателствата и со испорака на итна помош, со обновување на водоснабдувањето, санитарните и здравствените услуги, смртноста би останала покачена со недели или месеци. Дури и тогаш тоа би претставувало „значаен“ глад, дефиниран како 10.000 или повеќе смртни случаи. „Голем“ глад, со 100.000 или повеќе смртни случаи над просекот, е јасна перспектива ако продолжат сегашните нивоа на уништување.
Военото злосторство изгладнување е дефинирано во Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд како намерно прибегнување кон изгладнување цивили како метод на војување, врз основа на лишување од нешта неопходни за опстанок, вклучително и намерно спречување на хуманитарна помош, како што е наведено во Женевските конвенции.
Концептот на „работи неопходни за опстанок“ (OIS) вклучува не само храна, туку и вода, лекови и засолниште. Не е неопходно поединци да умрат од глад за да се изврши кривично дело; доволно е да им бидат одземени нештата неопходни за опстанок. Хјуман рајтс воч и други заклучија дека акциите на Израел во Газа претставуваат воено злосторство на изгладнување.
Генералот Гиора Аланд, поранешен шеф на израелскиот Совет за национална безбедност, напиша: „Луѓето можат да прашаат дали сакаме луѓето во Газа да гладуваат. Не сакаме. Треба да им се каже дека имаат два избора: остани и гладувај или оди си.“
Опсадната војна сама по себе не е нелегална, но може да стане таква ако непропорционално и систематски ги лиши цивилите од нештата неопходни за опстанок. Опсадата на Газа од 2006 година е контроверзен случај: Израел тогаш речиси целосно го контролирал снабдувањето со храна, вода, медицински материјали и електрична енергија; донел ригорозни одлуки за тоа која стока може да влезе во Појасот, внимавајќи да не го прекрши меѓународното хуманитарно право. Како што е илустрирано од Дов Вајсглас, советник на тогашниот израелски премиер Ехуд Олмерт, „идејата е да се стават Палестинците на диета, но да не умрат од глад“.
Со текот на годините опсадата предизвика тешки последици. „Пред актуелниот конфликт“, се вели во наодите на ОН објавени минатиот месец, „64 отсто од домаќинствата во Појасот Газа живееле во прехрамбена несигурност или биле изложени на прехрамбена несигурност, при што 124.500 мали деца живееле во прехрамбена несигурност. Покрај тоа, пред судирите започнати на 7 октомври, UNRWA објави дека над 90 отсто од водата во Газа се смета за несоодветна за човечко користење.
Ова се околностите кои брзо ја доведоа Газа до катастрофа. Израелската влада беше целосно свесна за постојните хуманитарни услови и за последиците од секоја преземена акција. Истото важи и за Хамас, но тоа не е релевантно за утврдување на одговорноста на Израел. Министерот за одбрана Јоав Галант на 9 октомври рече: „Наредив целосна опсада на Појасот Газа. Нема да има струја, храна, гориво, сè е затворено.“ Малото количество хуманитарна помош што подоцна беше дозволено да влезе во Газа не ја намалува силата на оваа изјава или нејзиното влијание.
Во однос на рамката развиена од професорот по право Дејвид Маркус, ова е prima facie индикација за „злосторство на изгладнување“ од прв степен. Дури и ако изјавата на Галант не ја одразува државната политика или воената стратегија, фактот што израелската воена кампања продолжи без значајна промена во методот откако станаа јасни хуманитарните последици, значи дека операцијата во Газа е исто така злосторство на изгладнување од втор степен. Во секој случај, сведувањето на Газа во ситуација кога гладувањето е неизбежно не е само воено злосторство според Римскиот статут, туку и злосторство против човештвото.
Во 2004 година беше развиена интегрирана класификација на фазите за прехрамбена безбедност. Врз основа на процедурите и критериумите на оваа класификација, глад беше прогласен во Сомалија во 2011 година и во Јужен Судан во 2017 година. Во други случаи, вклучувајќи ги Етиопија, Нигерија и Јемен, Комитетот за проценка на гладот идентификуваше широко распространети услови во фаза 4 (вонредна состојба) и предупреди на претстоен глад ако не се преземе итна хуманитарна акција. Глад не е прогласен во Сирија, каде Комитетот не собирал податоци. Во историскиот каталог на глад и меѓу инцидентите на масовно гладување, тешко е да се најде блиска паралела со ситуацијата во Газа. Малку случаи комбинираат таква сеопфатна опсада со толку сеопфатно уништување на нештата неопходни за опстанок. Апсолутните бројки на луѓе кои умираат во Газа нема да се совпаѓаат со бројките од катастрофалните гладувања во 20 век, оти погоденото население е помало, но пропорционалниот број на загинати може да биде споредлив.
Жестокоста, обемот и брзината на уништувањето на животните потреби, како и спроведувањето на опсадата, го надминуваат секој друг глад предизвикан од човекот изминативе 75 години. Комитетот за проценка на гладот предупредува дека условите за непосредна глад би можеле да бидат широко распространети веќе следниот месец. Може да се направат споредби со присилното гладување во Биафра (1967-70), опсадата на Сараево (1992-95), тактиката „клекни или гладувај“ што ја користи владата на Асад во Сирија и злосторствата со глад извршени од владите на Етиопија и Еритреја во Тиграј (2020-22).
Во една компаративна историска типологија, Бриџит Конли и јас идентификувавме девет цели на изгладнување извршени во голем обем од политички и воени актери, од кои првите пет се: истребување или геноцид; контрола преку слабеење на населението; стекнување територијална контрола; протерување на населението; казна. За владата на Израел, гладот во Газа несомнено е во согласност со последните четири цели. Ако некои од изјавите на високите израелски политичари можат да се земат како потврда и ако Израел ја продолжи својата кампања без прекин по недвосмисленото предупредување за глад, тогаш и истребувањето и геноцидот би можеле да станат веродостоен мотив. Одговорноста е клучна за ставање крај на злосторството на изгладнување и Израел тука не е исклучок.
Карикатури: Мохамад Сабанех
Извор за текстот: London Review of Books, 11.01.2024.
Превод: П. В.