1030 hPa
60 %

3 °C
Скопје - Сре, 12.02.2025 09:59
Инфантилизирани и интелектуално декапацитирани политички елити повторно го милитаризираат и го туркаат во самоуништување европскиот континент како што тоа го правеа пред 110 години, пред Првата светска војна. Но, овој пат заканата од нуклеарен холокауст се однесува на целата планета, не само затоа што полудените елити го ескалираат засега индиректниот судир помеѓу најмоќните нуклеарни воени сили, туку и поради тоа што и милитаризацијата на планетата, можеби не баш исто колку и нуклеарниот армагедон, сурово и несопирливо ја уназадува климатската состојба на планетата и ја турка преку работ на амбисот на нејзиното неповратно затоплување.
Денешната состојба е пострашна дури и од досега најрискантната нуклеарна криза, таканаречената Кубанска криза од 1962 година. Тоа е така затоа што во она време, во самиот врв на Студената војна помеѓу суперсилите САД и СССР, политичките лидери беа одговорни и возрасни луѓе, и беа учесници и сведоци на најкрвавата од сите војни, луѓе во чиишто носови се беше втиснал трајно мирисот на печеното човечко месо од Аушвиц, Треблинка, Сталинград, Дрезден и Лајпциг, Хирошима и Нагасаки.
А за тоа како се одвиваше Кубанската криза, на заострените воени копја на двете сили, но и зад завесите на Кремљ и Белата куќа, живописно пишува Монтефјори во неговата семејна историја на светот. Елем, по неуспешната инвазија на Куба во Заливот на свињите, во организација на ЦИА, Куба и режимот на Фидел Кастро беа во егзистенцијална загроза. А бидејќи Американците во тајност тукушто беа поставиле нуклеарни ракети во Турција, на самата граница на СССР, Хрушчов реши да постави балистички нуклеарни проектили на Куба, со што ќе ѝ гарантира на карипската земја безбедност и „ќе го изедначи распоредот на моќта“ меѓу суперсилите.
Пред тајното монтирање на лансирните рампи и проектили да започне во август 1962, во месец јули во Москва допатуваа Раул Кастро и Че Гевара за да се уверат какви мерки СССР предвидува доколку тајната операција биде откриена од Американците пред ракетите да станат оперативни. Хрушчов самоуверено им одговори: „Немајте гајле, нема да има голема реакција“ и подоцна се фалел дека „ќе го зграпчи Кенеди за јајца и ќе го натера да преговара“ и дека „Кенеди ќе се научи на реата на нуклеарните проектили“ како што тоа селанинот го прави кога пред зима ја воведува козата во куќата и се навикнува на смрдеата.
Во средината на октомври, меѓутоа, американски шпионски авион успеа да ги сними рампите и ракетите на Куба, што ја фрли Белата куќа во хистерична предвоена грозница. „Не може он тоа мене да ми го прави“ врескал Кенеди, нарекувајќи го Хрушчов „посран лажго“ и „неморален бандит“. По тешки и долги консултации со владата и генералите, во кои се расправало за различни варијанти на американската реакција, кои вклучувале и планови за нуклеарна војна со СССР, Кенеди се одлучи за најразумната и најздржаната од сите – но не и помалку рискантна: за поморска блокада на кубанскиот остров и со бродовите на американската воена морнарица недозволување на конвојот советски бродови натоварен со нуклеарни проектили да пристигне на Куба.
Судирот на советскиот конвој со воените бродови од американската поморска блокада ја доведе планетата до самиот раб од термонуклеарна провалија. Хрушчов скокаше од бес на состаноците со Политбирото во Кремљ и, удирајќи со ногата од патосот пискаше: „Ќе ја згмечам таа змија“, мислејќи на Кенеди и нарекувајќи го „милионерска курва“. Сепак, бил исцрпувачки загрижен кога заклучил дека „ова може да прерасне во војна од огромни размери“ и ја подигнал боевата готовност на највисоко ниво, давајќи им наредба на воените команданти „во почетокот да сторат сè што е можно пред да го употребат атомското оружје“.
Меѓутоа, кога утредента сознал дека Кенеди го наредил највисокиот степен на боева готовност и ги евакуирал сопругата Жаклина и децата вон Вашингтон, во безбеден средепланински бункер, Хрушчов му напишал грозничаво писмо на Кенеди со скица за преговори кои ќе го спасат светот од нуклеарно уништување. Кенеди го испрати брата си Боби кај рускиот амбасадор во Вашингтон во тајни и супернапнати преговори. Преговорите завршија со спогодба Советите да го повлечат нуклеарното оружје од Куба, а за возврат Американците ќе ја гарантираат кубанската безбедност и тајно – без да се резилат пред американската военохушкачка јавност – ќе ги повлечат проектилите лоцирани во Турција. Хрушчов ги наговорил членовите на Политбирото да го прифатат договорот со Кенеди, со зборовите: „Мораме да се повлечеме, за да го спасиме човештвото“.
Веднаш по спогодбата лидерите ја навестија потребата од ограничување на нуклеарното оружје и ја отворија „жешката линија“ помеѓу Кремљ и Белата куќа, за да обезбедат отворен канал за меѓусебна комуникација, со кој, пак, ќе се гарантира одбегнувањето на идните недоразбирања помеѓу суперсилите. А, оваа зрела одлука, овој договор помеѓу лидерите на двата спротивставени блока што го спаси светот, Кенеди ја донел под влијание на историската анализа на почетокот на Првата светска војна во книгата „Августовските топови“ од историчарката Барбара Такман. Читајќи ја историјата на малоумното втурнување во дотогаш најголемата кланица во историјата, во Големата војна, тој го сфатил разорното влијание врз заслепените и инфантилизирани мозоци на императорите. Запишано е дека за лидерите на империите рекол како тие „некако упаднале во таа војна, (…) благодарејќи ѝ на нивната глупост, поединечни карактери, недоразбирања и личните комплекси на пониска или повисока вредност“.
Но, денешните лидери не читаат ништо што е подолго од 140 карактери, а и тоа малку само доколку стасува од нивните истомисленици. Поради тоа, додека лидерите во време на Кубанската криза беа до коскената срж уплашени од нуклеарниот судир на суперсилите, нашите денешни дибеци – без оглед на нивниот пол и возраст – сите со мозоци на пубертетлии, ја ескалираат војната во Украина, не грижејќи се ниту за судбината на континентот, а уште помалку за стотиците илјади загинати Украинци и Руси. Нивните детски мозоци не можат да ја согледаат реалноста, и слепо ја ескалираат војната со цел да ја пренесат на руска територија, заблудено сметајќи дека Русија блефира и дека никогаш нема да го употреби својот нуклеарен арсенал без оглед колку ќе почувствува дека се наоѓа во егзистенцијална загроза.
Тие немаат страв од нуклеарниот холокауст исто како што немаат грижа за судбината на човештвото, и, како и сите когнитивно ослепени глупаци, јавно се гордеат со своето сеуништувачко „јунаштво“. Но, немањето страв не значи само дека се нема почит кон човечкиот живот, туку дека недостасува и мозок за согледување на фактите на реалноста. Ако важи циничниот исказ на Де Гол дека постојат само две движечки сили за човечкото делување – стравот и суетата, при што во опасноста работи стравот, а во спокојот суетата, лидерите на слободниот свет неспособни да ја согледаат опасноста се движени единствено од нивната детска суета. Затоа лудаците секој повик за мир денес го сметаат за предавство, и полни со гордост за своето јунаштво го предизвикуваат мирисот на човечкото печено месо да се рашири по целиот континент.
Графики: Max Beckmann; циклус „Пекол“, 1918/19
Извор за текстот: Слободен печат