Комшиlook во Железара

31.05.2024 15:45
Комшиlook во Железара

На 1 јуни (сабота) со почеток во 18 часот, на улица Коце Металец 1, во населба Железара ќе се одржи Комшиlook, настан кој претставува уникатен приказ на уметност, музика, театар, претстави и изложби.

Мисијата на Комшиlook е поттикнување емпатија, разбирање и социјална кохезија преку моќта на уметноста и културата. Комшиlook се стреми да негува глобална заедница каде што да се биде добар сосед е синоним за да се биде одговорен граѓанин и секој поединец, инспириран од креативното изразување, станува активен учесник во поттикнувањето емпатија, разбирање и социјална кохезија.

„Нашите неверојатни соседи се подготвуваат за да ги претворат балконите, скалите, влезовите и гаражите во живописни сцени за креативност и поврзување! Но, тоа не е се! Уживајте во извонредните уметнички инсталации, вклучете се во интерактивните работилници и препуштете се во вкусовите на кулинарските задоволства во нашето соседство. Затоа, дојдете и бидете дел од нешто навистина посебно! Ајде заедно да ги претвориме запуштените простори во активни културни центри!“, велат организаторите.

На настанот ќе учествуваат камерниот оркестар Fames Project – Orchestral Music Recording, групата Алембик со свој музички перформанс, студентите од програмата за модерни танци на Универзитетот Гоце Делчев со свој танцов перформанс. Посетителите ќе можат да уживаат и во изложбата на Христина Зафировска како и во просторната инсталација на Борис Петровски.

Влезот на настанот е слободен. Целосната програма можете да ја видите овде.

ОкоБоли главаВицФото