1012 hPa
100 %
16 °C
Скопје - Саб, 05.10.2024 07:59
Во Социјалниот центар „Дуња”, утре, 5 јуни (среда), со почеток во 20 часот ќе се одржи проекција на документарецот „Митот на рециклирањето” (2022) на Том Кастело и Бенедикт Вермтер.
На Светскиот ден на животната средина ќе се осврнеме на пластичната поплава што ни се случува и во која имаме удел, како и на механизмите преку кои капиталот ја држи под контрола екстракцијата на профит, создавајќи енормен еколошки проблем.
Меѓу тие механизми е пи-арот со рециклирањето, вршењето енормна пропаганда за да им се смири совеста на луѓето дека можат со мирна совест да создаваат енормни количества ѓубре од пластика, додека безгрижно потрошуваат, бидејќи сето тоа пластично ѓубре – ќе се рециклира. При тоа, во контејнерот се фрла и основниот еколошки принцип „редуцирај – реупотреби – рециклирај” и се шири бесрамната пропаганда дека да се биде еколошки свесен доволно било само да се селектира („рециклира”).
Реалноста е поинаква. Додека стаклото, на пример, може да се рециклира неограничен број пати, пластиките можат да се рециклираат максимум двапати. И не само тоа. Дури и ако некоја пластика теоретски може да се рециклира, таа најчесто нема да се рециклира, бидејќи економски поисплатливо им е на компаниите за пластика да користат нова пластика наместо рециклирана.
Документарецот „Митот на рециклирањето” (2022) на Том Кастело и Бенедикт Вермтер разобличува некои од многуте пропаганди на пластичната индустрија. Тој го поставува прашањето: ако рециклирањето е решението, зошто тогаш денес се произведуваат нови пластики повеќе од кога и да е претходно? Дали не е рециклирањето пластики една голема зелена лага? Документарецот се фокусира на индустријата што повеќе сака да го скрие проблемот отколку да го реши, при што пластичното ѓубре во огромни количини се извезува во странство, создавајќи поволна клима за создавање криминални мрежи што вртат поголем профит дури и од нелегалната трговија со луѓе.