За да го одржи мирот, ЕУ се подготвува за војна

05.06.2024 14:32
За да го одржи мирот, ЕУ се подготвува за војна

„Беше 3:30 часот наутро на 24 февруари 2022 година кога ме разбуди звукот на ѕвонењето на мојот телефон. Безброј разузнавачки брифинзи што предупредуваат за руска инвазија на Украина, никогаш не можат да ве подготват за моментот. Слушајќи го темниот глас на претседателот Зеленски преку телефон кој ни рече ‘бомбите паѓаат врз нас, ова е целосна инвазија’, знаев дека целиот безбедносен аранжман по Втората светска војна се промени засекогаш. Тоа значи дека ЕУ мора да се промени и брзо, напиша претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел тој ден.

Во рок од неколку часови, лидерите на ЕУ се состанаа во Брисел на вонреден самит за да го утврдат одговорот на ЕУ на инвазијата. Одлуките што беа донесени на овој состанок на Европскиот совет, требаше да го означат раѓањето на геополитичката ЕУ.

Нема војна без оружје

Две години подоцна, ЕУ не се промени или барем онака како што посакуваше или замислуваше Мишел, а геополитичката ЕУ остана на зборови.

„Заканата од војна можеби не е непосредна, но не е невозможна. Не треба да се претерува со ризикот од војна, но треба да бидеме подготвени“, изјави на крајот на февруари годинава претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен.

Таа додаде дека ова е почеток на итната потреба за обнова, надополнување и модернизација на вооружените сили на земјите членки. Притоа, Европа треба да се стреми да ја развие и да ја произведе следната генерација оперативни способности за победа и да обезбеди доволно количество материјал и технолошка супериорност што можеби ќе ни треба во иднина. „Тоа значи полнење на нашиот одбранбен индустриски капацитет во следните пет години.“

Нема војна без оружје, но на ЕУ, во последните децении, вооружувањето не ѝ беше приоритет. Трендот се смени и денес тој е во насока на вооружување. Буџетите за одбрана се зголемуваат, владите се влезени во еден вид психолошка подготовка на населението на ЕУ, кое долги децении живееше во мир и за кое нова војна беше речиси незамислива.

Европските армии долго беа зафатени со воени акции на други континенти, а дома со спасување од временски непогоди или помош во патролирање низ градовите при терористички закани.

На убавите денови што ги означи крајот на Студената војна и денови што ветуваа период на соработка помеѓу поранешните непријатели од двете страни на железната завеса се чини дека им дојде крајот.

Земјите членки се речиси едногласни дека на Украина треба да ѝ се помогне и дека таа помош „ќе трае сé додека тоа е потребно“, сепак европските лидери повторно не успеваат да проговорат со еден глас токму околу таа помош.

Постои широк консензус за испраќање оружје, тренинзи на украинската армија или хуманитарна помош. Но, разликите во ставовите дојдоа до израз особено по изјавата во февруари на францускиот претседател Емануел Макрон, кој рече дека не треба да се исклучи праќање пешадиски трупи во Украина. Оваа изјава беше веднаш остро отфрлена од сите поголеми земји на ЕУ како Германија, Полска и Шпанија, но и од САД.

Притоа, дебатата што се води не е дали е потребно вооружување и модернизирање на армиите на земјите членки. Се чини дека тука има консензус. Дебатата е дали е потребна европска заедничка армија или сè останува во рацете на НАТО. Гласот на пацифистите, тие што сметаат дека е подобро да се влезе во долги преговори отколку во еден ден војна, повеќе не се слуша.

Растечка загриженост

Германија размислува да воведе воен рок, во ЕУ буџетите за одбрана растат, во некои земји, особено оние географски блиски до Русија, се формираат паравоени формации. Во Холандија, Министерството за одбрана се надева дека ќе ја зајакне својата резервна армија до 2030 година и се одржуваат состаноци за подигање на свеста на холандската армија и идните резервисти.

НАТО, од февруари до крајот на мај, ја одржува својата најголема воена вежба од крајот на студената војна. Вежбата треба да ја покаже „нашата способност брзо да распоредуваме сили од Северна Америка и другите делови на Алијансата за да ја зајакнеме одбраната на Европа“, и тоа ќе биде „јасна демонстрација на нашето трансатлантско единство и сила и нашата решеност да продолжиме да правиме сè што е потребно за да се заштитиме едни со други, нашите вредности и меѓународниот поредок заснован на правила“, најави НАТО на веб-страницата на воената вежба. Во овие маневри, кои се одржуваат главно во Полска и во Норвешка, се мобилизирани околу 90.000 војници. Целта е што е можно побрз распоред од Западна Европа до полско-белоруската граница, со цел да се спречи непријателска сила да влезе на територијата на Алијансата.

Естонија планира изградба на 600 бункери во должина на границата со Русија. Во Шведска секое домаќинство доби, како и за време на Студената војна, брошура што укажува како да се постапува во случај на конфликт.

Оваа загриженост доби на интензитет по изјавата на американскиот претседателски кандидат Доналд Трамп од 10 февруари годинава кога кажа дека „нема да ѝ помогнам на Европа во случај да биде нападната“. Но, и без таа закана, ЕУ се сомнева дека постојат сериозни шанси САД да покажат помал интерес за одбраната на Европа.

Во ЕУ, соочена со тоа што го гледаат како руска закана и стравувањето од американското повлекување, особено ако во Белата куќа повторно седне Трамп, се прават обиди за координација.

Кандидатката за нов претседателски мандат во ЕК, Фон дер Лејен, кога ја прифати номинацијата на нејзината европска десничарска партија за уште еден петгодишен мандат, вети Европската одбранбена унија, со именуван комесар за одбрана.

Според Бруно Анжеле, советник за безбедност во белгиското Министерство за надворешни работи, Европската одбранбена унија треба да придонесе за безбедноста и одбранбените цели кои се заеднички со НАТО и да биде комплементарна со основната мисија на НАТО – колективната одбрана. Таа треба да обезбеди многу повисоко ниво на финансирање од ова што сега постои во земјите членки, треба да се формира Совет за безбедност и одбрана, овозможувајќи им на министрите месечно да се среќаваат и можност за заеднички набавки.

Комесарот за одбрана што го најавува Фон дер Лајен, треба да воспостави постојана платформа за консултации со индустријата за одбрана и безбедност. Егмонт додава дека е потребен темелен преглед на безбедносната архитектура на ЕУ.

Пораст на воените трошоци на земјите членки

Според Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ), воените трошоци на државите во Централна и Западна Европа изнесувале вкупно 345 милијарди долари во 2022 година. Трошоците на овие држави за првпат ги надминаа тие од 1989 година, на крајот на студената војна и се за 30 отсто повисоки отколку во 2013 година. Државите значително ги зголемија своите воени трошоци по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, додека други најавија планови за зголемување на нивото на трошоците во периоди до една деценија.

Најголемиот пораст е забележан во Финска (36 отсто), Литванија (27 отсто), Шведска (12 отсто) и Полска (11 отсто).

Според истражувачите на СИПРИ, „иако целосната инвазија на Украина во февруари 2022 година секако влијаела на одлуките за воените трошоци во 2022 година, загриженоста за руската агресија е присутна многу подолго“ и многу држави од поранешниот источен блок ги зголемија повеќе од двојно своите воени трошоци уште од 2014 година кога Русија го анектираше Крим.

Во 2024 година, половина од НАТО сојузниците треба да го достигнат или надминат прагот од 2 отсто од бруто домашниот производ (БДП) посветен на одбраната, додека во 2014 година само три земји членки го поминале овој праг.

Фамозните 2 отсто што ги бара НАТО од бруто-домашниот производ (БДП) е долната граница што треба да се посвети на одбраната и ова е договорено од министрите за одбрана на сојузничките земји во 2006 година.

Дебатата за европската одбрана не е нова. Но, досега ЕУ постигна мал напредок во организирање на своја оперативна одбрана. Заедничките вежби на ЕУ се скромни според стандардите на НАТО.

Можеби првиот важен и конкретен чекор беше направен во октомври 2023 година, кога беше одржана првата вежба од тој тип по име „Ливекс“ како тест за идниот капацитет за брзо распоредување што ЕУ би сакала да го изгради во наредниот период.

Но досега, акцијата на ЕУ се фокусира на економскиот дел од одбраната и стимулирање на домашната одбранбена индустрија со вработувања во оваа област. Засега, а веројатно уште долго, НАТО останува водечката организација во одбраната на Европа.

Слики: Felix Nussbaum (1904–1944)

Извор за текстот: Слободен печат