1029 hPa
80 %

-4 °C
Скопје - Сре, 12.02.2025 02:59
Денес се одбележуваат 100 години од смртта на Кафка, 3 јуни 1924.
Утрото кога требаше да заминеме, сакав само уште да појдам на плажа со Кафка. Но, тој не ги носеше своите шорцеви за капење и, како што можев да насетам, не беше нешто многу запознаен со разбрануваното море. На крајот на краиштата, Бохемија не беше на море. Наместо тоа, тој предложи да ги посетиме гробиштата, што се чинеше несоодветно со оглед на постојаното влошување на неговата здравствена состојба, кое веќе покажуваше знаци на смртоносен исход, но со оглед на неговата личност и на неговите сознанија за себеси, сепак, се чинеше убедливо.
Па, така, зедовме при рака една мапа на градот за да ги препознаеме оние острови чии површини се начичкани со типични крвчиња, кои картографски неизбежно означуваат гробишта. Само што, таков остров не можеше да се воочи, дури ниту со внимателен преглед, ниту со помош на лупата што Кафка секогаш ја носеше со себе. Затоа предложив да појдам до најблиското туристичко биро и да добијам информации оттаму, што се чинеше лесно изводливо бидејќи веќе најдовме и консултиравме едно вакво веднаш до нашиот хотел кога пристигнавме.
Меѓутоа, човекот на шалтерот не сакаше да нè разбере кога прашавме за гробиштата, нè гледаше услужливо, но ништо помалку беспомошно. Без понатамошно одложување, Кафка го повлече кон себе блокчето за пишување што лежеше таму, го извлече своето наливперо и се обиде на него да нацрта ковчег или гробно место. Не можам да кажам дали тоа се должеше на нетрпеливост или раката веќе му трепереше од телесното распаѓање, но дамките од мастилото што ги произнесе повеќе личеа на Роршахов тест или на долгонога црна фигура што јури по еден гавран. Кога веќе моравме да сфатиме дека и овој обид за објаснување на нашето барање пропадна, Кафка одеднаш и многу неочекувано се фрли на подот, ги склопи дланките, ја наведна главата настрана и го пушти јазикот да му исплази. Овој опис на гробиштата толку силно го насмеа што си го гризна јазикот, а кога повторно стана, на усната имаше мала капка крв.
Ефектот од оваа замисла, сепак, изгледаше одличен и успешен, особено што службеникот почна да кимнува со главата и сега, со ведар, речиси насмеан израз на лицето, нацрта план по кој ја означи рутата по која требаше да одиме. Му се заблагодарив и излегов со сè уште раскикотениот Кафка од туристичкото биро.
Бидејќи сè уште имавме доволно време пред нашето заминување, пропешачивме неколку километри до посоченото место, прво надвор од самиот град, низ предградието, и на крајот покрај нивите и пасиштата во правец на брегот. Ова беше, како што дознав од водичите, стрмна и удолна отцепена земјена маса чии бели карпи беа надалеку видливи и познати од Атлантикот, доколку сакате да се приземјите оттаму со брод или сте навистина храбар пливач.
Како што се приближувавме преку зелените ливади кон ова урнисување на копното во морето, прво забележавме мравјолики карвани што се движеа во далечината. Ама колку само се зачудивме кога сфативме дека тие мравки се всушност луѓе со колички, кои не носеа ништо друго, освен трупови до карпите и преку нив ги фрлаа во морето. Тоа беше долга поворка, чиј почеток не можеше да се догледа и се чинеше необјасниво како сите овие мртви дошле од едно гратче во кое ниту се случил масакр, ниту, пак, избувнала чума.
Стоевме вкочанети неколку мигa, но Кафка тргна напред кон оваа чудна претстава, зашто сè уште бевме предалеку од секаква сигурност.
И навистина, во железните корита на количките лежеа мажи и жени, старци и деца, доенчиња на кои уште не им беше паднала папочната врвца, жилави младичи со скршени екстремитети и старци на кои само коските им се гледаа на пожолтената кожа. И сите беа, еден по друг, фрлани удолу по растрошената карпа по чие последно патување, морската пена и надојдените бранови ги однишаа во синилото. Целата оваа постапка беше проследена со веселото церење на работниците.
На наше запрепастување, јас и Кафка не воочивме дека и нашето присуство беше забележано, а набргу околу нас се создаде љубопитен полукруг. Спротивно од она што можеше да се очекува, заоблените, жабести и мрачни лица не изгледаа растревожени, тажни или измачени, напротив, се чинеше дека им е тешко да ја потиснат смеата. Кафка, кој сега очајнички сакаше да дознае за што станува збор во овој чуден ритуал, ги опсипуваше мажите со порој од прашања, што тој учтиво ги формулираше и нумерираше заради редослед. Со секое прашање, подбивните насмевки на луѓето се рашируваа, а ние не добивме ниту еден одговор. Во даден миг, тие, всушност, почнаа да се смеат на сиот глас, а видовме и дека беа растоварени од секаков одговор бидејќи од речиси беззабите муцки им недостигаше јазик.
Очите на Кафка набабреа, му станаа речиси покрупни од неговата сега веќе омршавена глава, и свртувајќи се енергично, тој го напушти овој собир и замина кон внатрешноста. Набргу го стигнав, затоа што ниту мене не ми се допаѓаше ова друштво, и така тргнавме молчешкум еден покрај друг по тесната патека по која дојдовме. По неколку долги минути Кафка ја подигна главата, ме погледна и рече: „Никој нема да поверува во оваа приказна. Но, барем бевме на плажа.“
Тоа беа последните зборови што ги чув од него. Во тишина се одвезовме до аеродромот, во тишина пристигнавме во Виена. Оттаму, како што дознав подоцна, Кафка заминал директно во санаториумот во Кирлинг, каде што неколку седмици подоцна починал.
Дали во неговите ракописи постои опис на ова патување, никогаш не се обидов да дознаам.
Илустрации: Kitty Kahane
Превод: Марија Гиревска
Извор за текстот: Кога сум сам, третиот ми пречи (Wenn ich alleine bin, stört jeder Dritte nur), раскази, двојазично издание (напоредно на германски и македонски јазик), 2024. Книгата може да се најде во книжарниците Антолог, Буква, Или-Или, Илика и Полица.