1016 hPa
87 %
11 °C
Скопје - Пон, 07.10.2024 05:59
Здружението на ликовни критичари „АИКА Македонија” распишува конкурс за истражувачки проект од областа на ликовната критика во нашата држава.
Наградата има за цел да понуди можност за промислување на третманот и позициите на ликовната критика денес и на критичкото пишување за појавите и тенденциите во современите визуелни уметности и теоријата на уметноста.
Недостатокот од пишана критика и потребата од афирмација на критичко делување во контекст на современата уметност, е основниот поттик за овој конкурс. Конкурсот е отворен за проекти кои ликовната критика ќе ја препознаат како практична дисциплина која теориски ја интерпретира тековната уметничка продукција и иницира нејзината артикулација во контекст на современите уметнички продукции.
Наградата го носи името на Ладислав Баришиќ (1941-1991), ликовен критичар и историчар на уметност, кој во рамките на ликовната публицистика беше активен во периодот од 1972 до 1986. Тој е автор на текстови во кои критичарскиот став кон одреден културен настан се одликуваше првенствено со отпор кон априорното мислење својствено за догмите на времето во кое создавал.
Право за учество имаат сите историчари на уметноста, критичари, теоретичари, интердисциплинарни истражувачи и други профили на креативни автори поврзани со ликовните и визуелните уметности во Македонија (освен членовите на У.О. на „АИКА Македонија”). Кандидатите треба да се граѓани на нашата земја или пак странски државјани кои живеат и работат тука повеќе од една година.
Наградата е во висина од 30.000 денари бруто износ, и за неа ќе одлучува трочлено стручно жири.
Конкурсот е отворен од 30 мај и трае до 30 јуни 2024.
Кандидатите треба да достават:
- опис на предложениот проект и методологија на неговата реализација (не повеќе од 1500 збора)
- CV на кандидатот (или доколку станува збор за група истражувачи на сите поединечни членови на истражувањето).
Наградениот проект треба да биде изработен до крајот на декември 2024, пред годишниот симпозиум на „АИКА Македонија” каде наградената реализација ќе биде претставена.
Истражувањето ќе биде објавено на веб порталот на „АИКА” Македонија. Добитникот на наградата ќе биде известен најдоцна до 10 јули, 2024. Материјалите треба да се испратат на следната адреса: aicamacedonia@gmail.com
Проектот се реализира со финансиска поддршка од Министерство за култура на РСМ.