Домицид

04.06.2024 12:34
Домицид

Уништувањето на повеќе од една третина од зградите во Газа за само неколку месеци израелски бомбардирања ги поттикна експертите за меѓународно право да предложат воведување нов правен концепт: „домицид“, масовно уништување на станбени единици за да се направи територија непогодна за живеење.

Независни експерти проценуваат дека во војната во Газа, која започна по нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври 2023 година, дури 40 отсто од станбениот фонд е веќе уништен или оштетен, за неполни два месеци. Обединетите нации објавија дека 1,8 милиони луѓе се внатрешно раселени во Газа. Многумина од нив завршија во преполните прифатни центри на ОН на југот на земјата.

Газа во минатото неколку пати беше урната и обновувана, главно со финансиска помош на земјите од Заливот, но тоа не може да се спореди со размерите на сегашното уништување.

Се поставува прашањето дали уништувањето на инфраструктурата во таков обем е несакана последица од нападите на Израел врз Хамас или постои скриен план за истерување на Палестинците од Газа, што би ја елиминирало можноста за обнова на некакво одржливо општество на територијата на Газа во догледна иднина.

Домицидот, термин кој има сè повеќе поддржувачи во академските кругови, сè уште не е дефиниран како посебна категорија злосторство против човештвото во меѓународното право. Специјалниот известувач на ОН за домување во октомври минатата година објави извештај во кој наведува дека тоа е „голем пропуст во областа на заштитата на човековите права“, пропуст кој мора да се исправи.

Прашањево привлече правно внимание последниве години поради уништувањето на куќите и зградите во Алепо во сириската граѓанска војна, уривањето на населбите на Рохинџите во Мијанмар и бомбардирањето на Мариупол во Украина.

„Мораме да го поставиме прашањето за вооружените дејствија што се спроведуваат со целосно знаење дека водат до систематско уништување и оштетување на цивилни станбени единици и инфраструктура, што цели населби - како што е градот Газа - ги прави непогодни за живот на цивилното население“, изјави за Гардијан Балакришнан Рајагопал, известувач на ОН и професор по право на MIT во Бостон.

Рајагопал смета дека е ова превид во меѓународното право. Уништувањето цивилни домови е опфатено со Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд, кој ги дефинира воените злосторства во конфликтите меѓу државите, но сè уште нема статус на злосторство против човештвото во конфликти во една држава или меѓу недржавни актери.

„Тоа е особено важно во светлината на масовното уништување на станбениот фонд во израелско-палестинскиот конфликт во Газа“, вели Рајагопал. „Израел ќе тврди дека ова не е меѓудржавен вооружен конфликт бидејќи не ја признава Палестина како држава.“

Рајагопал вели дека во периодот по Втората светска војна конфликтите со најголем број цивилни жртви најчесто биле оние кои не можеле да се квалификуваат како меѓудржавни, а дека конфликтот меѓу Русија и Украина е исклучок што го потврдува правилото.

Тој рече и дека неодамна е коригиран сличен пропуст за кривичното дело изгладнување. Во Римскиот статут изгладнувањето е воено злосторство, но не и злосторство против човештвото, поради што недржавните актери беа ослободени од одговорност. Швајцарија побара да се измени статутот за да се вклучи изгладнувањето како злосторство против човештвото, што беше направено во 2022 година.

Рајагопал заклучува: „Ги повикувам сите земји кои се противат на она што се случува во Газа, како Јужна Африка и Шпанија, да го сторат истото, да го поправат овој неуспех и да се погрижат сторителите на уништувањето во Газа да бидат кривично гонети“.

Тој додаде дека врз основа на фактите на теренот и изјавите на израелските власти, тој верува дека намерата зад ваквото уништување не е само да се елиминира Хамас, туку дека тоа е план Газа да се направи непогодна за живеење.

Израел повторува дека уништувањето на зградите и цивилните жртви предизвикуваат жалење, но не е можно да се избегнат бидејќи Хамас пресметливо се крие во училиштата и болниците и одбива да се предаде. Израелските власти тврдат дека ги преземаат сите мерки за навреме да го предупредат населението за планирани напади.

Проценките за обемот на уништувањето во Газа се спорни, но новите сателитски снимки покажуваат дека до 29 ноември, кога започна краткотрајниот прекинот на огнот, 98.000 згради веќе биле оштетени.

Проценката се заснова на анализа на снимките од сателитот Коперник-Сентинел-1 на Европската вселенска агенција, анализа направена од Кори Шер од Градскиот универзитет во Њујорк и Џејмон ван ден Хоек од Државниот универзитет во Орегон. Неколку медиумски куќи, од Би-Би-Си до Вашингтон пост, се повикуваат на нивните анализи, кои говорат за тешкотиите што ги имаат новинарите при мапирањето на вистинските последици од бомбардирањето.

Наместо фотографии користени се јавно достапни податоци од сателитски радари, како и наменски алгоритам за проценка на стабилноста на инфраструктурата и за одредување на степенот на оштетување. Предноста на овој метод е што зградите се прикажуваат од повеќе агли наместо директно одозгора.

Сликите од север кон југ покажуваат штета во северна Газа која се движи од 47 до 59 проценти помеѓу 7 октомври и 22 ноември, 47-58 проценти во самиот град Газа, 11-16 проценти во Деир Ал Балах, 10-15 проценти во Кан Јунис и 7-11 отсто во Рафах, зоната најблиску до границата со Египет. Тоа е меѓу 67.000 и 88.000 згради, што значи дека околу 70 отсто од зградите останале неоштетени. Бројките за Кан Јунис сигурно се зголемени по завршувањето на примирјето и преориентацијата на израелските воени операции на југ.

Меѓу целосно или делумно уништените згради е централниот палестински суд во Газа, познат како Палата на правдата, комплексот на Законодавниот совет, како и 339 училишта и 167 верски објекти. Од 35 болници, 26 веќе не се во функција.

Хју Ловат од Европскиот совет за надворешни работи тврди дека Израел „намерно и методично ги уништил цивилните институции и инфраструктурата неопходни за организација на државната администрација и стабилизација на Газа во постконфликтниот период“.

Сателитските снимки откриваат и уништување на овоштарници, оранжерии и земјоделско земјиште во северниот дел на Газа. Хјуман рајтс воч објави во понеделникот: „Во североисточниот дел на Газа, северно од Беит Ханун, некогаш зелените полиња се сиви и пусти. Нивите и овоштарниците беа уништени во израелската копнена инвазија на крајот на октомври. Булдожерите пробивале нови патишта, расчистувајќи го теренот за израелските воени возила“.

Протекувањето информации од израелската влада, вклучително и Министерството за разузнавање, покажува дека официјални лица размислуваат како да ги принудат Палестинците да ја напуштат Газа, доброволно или со сила. Министерството за разузнавање нема високи позиции во владата, но американските конзервативци, како Џон Болтон, поранешниот советник за национална безбедност, во голема мера развиваат варијации на таквите планови.

Гиора Еиланд, поранешен шеф на израелскиот Совет за национална безбедност, напиша во весникот Yedioth Ahronoth: „Државата Израел нема друг избор освен да ја претвори Газа во место привремено или трајно непогодно за живеење. Предизвикувањето голема хуманитарна криза во Газа е неизбежно за да се постигне таа цел. Газа ќе биде место каде што човечки живот е невозможен.“

Соединетите Држави ги отфрлија таквите идеи, делумно зашто знаат дека нивните два сојузници во регионот, Јордан и Египет, не сакаат да примат нови бегалци, дури ни привремено.

Слики: Белал Калед (Belal Khaled), Тафик Гебрил (Tawfik Gebreel), Буша Шанан (Bushra Shanan)

Извор за текстот: Guardian, 07.12.2023.