1019 hPa
68 %
17 °C
Скопје - Сре, 15.04.2026 14:59

Дракула од Брам Стокер е класичен готски роман објавен во 1897 година. Романот нè води низ приказната за грофот Дракула, неговата преселба од Трансилванија во Англија, и сите настани кои произлегуваат од преселбата. Делото е епистоларен роман, раскажан преку писма, записи во дневниците на ликовите и исечоци од весници, и истиот има огромно влијание врз модерната митологија за вампирите. Начинот на кој Брам Стокер ги претставува има значително влијание врз денешната претстава за вампири која повеќето од нас ја имаат. Па така, елементите како острите песјаци, бесмртноста и стравот од сончевата светлина се воведени од страна на Стокер.

Епистоларниот формат на романот прави читателот да се чувствува поблиску до ликовите и воопшто самата приказна, па затоа се оддава голема важност на начинот на кој се преведени писмата и записите во дневниците. Исто така, Дракула е значајно дело во хорор жанрот и игра огромна улога во развојот на готскиот хорор (и воопшто во развојот на хоророт како жанр) па затоа е битно при преводот да се задржат тие елементи на морничавост и страв. Авторот употребил стил на пишување што верно го одразува јазикот употребуван при крајот на Викторијанската ера во деветнаесеттиот век.
Општо земено, Стокер користи поформален јазик низ текот на книгата, со ретки исклучоци каде што е користен колоквијален јазик. Toj е употребен само неколкупати во текот на книгата, кога ликовите ни пренесуваат што било речено од страна на обични работници или некој од пониската класа. Приказната ни е прикажана од повеќе перспективи, но сепак сите ликови имаат сличен стил на говор бидејки се движат во истите социјални кругови и припаѓаат на истата висока средна класа. Јазикот во Дракула е дескриптивен и авторот честопати дава детални описи со цел да создаде атмосфера исполнета со тензија; говорот на ликовите понекогаш може да звучи претерано формално, па дури и архаично за современите читатели, што всушност е согласно со говорот во Викторијанскиот период, а истовремено придонесува подобро да се долови мистериозниот готски амбиент на романот.
Најдов три преводи на македонски јазик на Дракула од Брам Стокер. Првото издание е објавено во 2006 година од издавачката куќа Феникс, а книгата е преведена од Мимоза Милосавлевска и Васил Петрески. Второто издание е објавено во 2013 година од Конгресен сервисен центар, со превод од Владимир Цветкоски. Оваа рецензија се однесува на третото издание, преведено на македонски јазик од Владимир Цветкоски, објавено во 2020 година од страна на Полица – подружница на Конгресен сервисен центар. До сега немав читано книги издадени од Полица, па не знаев што да очекувам. Сепак можам да кажам дека бев пријатно изненадена. Преводот е одличен, но не и совршен, (прашањето дали еден превод може да биде совршен е сосема друга тема на разговор). Преведувачот добро си ја завршил работата, со исклучок на некои мали пропусти или пак едноставно на некои решенија на кои можеби самиот тој не се сетил.
Уште од самиот почеток, највпечатлив елемент на преводот беше присутноста на премногу фусноти, поконкретно 143, а според мене многу од нив беа непотребни. Присуството на толкав број фусноти, кои понекогаш нудеа објаснување на едноставни или пак општо познати работи, го прекинува текот на мислата при читањето, а исто така може да даде впечаток дека преведувачот ги потценува читателите и нивната интелигенција.
На пример, во седумнаесеттoто поглавје, фуснотата бр.111 која гласи „Град во Оксфорд, Англија“ се однесува на Карфакс, кој за прв пат се спомнува во второто поглавје. Тука се сретнуваме со две проблематики, првата: би било поточно да се рече дека Карфакс e оддел во градот Оксфорд или поточно центарот на Оксфорд (истовремено е и раскрсница), и втората: со оглед на тоа што Карфакс е спомнат (повеќе од еднаш) уште од почетокот на книгата, кога читателите ќе стигнат до седумнаесеттото поглавје, тие ако ништо друго, веќе ќе имаат претстава дека се работи за некаква локација во Англија. Доколку преведувачот сметал дека има потреба од појаснување, требало да додаде забелешка за локацијата кога истата за прв пат се сретнува во книгата, бидејќи кога читателите ќе го читаат седумнаесеттото поглавје тие веќе ќе имаат стигнато до заклучок за тоа што е Карфакс од претходниот контекст.
Би сакала да посочам на поинаква фуснота која се наоѓа малку понапред во книгата, поточно во четиринаесеттото поглавје. Фуснотата бр.101 гласи вака: „ Ван Хелсинг коментира колку добро Мина се вклопува во викторијанскиот идеал за жената, за разлика од Луси, која ги игнорира нејзините обврски кон викторијанското општество за да си ги задоволи своите сексуални нагони.“ Низ целата книга, на неколку други места може да се сретнат вакви забелешки на преведувачот кои совршено прикажуваат дека може да се добие впечаток дека преведувачот ја потценува интелигенцијата на читателите и нивната способност да го разберат текстот што го читаат. Сепак, кога се работи за присуството на забелешки на преведувачот, станува збор за личен вкус - на некои читатели тоа ќе им се допадне, додека пак на други нема. Според мене, деталните забелешки кои подлабоко ја објаснуваат содржината на книгата повеќе припаѓаат во лектири и изданија за образовна обработка, но не и во книгите кои ги читаме за задоволство бидејќи често го одвлекуваат вниманието од самата приказна.

Кога станува збор за самиот превод, имам минимални забелешки во однос на некои зборови за кои сметам дека се погрешно преведени или едноставно преводот не звучи природно на македонски.
Првата забелешка се однесува на “eggplant stuffed with forcemeat” на македонски преведено како „ домат полн со мелено месо“, каде што искористен е зборот „домат“ наместо „модар патлиџан“. Се работи за минимална грешка што суштински не менува ништо во книгата.
Понатаму, зборот “disturbed” е преведен како „возбуден“, наместо „вознемирен“, што во контекстот на реченицата “I grew dreadfully afraid, and the horses shared my fear; but the driver was not in the least disturbed.” има повеќе смисла.
.jpg)
Сакав да го спомнам преводот на реченицата “I discovered that I was half famished with hunger” бидејќи ми се допадна решението за “ half famished with hunger”, и тогаш забележав дека наидуваме на буквален превод на зборот “discovered” - „Открив дека сум мртов гладен“. Тука, зборот „сфатив“ би бил посоодветен од „открив“ бидејќи во овој контекст употребата на зборот „сфатив“ доаѓа поприродно отколку зборот „открив“.
Кога се работи за зборовите “solemn” и “solemnly” забележав дека преведувачот тие два збора секаде ги превел како „свечен“ или „свечено“. Бидејќи тие два збора честопати се употребени во книгата, ќе наведам само два примери.
.jpg)
За реченицата:
“Then he called me back, and when I came he had his hand over the note-book, and he said to me very solemnly:— …”
преводот е „Потоа ме повика и кога дојдов раката му беше положена врз бележникот, а тој многу свечено ми рече:— ...“.
Тука, зборот „сериозно“ повеќе одговара во реченицата отколку зборот „свечено“.
Потоа, во реченицата:
“Sometimes, as the road was cut through the pine woods that seemed in the darkness to be closing down upon us, great masses of greyness, which here and there bestrewed the trees, produced a peculiarly weird and solemn effect, which carried on the thoughts and grim fancies engendered earlier in the evening.”
Преводот во книгата е следниот:
„Понекогаш, бидејќи патот беше пробиен низ борова шума која во темнината како да ни се доближуваше, големо сивило, од кое наместа дрвјата изгледаа расфрлени, даваше злокобен и свечен изглед што ги воскресна мрачните мисли што ми се беа јавиле претходно вечерта.“
Бидејќи буквален превод на зборот “solemn” не е во духот на македонскиот јазик, сметам дека зборот „величествен“ е посоодветен за да се долови атмосферата. Сметав дека преводот на зборовите “majestic” и “magnificent” (синоними за solemn) подобро би го пренеле значењето на “solemn” во овој контекст.
Додека се обидував да најдам соодветен збор како замена за „свечен“, се понесов со преводот и направив и други промени на веќе понудениот превод:
„Понекогаш, бидејќи патот беше пробиен низ борова шума која во темнината како да ни се доближуваше, големо сивило, од кое на места дрвјата изгледаа расфрлени, имаше необично чуден и величествен изглед кој ги бркаше мрачните мисли кои ми произлегоа претходно вечерта.“
Горенаведените се пропусти или грешки и предлози кои сметав дека најмногу вреди да се спомнат, но за среќа не беа многубројни. Искрено можам да кажам дека овој превод е еден од најдобрите преводи на македонски јазик што досега ги имам прочитано. Преведувачот се придржал до формалниот говор на ликовите, како и исклучоците кога се зборува на колоквијален јазик. Атмосферата на книгата е добро пресликана, и при преводот воопшто не е изгубен ефектот на морничавост, мистерија и неизвесност.

Слики: John Coulthart