1017 hPa
93 %

8 °C
Скопје - Нед, 18.05.2025 01:59
Зошто се умртвуваме? За кого се згрчуваме? Што ќе се случи ако избереме целосно и бунтовно да оживееме?
Ова се дел од прашањата кои непрекинато си ги поставуваa учесниците работејќи на проектот „Вештини за оживување” изминативе неколку месеци. На 30 мај, во 20 часот во КСП Центар - Јадро премиерно ќе биде прикажан краткиот филм кој произлезе од здружениот труд и визија на тимот кој посветено работеше на овој проект.
„Вештини за оживување” е партиципативен уметнички проект и метод чија авторка е Клелија Живковиќ, кој се занимава со оживувањето како вродена карактеристика која нѐ обединува нас луѓето со остатокот од живиот свет. Во сегашноста натежната од неправди, насилство и експлоатација, нашата цел е да го истражиме потенцијалот на овие вештини за оживување како избори кои може секој да ги адаптира на своите можности и потреби и, спротиставувајќи им се на насилните и опресивните системи, да ги преземе како чекор кон светот кој оживува.
Учесници и ко-автори на овој проект се Никола Игновски, Христина Крстевска, Крсто Глигорјадис и Магдалена Таневска. Во периодот од три месеци, петчлениот тим го истражуваше сопственото и колективното оживување преку работилници базирани на методи инспирирани од изведувачките уметности. Секој од членовите на тимот дефинираше своја „вештина за оживување“ - одлука, избор или дозвола да ја напушти состојбата на преживување и целосно и бунтовно да оживее. Отфрлајќи ја заблудата дека, да бидеме живи значи да се чувствуваме добро, се поддржуваме едни со други и си овозможуваме да чувствуваме сѐ, згрижени во нашата безбедна заедница.
Како краен исход од овој процес произлезе уметничкото видео „Вештини за оживување“ кое премиерно ќе биде прикажано во КСП Центар Јадро. Тимот кој работеше на видеото го сочинуваат Гоце Лалковски (директор на фотографија и камера), Дијана Димитриевска и Дарко Степиќ (музика) и Бисера Михајловска (монтажа).
Овој проект е дел од Артс Хаб програмата на КСП Центар Јадро, поддржана од Фондацијата Отворено Општество во Северна Македонија.