1022 hPa
87 %
8 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 12:59
За Маргина и Окно: Лидија Димковска, Николина Андова Шопова, Дарин Ангеловски, Ана Стојаноска, Тоше Огњанов и Ана Мартиноска.
Лидија Димковска
„Маргина“ за мојата генерација беше и остана првиот учебник по демократизација на слободната мисла и на културата како безграничност на духот среде југословенските безредија. Читајќи ја „Маргина“ беше престиж да се биде „маргиналец“, а објавувајќи во неа уште повеќе.
„Окно“ денес е мојот најомилен портал кој буквално претставува отворен прозорец помеѓу Македонија и светот низ кој струи воздухот на луцидноста, креативноста, рефлексивноста, а и на надежта.
Николина Андова Шопова
30-годишниот јубилеј на списанието „Маргина“ ми делува малку шокантно - зар помина толку време од објавувањето на првиот број? Се сеќавам на возбудата со која низ годиниве го очекував секој нов број, со целосна доверба во изборот на прилози од уредничкиот тим, секогаш знаејќи дека во списанието ме очекува некое ново откритие, содржина која на македонски јазик нема да се појави на ниту едно друго место. „Маргина“ ја донесуваше толку многу потребната свежина во зачмаениот македонски медиумски културен простор, и сè уште го прави тоа, иако со малку поинаква динамика во однос на изминатите години.
Окно, како еден вид логично онлајн продолжение на „Маргина“, веќе петнаесет години го прави македонскиот интернет и воопшто културен простор пожив, пошарен, поосмислен и се спротивставува на сеопштата тривијализација и банализација на медиумите. Периодот од триесет/петнаесет години не е прекраток за да согледаме дека „Маргина“ и Окно веќе имаат култен статус. Се радувам што повремено имав и сè уште ја имам можноста да соработувам со нив.
Дарин Ангеловски
Маргина почна да излегува во 1994, годината кога завршував средно и ја памтам како критички различен и храбар дискурс чиешто појавување совпадна со мигот на носење на храбрите и лични одлуки на мојата генерација. Првата асоцијација за Маргина тогаш ми беше љубопитноста за погледот кон внатре и за оној кон надвор, колку и самата идеја околу којашто растеше и се развиваше не признаваше ниту центар ниту периферија. Кога ќе помислам од оваа историска дистанца би ја опишал како некаков состав на интранет и екстранет или како две во едно. Потоа дојде интернетот и во него никна Окно... Како и да е, зрнцето за кое се сеќавам од пред триесет години израсна во дрвце со игриви сенки по шеталиштата на текстовите и маргините.
Ана Стојаноска
Во еден дел од мојата библиотека, посветен на списанијата кои сум ги читала и собирала низ годините, стојат и повеќето од броевите на списанието „Маргина“. Тој дел од библиотеката има функција да го сведочи растењето, не само моето како читателка и писателка, туку и растењето на она што може да го наречеме тивкото сведоштво на културата која се отелотворувала низ годините. За мене „Маргина“ е првите факултетски денови на катедрата за општа и компаративна книжевност, првите откривања на нестандардните, да не речам субкултурни активности, првите осознавања дека ете сум нашла место и за некои искуства што не се толку поврзани со официјалните, „мејнстрим“ изданија. И кога човек се сеќава, секогаш се потпира на убавите сеќавања, посебно тие што го враќаат кон некои други времиња. „Маргина“ е важна зашто мене ми отвори некои нови светогледи, некои интересни приказни, ме запозна со некои писатели и уметници, воопшто. Но, пред сѐ, ми даде пристап кон слободната мисла. Среќен јубилеј и уште многу години издржливост „Маргина“!
Тоше Огњанов
„Маргина“ се појави во време кога во македонското општество се чувствуваше силен порив за алтернативно културолошко издигнување на една нова генерација која бараше начин да покаже дека може со својата креативност да донесе промени во застоените општествени и државни констелации. Едноставно, да се има „Маргина“ во рака беше „кул“ и значеше дека тој млад човек има свест дека треба да ѝ се даде простор на маргинализираната квалитетна култура и да се застане над кичот и над назадувачката „турбо-фолк“ констелација. „Маргина“ денес уште повеќе му е потребна на македонското општество, да им даде можност на новите млади креативци да покажат дека уште се тука, дека не заминале од ова општество и дека имаат сила да се спротивстават на културолошкото уназадување кое, за жал, завлезе длабоко во македонското секојдневие.
Ана Мартиноска
Маргина почна да излегува кога бев студентка по книжевност. Наспроти крутите студиски курикулуми и неретко здодевните предавања, ова списание не само што ги задоволуваше нашите младешки љубопитства, ги раскрилуваше нашите хоризонти, ни нудеше инакви перспективи и не провоцираше, туку и го доживувавме како учебник над учебниците. Во Маргина ми беа и првите лекции по феминизам, кои испровоцираа една ангажирана семинарска за југословенските писателки, која не помина баш најдобро кај хард-кор конзервите на катедрата, но која значително го одреди мојот, до денес нестивнат, интерес за родовите студии. Никогаш нема да заборавам кога првпат ја читав Дубравка Угрешиќ!
Таа првична фасцинација низ годините стана трајна потреба да се впива секоја новина од локалната и глобалната сцена, постојано да се чита некој нов, непознат автор, критички да се промислува културата и современото живеење, да се осознава, да се расте, да се бунтува...
Подоцна дојде и Окно како нејзин природен продолжеток, како мала, интимна училница за култура и уметност, во која се чувствуваме будни и возбудени, тврдоглава точка на отпор со која им пркосиме на каноните.
Да ги славиме маргините уште 30 години!