Богатите расисти не се егзотични животни

31.05.2024 01:03
Богатите расисти не се егзотични животни

Дијагнозата за десното свртување на Европа е дел од аналитичкиот арсенал на секој политички коментатор кој се грижи за репутацијата. Имајќи ги предвид политичко-идеолошките појдовни точки на коментаторите, разликите во пристапот би требало да се однесуваат на причините за таквото свртување. Меѓутоа, покрај варијациите во нагласувањата, повеќето коментатори од целиот политички спектар се сложни во проценката дека главната причина за десното свртување се крие во промената на политичкото расположение на работничката класа. Таа, гласи обаснувањето, се сврте кон десницата (екстремната) зашто наводно веќе нема кој да ја претставува.

Варијациите кај нагласувањата зависат од идеолошката перспектива. Аналитичарите од десницата промената на политичкото расположение ја третираат како своевиден природен феномен, враќање на „обичните луѓе“ кон традицијата. Либералните коментатори, пак, ја нагласуваат нестабилноста на тој дел од гласачката база и нејзината склоност кон екстреми со оглед на наводниот недостаток на (политичко) образование. Кај левицата спорниот феномен се толкува како форма на самокритика: премногу се занимававме со идентитетите, малцинствата и културните прашања, ја занемаривме економијата и ова е очекуван одговор. Оваа поделба на нагласувањата е поедноставена, постојат покомплексни анализи, како и анализи во кои се проткајуваат нагласувањата, но во најголем дел десното свртување се третира како некаков вид реакција на работничката класа, помалку образованите и економски запуштените. Понекогаш реакцијата се толкува како минлив гест на отпор, а понекогаш како подлабоко, тектонско поместување.

Но на сите им е заедничка почетната претпоставка според која шовинистичките, ксенофобните и расистичките политики во современите општества се резервирани исклучиво за работничката класа. И дека политичарите и елитата можат да манипулираат со нив заради стекнување гласови. Небаре цивилизациски сме ги надминале екстремно десните политики и нив сериозно можат да ги сфаќаат само оние кои каскаат по цивилизацискиот напредок, но, ете, истиот тој напредок им овозможил право на глас, па на оние позлобните од оваа страна на цивилизацискиот исчекор им се отворил простор за манипулација. Меѓутоа, голем број истражувања кои ширум Европа се занимавале со движењата на гласовите на работничката класа, како и да е дефинирана, имотно или образовно, сугерираат дека нејзините гласови не оделе најмногу кај десницата туку дека се клучен фактор за зголемувањето на гласачката апстиненција во последните триесетина години.

Покрај таквото, да го наречеме емпириско, оспорување на тезата за исходот, постои уште еден, можеби и посериозен проблем. А се однесува на претпоставката дека расистичките идеологии не можат да бидат „искрени“ и дека припадниците на повисоките класи не им се наклонети, освен можеби некои лудаци. И затоа, и покрај одвратноста на глетката, виралната снимка од Силт, монденското одморалиште на северот од Германија, каде голем број млади богаташи преку нумерата на Џиџи Деагостино го скандира нацистичкиот слоган „Странци надвор, Германија на Германците“, функционира како политичко освежување. Не е првпат да се појавуваат снимки со слична содржина, но нивните актери досега не беа млади Германци од повисоките класи туку вообичаените сомнителни лица, кога се во прашање нацистичките пораки како оние на работничката младина од истокот на земјата. И затоа и изби скандал од огромни размери, зашто падна внимателно чуваната фасада на наводната класна структура на расизмот.

Скандалот од Силт не е важен само за Германија каде ги соголи врежаните гледишта, особено забетонирана во контекст на израелското уништување на Газа и Палестинците, според кои антисемитизмот е увезен заедно со муслиманската работна сила, а домашните варијанти на расизмот се резултат само на политиките на поранешната ДДР на истокот каде „се фатил“ тоталитарниот поглед на светот. Без оглед на тоа што се работи за „минлива шега“, тој ни покажува дека расистичките политики не се резервирани за пониските класи. И дека повисоките класи не се дезинфицирани зашто се однесуваат во склад со рационалностите на капитализмот и наводно на таквото однесување му го должат и општествениот успех, па расизмот, ете, не им треба. Малку нешта ни зборуваат за идеолошкиот момент во кој живееме како реакција на снимката од Силт: луѓето како првпат да видоа богати расисти, небаре станува збор за некакви егзотични животни, а не највообичаена појава во последниве неколку векови.

Расистичките идеологии не се некаква ознака на послабо образование и неразвиена општествена естетика. Се работи за чистокрвни идеологии со транскласна природа. Класните мотиви на таквите идеологии можат да се толкуваат различно, но тие не смеат да се редуцираат на обичен инструмент за искористување на економските кризи. И затоа ни левицата не би требало да се потпира на толкување на расистичките елементи во рамки на работничката класа исклучиво како израз на некаков вид класен бес со погрешен вокабулар. И кои ќе се решат со обично посветување на левицата исклучиво на економијата. Младите богаташи од Силт ги разобличија врежаните перцепции и предрасуди за екстремната десница и великодушно ѝ порачаа на левицата да не се согласува со истата класна оптика со која манипулираат либералите и десницата.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Banksy Street Art

Извор: https://www.bilten.org/

ОкоБоли главаВицФото