„Полнолетство” – годишна изложба на Факултетот за арт и дизајн

05.06.2024 08:50
„Полнолетство” – годишна изложба на факултетот за арт и дизајн

Во едукативниот културен центар „Лабораториум”, во халата на поранешната печатница во објектот на Европскиот универзитет во четврток, 6 јуни во 20 часот ќе биде отворена годишна изложба на Факултетот за арт и дизајн насловена „Полнолетство”

Факултетот за арт и дизајн оваа година го прославува своето полнолетство. Од основањето во 2006 година досега изминаа 18 години исполнети со многу креативност, учење и бројни достигнувања. Затоа и Годишната изложба за академската 2023 / 2024 година ја насловува „Полнолетство”.

Преку делата на студентите од графички, моден и ентериер дизајн ќе биде покажан процесот на креативен развој и создавање на професионалните кадри од областа на дизајнот. Дипломираните и магистрирани студенти, како што велат оттаму, се гордост и успешно го применуваат стекнатото знаење во различни сфери, а со тоа ја зацврстуваат позицијата на дизајнот како важна дисциплина во современото општество.

И оваа година, студентите од првиот и вториот циклус ќе прикажат нови трудови и свежи достигнувања од редовните наставни активности, но и од учествата на конкурси за дизајн, проектите, изложбите, модните ревии. Тие преку своите дела го осознаваа светот околу себе, се доближуваа до културното наследство, испраќаа моќни пораки за одржливост, екологија, инклузија, човекови права, уметничка слобода и свест за јавните добра.

По официјалните обраќања и доделувањето благодарници, ќе следи настап на DJ Мелани Дигит.