Кликата и пластиката

30.05.2024 01:12
Кликата и пластиката

Во канадска Отава неодамна заврши четвртата рунда преговори на Меѓувладиниот преговарачки одбор за загадувањето со пластика. Во 2022-та година одборот ја основаше Програмата за животна средина на Обединетите нации (УНЕП) со задача да развие меѓународен правен инструмент со кој ќе се регулира глобалното загадување со пластика. Со него требаше да се адресира „целиот животен циклус на пластиката, вклучувајќи ги нејзиното производство, дизајнот и располагањето со отпадот“. Со други зборови, целта е проблемот со загадувањето со пластика да се оттргне од мантрата за рециклирањето, бидејќи е јасно дека тоа во најдобар случај е неделотворно решение за проблемот со загадувањето со пластика, а во најлош дека се работи за greenwashing со што на хемиската и индустријата за фосилни горива ѝ се овозможува да продолжи да функционира по старо.

Од формирањето на одборот во март 2022 година, одржани се четири циклуси преговори, а петтиот, кој ќе се одржи во корејскиот град Бусан кон крајот на ноември годинава, е замислен како нешто кое ќе изнедри конечна верзија на меѓународниот договор. Но, иако во Отава преговарачите постигнаа напредок околу некои конкретни прашања, најважното - дали со договорот ќе се ограничи производството на пластика - остана без одговор. Сепак, синтагмата „целиот животен циклус на пластиката“ сè уште се наоѓа во работните документи и покрај тоа што, како што наведуваат активистите, „индустријата ги саботираше преговорите“.

Преговарачите успеаја да се усогласат околу точките кои се однесуваат на здравствениот аспект на загадувањето со пластика, пред сè околу нужноста за намалување на користењето опасни хемикалии во нејзиното производство. Во производството се користат дури 13 000 различни адитиви, па во Отава беше договорено дека до крајот на годината ќе се идентификува кои од овие состојки се штетни за здравјето, со цел да се намали нивната употреба. Договорено е и дека ќе се разгледа на кои сè начини може да се произведува пластика „со поголем потенцијал за повторна употреба и рециклирање“ и како да им се помогне на сиромашните земји да се справат со проблемот со загадувањето.

Пред состанокот Руанда и Перу напишаа заеднички предлог до 2040-та година да се намали производството за 40 проценти во однос на моменталните количини, а предлогот го поддржаа уште 28 членки на ОН. Меѓутоа, тоа не беше доволно зашто правилата за преговарање налагаат одлуките да се носат со консензус. Бидејќи пластиката се произведува од фосилни горива, на предлогот најмногу му се противеа Саудиска Арабија, Кувајт и Катар, како и САД, кои го критикуваа „претерано прескриптивниот пристап“ како нешто што ќе ги „одбие водечките произведувачи и консументи на пластиката. Имено, произведувачите инсистираат фокусот сè уште да биде на она што го нарекуваат „циркуларност“, односно рециклирањето и повторната употреба. Претставниците на рамковното тело на индустријата, Меѓународниот совет на хемиските здруженија, изразија став дека не би требало да се ограничува производството преку меѓународен договор, туку, наместо тоа индустријата индустријата да биде посветена на донесување законски обврзувачки договор кој ќе го запре загадувањето, но „со него да не се елиминира големата општествена корист што ја овозможува пластиката“. Од другата страна на јазот кој се испречи меѓу преговарачите зборуваа собирачите на отпад од Кенија и Малави и жителите на американските градови во близина на петрохемиските фабрики, опишувајќи ги апокалиптичните слики на загадувањето во средините во кои живеат.

Стручњаците здружени во Коалицијата на научниците за ефикасен договор за пластиката, се пожалија дека биле малтретирани од лобистите на индустријата, им викале и им се внесувале в лице на состаноците. Екотоксикологот од шведскиот Универзитет во Гетеборг, Бетани Карни Алмрот, на новинарите им рече и дека научниците дошле за да ги „демантираат дезинформациите“, на пример дека „не постојат податоци за микропластиката“ иако досега се објавени повеќе од 20 000 научни трудови на оваа тема.

Една таква студија во јануари објави медицинскиот факултет од Универзитетот во Њујорк, потпирајќи се на низа други кои докажаа дека честички микро и нано пластика се наоѓаат во сите елементи на животот и екосистемите на планетата, од облаците, мразот, океаните и реките, преку храната до мајчиното млеко, постелката и човечкиот ендокрин систем, предизвикувајќи болести како што се карциномот, дијабетесот и невролошки и репродуктивни проблеми. Во обично пластично шише вода од еден литар се детектирани дури 240 000 честички пластика, од кои повеќето ќе завршат во човечкиот организам, додека научниците неодамна пронајдоа 44 килограми пластика во желудникот на умрен кит. Како што вообичаено се случува со американските студии за човечкото здравје, споменатата студија за здравствената и општествената штета која ја предизвикува пластиката во САД се проценува на 250 милијарди долари годишно, што е еквивалентно на 1,2 проценти од американскиот БДП.

И покрај директните напади на претставниците на индустријата врз научниците и активистите за животна средина, непрофитната организација Центар за меѓународно право за животна средина (ЦИЕЛ) извести дека на состаноците во Отава биле присутни 196 регистрирани лобисти од фосилната и хемиската индустрија, кои биле вклучени и во делегациите на најмалку 16 држави членки и на тој начин добиле пристап до доверливите состаноци. Биле присутни седумпати повеќе лобисти од стручњаци од Коалицијата на научниците и исто толку пати повеќе од претставниците на староседелските народи, а според бројката ги надминале дури и делегатите од Европската унија. Во хотелите во кои престојувале учесниците на конференцијата биле изложени реклами кои ги спонзорирала индустријата, со пораки дека пластиката „го намалува фрлањето храна“, „спасува животи“ и на жедните „им носи вода“.

Податоците на индустријата покажуваат дека моменталното производство на пластика изнесува околу 440 милиони метрички тони годишно, а се проценува дека ако производството продолжи да се движи по нагорна линија до 2050-та година ќе се зголеми за трипати, исто како и количината на пластичниот отпад. Од целата произведена пластика 80 проценти завршуваат на различни видови отпади или директно во животната средина. Уделот на рециклираната пластика изнесува само 9 проценти и стагнира од 2018-та година, кога Кина како најголем дотогашен увозник престана да увезува туѓ пластичен отпад.

На интернет страницата на платформата Статиста се наведува дека вредноста на глобалниот пазар на пластика минатата година изнесувала 712 милијарди американски долари, а до 2033-та година би можела да надмине билион долари. Најголем произведувач е Кина, на која отпаѓаат 32 проценти од глобалното производство, а по неа следува северна Америка со удел од 17 проценти.

Кога е во прашање јаглеродниот отпечаток на производството на пластика, тој се проценува на 2,24 гига тони јаглерод диоксид, а тоа е повеќе од 5 проценти од вкупните глобални емисии на гасовите со ефект на стаклена градина. Оваа бројка до 2050-та година би можела да се зголеми двојно, на 4,75 гига тони годишно. Со тоа глобалното производство на пластика ќе проголта дури 20 проценти од „јаглеродниот буџет“ кој човештвото го има на располагање доколку сака да го задржи глобалното затоплување на ниво од 1,5 степени над прединдустриското.

Организациите како Zero Waste Europe и Pacific Environment објавија различни предлози како да се ограничи производството на пластика за да се испочитува главната цел на Парискиот договор, па првата тврди дека производството на нерециклирана пластика до 2050-та година би требало да се намали за 75 проценти. Pacific Environment пресметала дека со самото прекинување на производството на еднократна пластика, односно амбалажа, на што отпаѓаат дури 44 проценти од вкупното производство, со подобрување на технологиите за рециклирање на емисиите со ефект на стаклена градина од производството би можеле да се намалат заа 70 проценти. Меѓутоа, информациите за плановите на релевантните индустрии покажуваат дека тие во следните декади, како и вообичаено, имаат намера да го прават спротивното од она што го предлагаат науката и организациите за животна средина. И покрај тоа, производството на пластика се нарекува „план Б“ на индустријата за фосилни горива, а според тој план индустријата, во следниот период на постапно напуштање на фосилните горива за транспорт, падот на приходите ќе го компензира токму со преорентирање на производство на пластика.

Кон средината на април американскиот деловен портал Barrons објави анализа која покажува дека сите најголеми индустрии за фосилни горива во светот се насочуваат кон масовни инвестиции во хемиската индустрија за да обезбедат исти нивоа на профит и по кулминацијата на потрошувачката на бензин и дизел, за која повеќето анализи велат дека веќе поминала во САД и Европа. Така најголемата светска нафтена компанија, саудиската Арамко, до 2030-та година планира една третина од нафтата што ќе ја исцрпи да ја испрати во погони за производство на пластика. Проектот тежок 100 милијарди долари би требало Саудиска Арабија „да ја трансформира од средно голем играч на хемиската индустрија во еден од клучните, способна самостојно да ги снабдува со пластика сите автомобили и авиони кои ќе се произведуваат секоја година“.

Американски Шеврон, наведува порталот, и покрај тоа што претходно најави дека веќе нема да вложува во големи рафинериски проекти, сега сепак гради два нови хемиски погони, еден во Тексас, а другиот во Катар. Шел исто така неодамна отвори нова фабрика која ќе произведува 1,6 милиони тони пластика годишно, а Кина во последниве пет години отвори толку нови фабрики што наскоро ќе го надмине вкупното производство на Европа, Јапонија и Јужна Кореја заедно. Побарувачката за пластика во Кина секоја година, од 2015-та па наваму, се зголемуваше за десет проценти и со години самостојно го зголемуваше целокупниот глобален пазар.

„Толкава заситеност на пазарот сè уште не сме виделе во историјата на индустријата“, рече за порталот стручњакот на консултантскиот сервис Chemical Market Analytics, реферирајќи се на бројките кои покажуваат дека заситеноста во последните четири години предизвикала 50 процентно намалување на цените на хемикалиите кои се користат во производството на пластика. Меѓутоа, тоа не ја обесхрабри индустријата од дополнителни вложувања со оглед на тоа дека тој пад на цените сè уште не се рефлектира на вредноста на пазарот со акции. Како и да е, просечната акција на некоја хемиска компанија минатата година имаше раст од 18 проценти, што укажува дека инвеститорите сè уште сметаат дека ќе можат да заработат преку акциите.

Barrons наведува дека глобалните капацитети за производство на полиетилен во 2028-та година ќе изнесуваат 176 милиони метрички тони (сега се 147 милиони тони) и тоа пред во производството да се вклучи саудиската хемиска програма. Производството на нов полиетилен уште сега е 40 проценти поевтино од неговата рециклирана верзија, што значи дека компаниите во иднина ќе бидат уште помалку мотивирани во своето работење да користат рециклирана пластика, а со тоа и ќе продолжат да ги зголемуваат емисиите на гасови со ефект на стаклена градина и загадувањето со пластика.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Pam Longobardi

Извор: https://www.portalnovosti.com/

ОкоБоли главаВицФото