Промоција на „Девојчински спомени” од Ани Ерно

31.05.2024 09:20
Промоција на „Девојчински спомени“ од Ани Ерно

Издавачката куќа „Илика” најавува промоција на романот „Девојчински спомени” од француската писателка Ани Ерно, добитничката на Нобеловата награда за литература за 2022 год.

На 1 јуни (сабота), во 19 часот, во кафе-книжарницата „Илика” за книгата ќе разговараат д-р Ирина Талевска и д-р Елисавета Поповска, која е и преведувачка на делото. Разговорот ќе го модерира уредникот на изданието, Ведран Диздаревиќ.

Романот „Девојчински спомени” е прв превод на Ани Ерно на македонски јазик. Во оваа книга авторката, во својот специфичен манир, се навраќа кон лавиринтите на своето минато, овој пат на летото 1958 г. и на доживувањата во едно летно одморалиште. Младата Ани се заљубува во Х. и го има своето прво сексуално искуство по кое следи неочекуван шок: потсмевот од другите, игнорирањето од саканиот, сопствениот срам. Повеќе од 55 години ѝ се потребни на авторката да му се спротивстави на ова сеќавање на срамот создавајќи хибридно дело на (авто)фикција, мемоарски запис и документарна проза што е типично обележје на нејзиното целокупно творештво. „Девојчински спомени” е и многу повеќе од обид за книжевно осмислување и обликување на историјата – тоа е и прекрасна контемплација за страста, сеќавањето, срамот, времето и идентитетот.

ОкоБоли главаВицФото