Бујрум дечки!

04.06.2024 12:26
Бујрум дечки!

 

Преземено од Дојче Веле

 

Не престанува да ме изненадува лаконската леснотија со која поголемите македонски партии живеат во балон на сопствената реалност, целосно одвоени од објективната вистина и надворешниот свет. Дотолку повеќе што таквата, напати шизофрена, дискрепанција, раѓа патолошки синдром на намерно замижување пред очигледната реална состојба, создавајќи општествено-политичка шизма која потоа се реперкуира назад кон електоратот, се разбира низ еманацијата на мантрата на истите политички партии, и раѓа девастиран, биполарен електорат, без никаква шанса за општествена еманципација.

Таквиот морбиден маѓепсан круг креира совршена повратна спрега: што попопулистички партии, тоа порудиментиран, атавистички електорат, кој не бара никаква испорака освен празно удирање во гради. Што помалку реална испорака е потребна, тоа удирањето во гради станува посилно, и така во недоглед. Така, живеејќи исклучиво во светот на сопствените празни изјави, без никаква обврска или амбиција тие да имаат допир со реалноста, политичарите имаат совршена состојба: не гледај што правам, слушај што зборувам. Тоа понатаму ескалира дотаму, што, потоа, хартијата почнува да трпи сѐ – ослободени од обврските да „слетаат“ во вистинскиот свет, изјавите се дујат како меури од сапуница, растегајќи се до огромни, фантазмагорични размери. Безмалку секоја политичка изјава која ја слушнав во последнава недела е целосно неостварлива, но добро звучи на хартија. Затоа, не гледам друг начин за освестување на политичките елити, освен да им порачаме: „Е, па, сега, бујрум дечки!“

Името да го вратите!

Ако ги погледнеме двете поголеми македонски партии, почнувајќи од новата власт, овој повик станува совршена синтагма. Тие веќе од првиот ден, не само што потврдија дека уставните измени „на овој начин“ нема да ги прават, тргнаа и името да го враќаат. Е, па, бујрум дечки, чисто ви поле: името да го вратите. Ако сте сигурни дека можете да испорачате, најголем дел од електоратот нема ништо против, што е очигледно, имајќи ги предвид резултатите. Да испорачате, како што стои во програмата: „европска иднина“, а притоа и името назад, Преспанскиот договор да го прогласите за мртов, визи да немаме, а НАТО да го задржите, да избегнете ново вето, да ги почнете преговорите со ЕУ, а дотогаш, ако може, Грција да ја натерате барем Александар Велики, па и Зевс, зошто не, назад да ни го врати. Најдобро ако може официјално да прогласат дека во последните 30 години нивната политика била грешка, и дека всушност, во еволуцијата на видовите, прво сме се појавиле ние, па потоа амебата.

Во однос на Бугарија, исто така, ред е да се обезбеди целосна поддршка и чисто поле за да можат да се истакнат резултатите на новиот пристап. Значи, бугарскиот диктат да се укине, под итно. Да се обезбеди Бугарија да го признае македонското малцинство, во нивниот устав, се разбира, како и јазикот, идентитетот и културата, да се отворат неколку македонски клубови во Бугарија, да се спроведат, сите до една, пресуди од Стразбур, а преговорите со ЕУ уредно да се одблокираат од оваа непринципиелна уцена. Понатаму, Бугарија итно да се откаже од какви било натамошни условувања и од правото на вето во текот на преговорите, а ЕУ да даде гаранции дека ако го смениме Уставот, нашето полноправно членство во Унијата понатаму е загарантирано. Во меѓувреме, се разбира, да се распуштат овие срамни комисии за историја, а Бугарија да признае дека само сонцето е постаро од Македонија. Било што помалку, реално би било пораз.

Спроведете вистински пресврт!

Овие пак, „штребериве“ од опозицијата се можеби уште потрагични. Уште не слетале како што треба од епскиот пораз, веќе почнаа со вештачката мантра дека разбрале што згрешиле, и веќе билe на пат кон поправање. Мислам дека, ноќе во три часот да ги буцнеме од спиење, онака буновни, со гурелки, неосвестени до крај, ќе почнат да рецитираат: „пораката ја примивме“…, „грешките ги знаеме“… Ама на кој било од нив да им побараме да ги напишат десетте најголеми грешки, мислам дека ќе се соочиме со громогласна тишина. Кога побрзо изгубија, кога побрзо разбраа? Не разбираат дека електоратот реално ги презира, состојба што не се поправа преку ноќ, уште помалку со вештачки флоскули. Гласачите сакаат да ги видат малку да се прпелкаат во сопствената кал и мака, во реално чистилиште, дека вистински ја напуштиле ароганцијата, дека вистински се влезени во процес на интроспектива и реформи, од кои евентуално или би пропаднале сосема, или би излегло некое здраво ткиво, кое нема, со самото свое постоење, да метастазира во целиот лев политички спектар.

Тие, обратно. Уште процесот на реформи не започнал, веќе ги извадија византиските катани, и во најдобар некрофилски манир, удрија по своите. Едните биле криминалци, другите биле ќутолози. Одлично, сега бујрум дечки: спроведете вистински пресврт. Донесете вистински промени, нов пристап, нова енергија, нова ефикасност и работливост, нови лица. Ама немојте да ја потценувате интелигенцијата на електоратот со овој избрзан, фејк театар. Истите ликови, со истите приказни, фатени во истата византија, секој „захефтан“ на функција последните 7 години, секој секому му работи зад грб, а притоа секој со ризик од по „едно туце“ кривични пријави во секој момент. Тоа биле промените, тоа биле реформите.

На крајот, настаните само потврдуваат дека сме во криза на политичката понуда, нешто што одамна го чувствуваме. Политичката хипокризија, која станува мејнстрим, таквиот процес само ќе го засили, а гласачите ќе ги направи уште поразочарани, апатични, и цинични. Имајќи предвид дека токму од гласачите чекаат поддршка, ред е партиите кон нив да настапат малку поодговорно и почесно. Бујрум, дечки!

Фотографии: Brooke DiDonato