Ем вмровчиња, ем мангупчиња: Ќе го почитувале словото на Преспанскиот договор, ама не и духот

31.05.2024 16:07
Ем вмровчиња, ем мангупчиња: Ќе го почитувале словото на Преспанскиот договор, ама не и духот

Неколку работи од сторијата на дописникот на грчкиот медиум „То Вима“ од Вашингтон (Стејт Департментот на САД не го испрати писмото со честитки за првата жена претседател на Северна Македонија) се совпаѓаат со однесувањето и постапките на ново државно лидерство претставено во првенците на ВМРО-ДПМНЕ..

Прво, дописникот на „То Вима“ е брифиран за одредена загриженост на Вашингтон „дека заложбите на ВМРО-ДПМНЕ за европски пат немаат јасна гаранција за употребата на уставното име. Аналитичарите стравуваат дека ова прашање за името, длабоко поврзано со идентитетот на партијата, може да претставува значителни предизвици“.

Дека Американците во Стејт Департмент многу добро го „прочитале“ однесувањето по ова прашање на новата претседателка и најавата на идниот премиер дека и тој ќе го следи нејзиниот пример, говори и постапката на Сиљановска-Давкова во Ватикан каде што положи венец на спомен плочата на Светите браќа Кирил и Методиј без името на државата што ја претставува, односно Северна Македонија.

По молкот од неколку дена, во изјава за медиумите Гордана Сиљановска-Давкова рече дека таа го почитува Преспанскиот договор, но дека верува и во слободата на изразување.

Овој став за користењето на уставното име на државата се повторува и, очигледно, станува јасна синтагма за првенците на ВМРО-ДПМНЕ, а тоа го потврди и Антонио Милошоски кој рече: „Ќе ја почитуваме новата реалност, но каде што може, ќе го користиме името Македонија“.

На оваа негова позиција претходеше експликација според која „секој политичар, како и претседателката Силјановска Давкова и Христијан Мицкоски (да) се трудат да најдат баланс помеѓу почитувањето на она што мора да се почитува и наоѓањето на начин како со користење на терминот Македонија и користење на слободата на говорот, како принципиелно човеково право без разлика дали е некој премиер или е на друга позиција, да може на некој начин да се залекува или да се зачува достоинството кое што ѝ беше одземено на државата“.

Од овие ставови произлегува и очекувањето на Американците, како што пренесува „То Вима“, „дека новата влада може да се усогласи со словото на Договорот од Преспа, а притоа да го занемари неговиот дух во јавниот дискурс“.

И сега, за да бидат работите појасни, да видиме што претставува „духот на Договорот од Преспа“ за да не биде „мртво слово на хартија“ кое што од ВМРО-ДПМНЕ сакаат да го почитуваат.

Како прво, од држава со многу проблеми и лоши односи со сите соседи, со Договорот од Преспа Северна Македонија стана земја којашто ги решава проблемите. Која што беше проактивна во создавањето нови односи со соседите. Понудивме рака на соработкаа за нов Балкан достоен за 21век, кој треба(ше) да ги остави старите кавги во историјата.

Сега го поништивме сето тоа.

Добиваме кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет. Македонци, македонец, македонка, македонско. Како дома, така и во странство. Преведено без ограничувања на сите јазици во светот. Идентитет ерга омнес. Грција го призна нашиот идентитет. Јазикот се користи слободно секаде, во ОН, НАТО, ЕУ, во сите официјални институции, активности и настани.

Сега излегува дека мангупски го изигруваме сто тоа. Ем вмровчиња, ем мангупчиња: Ќе го почитувале словото на Преспанскиот договор, ама не и духот.

Ајде да видиме што има друго во духот на Договорот од Преспа.

Добивме нов пријател, кој до „вчера“ ни беше најголем непријател. Започнавме да градиме пријателство со Грција и тие станаа наши поддржувачи, партнери и сојузници. Истрасиравме пат за заедничко стратешко партнерство. Добивме јасна перспектива и можности за развој што е од суштинска важност за нашата економија. Добивме поголем пристап и можности за користење на ЕУ фондови.

И сега, ние сме тие што ги враќаат бариерите. Зошто?

Духот на Преспа е придобивката Северна Македонија да биде рамноправна членка во НАТО и со отворањето на преговорите да биде и членка на ЕУ. Да седиме рамо до рамо со најсилните и најразвиените. Шанса за младите луѓе да бидат еднакви со нивните врсници во ЕУ. Можност за развој дома и просперитет за сите. Да ја носиме Европа тука и да создаваме можности за младите дома.

Ете зошто Американците, нашите стратешки пратнери, веднаш после инаугирацијата на новата претседателка предупредија и инсистираа на тоа дека “очекуваат Северна Македонија да го одржи овој дух и јавниот дискурс да остане базиран на факти и вкоренет во посветеноста на иднината на Северна Македонија во ЕУ“.

И затоа писмото со честитки за изборот на првата жена претседател на Северна Македонија остана во фиоката на државниот секретар Ентони Блинкен.

Тоа по автоматизам повлече американската дипломатија да го спушти многу пониско нивото на комуникација со новите власти во Северна Македонија како стратегија која има за цел да ѝ даде време на новата влада постепено да се оддалечи од својата предизборна реторика за прашањето за уставното име.

Нема никакво сомневање дека САД внимателно ги следат собитијата во нашата земја и рефлексиите од нив во соседството, иако во овој момент ја применуваат тактиката „да сме живи и здрави, па да видиме“.

Како и да е, наместо мирна транзиција со новата власт, особено по најважните стратешки прашања како што се евроинтеграциските процеси и добрососедските односи и наместо да ја искористи моменталната предност на геостратегиските околности, новото државно лидерство, продолжува за сметка на сопствениот рејтинг да го руши рејтингот на нашата земја во меѓународните односи.

Можеби некој треба да им нацрта на табла „Изборите завршија“ и одоздола „Одамна“ подвлечено со две црти?!?

Слики: Свирачиња

Извор: https://racin.mk/