1008 hPa
93 %
7 °C
Скопје - Пон, 09.02.2026 23:59

Напредокот на технологијата ја отвора вратата за нови можности за лицата со оштетен вид. Тимот истражувачи од Универзитетот во Фрајбург, предводени од д-р Марија Асплунд, развиле минијатурен мозочен имплант за вид, опремен со електроди со големина на неврон, кој би можел на слепите луѓе да им даде надеж дека повторно ќе можат да гледаат.
Имплантите за вид се присутни во медицината уште од средината на деведесеттите години на минатиот век, но претходните методи наидоа на ограничувања поради големината на електродите и металната корозија.
Иновацијата во новите мозочни импланти лежи во микроскопските електроди кои овозможуваат вградување на голем број електроди на еден имплант. Тоа овозможува подетална стимулација на мозокот, создавајќи појасна слика за пациентите.
Важноста на деталите е клучна, бидејќи сликата што мозокот ја создава преку овие сигнали не е толку остра како кај личност со неоштетен вид. Исто така, имплантот користи специјална мешавина од материјали на база на полимер која спречува корозија и на тој начин ја продолжува трајноста и функционалноста.
„Сега знаеме дека е можно да се направат електроди мали како неврон (нервна клетка) и да се одржи оваа електрода за да може ефикасно да работи во мозокот долго време“, вели Марија Асплунд, водичка на проектот и коавтор на студијата, која е предводник на истражувачката група за Биоелектронска микротехнологија на универзитетот во Фрајбург.
„Следниот чекор ќе биде создавање имплант кој ќе може да се поврзе со илјадници електроди“, додава таа.
Според истражувањата, овој нов пристап ветува долговечност и ефикасност. Првичните тестови спроведени на глувци покажале дека мозочниот имплант може ефикасно да ја стимулира визуелната перцепција користејќи минимална количина на електрична енергија.
Напредокот на полето на невротехнологијата ветува револуционерен напредок во третманот на различни невролошки состојби, вклучувајќи ги и оние кои досега биле невозможни или тешки за лекување, како што се разни оштетувања на слухот и Алцхајмерова болест.
Извор: https://benchmark.rs