Промоција на албум на „Пијан Славеј” - „Нудист”

31.05.2024 11:15
Промоција на албум на „Пијан Славеј” - „Нудист”

Во пресрет на 23. издание на OFFest (6-9 јуни), во организација на Скопскиот џез фестивал, ќе се одржи промоција на најновото издание на SJF Records - „Нудист”, втората дискографска објава на „Пијан Славеј”.

Промоцијата ќе се одржи во кафе-книжарницата „Буква”, со почеток во 13 часот, каде што ќе настапат:

Бранислав Николов: вокал, мини електрично пијано

Пеце Трајковски-Брада: гитара, синтисајзер

Гоце Јованоски: бас

Славчо Јовев: тапани

Вториот студиски проект на „Пијан Славеј” се состои од 4 композиции, во вкупно времетраење од 17 минути. Автор на текстовите е Бранислав Николов, а музиката и аранжманите се дело на групата. Песните се снимени, миксани и продуцирани од Ивица Јанкуловски во скопското студио „Алшар”. Дизајнот на омотот е дело на уметникот Владимир Лукаш. Извршен продуцент на изданието е Оливер Белопета.

„Нудист” е концептуален мини-албум кој говори за сложената природа на човекот, за соочувањето со себе и, конечно, за немирот и тивкиот крик. Музиката и звукот се производ на здушниот напор на четворицата музичари кои низ овие впечатливи творби нудат пресек на индивидуалниот сензибилитет и светоглед во сегашната точка на дводецениското заедничко уметничко живеење. Четирите песни од „Нудист” се во срцето на пошироката концертна програма на бендот „Пијан Славеј”, насловена како „нова македонска шансона”.

Покрај физичкото компакт-диск издание, „Нудист” ќе биде достапен, од денес (31 мај), и на сите популарни глобални дигитални платформи и стриминг сервиси (Bandcamp, Spotify, Deezer, Tidal, Apple Music, Youtube...).

ОкоБоли главаВицФото