1020 hPa
82 %

13 °C
Скопје - Вто, 25.03.2025 06:59
„Бела Сама”, Виолета Танчева – Златева, „Три”
Еве го, мавта со рацете како будала идејќи по сокакот откај Илко, сам си зборува. Пак ќе ми ја јаде душата за куќата, пак ќе ме убедува оти и мене ми се полага дел од неа. Што сум ти згрешила толку, Господи, та вака да ме мачиш... со овој човек што треба најблизок да ми е, а не најцрн душман.
Тропа усилено на простирката пред вратата, не баре кило кал има налепено на чизмите. Тропа и мрмори. Фучи. Пцуе. Потоа влегува и ја треснува вратата зад себе, за да каже дека дошол. Како мене во стомакот да ме треснува. Отпивам голтка вода и го поклопувам тенџерето.
Наврапито влегува во кујната, му го слушам забревтаното дишење зад мене.
– Завршивте за денес? – се вртам кон неговото вцрвенето лице и со напор го погледнувам. Очите му искрат, ама само го криви лицето. – Или пак ќе одиш после ручекот?
– Не стапнувам веќе таму – прошепотува збор по збор, а од секој капе отров.
– Оти, Трајко? Да не се спречкавте за нешто? – се трудам гласот да ми остане мирен, а внатре ме пече отровот негов.
– Доста ги гледав како се перчат... како само нивно да е – продолжува со отровниот шепот.
– Оти како? – се правам на три и пол.
– И ти имаш дел!
– Јас веќе си го зедов делот.
– Мајката?! – го повишува гласот и ја криви главата.
– Ни ја направија куќата...
– Јас со овие раце работев барабар со мајсторите! – ми се вдава оџагарен, мислиш со очи ќе ме изеде.
Не знам од каде ми доаѓа сила да ја отворам устата, да му вратам.
– Тате ти даде пари да го купиш материјалот... и да ги платиш мајсторите – му велам тивко.
Збива низ отворената уста и ги стиска тупаниците. Како да сака да ме удри, да ме залепи за ѕидот зад мене.
– А татко ти... кој го догледа, а? Јас го догледав, јас! – се чука во градите. – И исплатив сѐ што ни даде, та дури и преплатив!
Чека да кажам нешто, но мене грутка ми стои во гркланот и ни нагоре сака ни надолу. Очите ми се полнат со солзи кога ми текнува оти последните месеци го преселивме од куќата во одајчено на крајот од дворот, оти смрдел на старо, труел на смрт. Како јабанџија да е, а не родител.
– Го фрливме како куче во летната кујна – конечно успевам да изустам со стегнато грло.
– Па што не го зедоа брат ти и снаа ти туку нас ни го тупосаа! Или во градот не сакаат старци, а?
Не ја заушувам таа негова стара песна. Наместо тоа, го потсетувам со стегнато грло, небаре тој не знае:
– Колку ниви ни даде...
– Најјаловите! – прочкртува низ стиснати заби и ја крева раката.
Замижувам и ги стиснувам очите...
Во тој миг се отвора вратата и го слушам распеаниот глас на Маја:
– Добар деееен! Губевме еден час!
Удира со тупаница во ѕидот зад мене и крвнички ме погледнува. Ме вчипчува со палецот и показалецот за лицето и толку силно ме стиснува што ми ја расчепува устата.
– Многу ти знае муцката, ама ќе ти ја скршам некој ден – жестоко прошепотува внесувајќи ми се в лице. Потоа нагло ме пушта и излегува од кујната.
***
„Рок на траење”, Марија Трифуновска Тасеска, „Восток”
Димитар и Елена, на дваесет и осми јули ги добија близнаците, Јован и Петар. Близнаците Јован и Петар, освен што имињата ги беа наследиле од своите двајца дедовци, друго слично ништо немаа.Како физички, така и духовно, се разликуваа како црното и белото, како плима и осека. Јован го беше наследил името од таткото на Елена, како и сите други уметнички особини од таа фамилија. А, Петар па, наследил сѐ од страната на својот татко од кој не се оддели. Беше миленикот на Димитар и во него имаше голема надеж. А Јован сосема беше запоставен, како и Елена која во тој миг изгледаше дека била само алатка на Димитар за искачување погоре во очите на другите. Во секое општество, и некогаш и денес, а и веројатно и засекогаш, има непишани критериуми што мора да се исполнат за некој да се нарекува себеси успешен, додека другите зад грб му ги осудуваат сите постапки и го етикетираат како полош од нив.
Така и во една дамнешна Битола, во тоа време, Димитар имаше речиси сѐ. Беше згоден, млад, од богато (материјално) семејство и образован човек. Му недостасуваше уште една ситница за да може да се качи на највисоката скала, а тоа беше добра (според критериумите на тогашното општество) сопруга. По неколку седмици поминати во анализи и пресметки, семејството на Димитар ја одбра Елена како сопругата што одговараше на тој калап. И така бидна, се пресмета и местото и времето, а богами и зборовите кои излегоа од устата на Димитар во мигот кога се запозна со Елена. Тие пресметани средби продолжија уште некое време и за брзо срцето на Елена, според Димитар, беше веќе засекогаш покорено, а според Еелена беше освоено од принцот кој секоја би го посакала. Откако се родија нивните синови, Петар беше тој кој ја презеде главната улога и стана најбитниот инструмент на Димитар за да ја задржи титулата успешен во општеството. А бидејќи Јован немаша интерес за политиката, за Петар претставуваше големо разочарување.Го остави да расти со мајка му и ја предупредуваше да го наговори да престане да црта и да почне со политика и бизнис бидејќи со цртањето немало да заработува пари. А всушност, вистината беше дека Димитар за прв пат во животот имаше средба со стравот.За Димитар стравот беше едно големо чудовиште со црни очи од кои извираше прекорот на татко му. Димитар почна длабоко во себе да се плаши дека Јован ќе биде првиот што ќе добие трон на разочарување, а со тоа Димитар би бил уште поголемо разочарување и од Јован. Ако дозволи Јован да го разочара семејството, тогаш Димитар веќе нема да биде гордоста на татко и ќе испадне неспособен да го задржи кормилото на бродот исправено. Не можејќи да го натера Јован да ги следи неговите стапки, почна едноставно да го игнорира и да се однесува како воопшто да не постои, како што правеше претходно и со љубовта кон Елена. На овој начин си мислеше дека ќе направи да исчезне навистина и нема веќе да му биде никаква пречка. Се посвети целосно, дури можеби и повеќе од целосно, на другиот син –Петар, кој ветуваше дури и многу повеќе од него бидејќи немаше ништо што би можело да му создаде пукнатина. Петар, според Димитар, беше совршен за семејството во кое се роди и беше решен да се погрижи таков и да остане и да ги прикрие недостатоците на својот татко - Димитар.
И така, времето си ја извршуваше својата задача, си врвеше, и миговите се претвораа во минато дури да трепнеш. Годишните времиња се менуваа, лисјата од дрвјата пожолтуваа и паѓаа, за потоа повторно да се родат и да растат. Изгледаше како светот постојано да се менува, само намерите на Димитар и Елена остануваа исти, непроменети, цели седумнаесет години.
„Окно” во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски” и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2023 година. Претходните извадоци прочитајте ги овде.