Хигиена на срцето

05.06.2024 17:53

Секоја вечер, пред да одам на спиење,
вршам хигиена на срцето. Го соблекувам.
До голо. Го потопувам во вода.
Не смее да е премногу врела или ладна.
Потоа го тријам со жичен сунѓер.
Му ги сечам ноктите, ако здивеле.
Му ги кубам влакната, кога боцкаат.
Кој слушнал за рунтаво срце.
Туѓин морал да го избричи за да пелтечи
Љу-убе-на ма-а-мааа.
Мора да е меко и нежно како бебешко газе,
но цврсто и добро наполнето со крв.
Некогаш го шлакнувам кога станува
премногу бело, премногу студено.
Нека се разбуди и нека се освести.
Нека се собира и нека се шири. Но срцето
ги пречекорува границите,
почнува да вреска јас јас! Јас!
Тогаш го ставам на неговото место.
Го сечам на резенки и ги редам:
малку во коските и малку во крвотокот,
малку во 'рбетот и малку во белите дробови.
Мноштвото распарчени срца
ги шират клунчињата како голи врапчиња.
Тоа е состојба на срцето кога е тешко да се храни.
Секојпат кога државата ќе го избрише од регистарот,
на срцето му е најдобро:
попространо е од вселената
се опира
и пее во сите регистри.
Спакувано во дробен црвено-бел орев
покрај мракот знае
дека без мене
сигурно ќе оди напред.

 

Превод: Весна Ацевска 

Аленка Јовановски е родена 1974 година во Целје, Словенија. Дипломирала компаративна книжевност и италијански јазик во Љубљана, а за нејзината дипломска теза по теорија на литературата ја добила наградата „Прешерн“, наменета за студенти. Освен со поезија, таа се занимава и со есеистика и преведувачка дејност од италијански и од англиски јазик.

Авторка е на стихозбирките „Панталони за Џи“ (2012) и „Илјада и осумдесет степени“ (2018), за која во 2019 година ја доби наградата „Вероника“. Претходно ги добила наградите „Стритар“ за млад критичар и „Поетски витез во 2004 година. Нејзините поетски книги се преведени на шпански, англиски и полски, а со песни е застапена во антологијата на поетеси од Чешка, Украина и Словенија (2013), како и во антологијата на словенечката поезија за американската читателска публика (2017).

Од нејзино перо е и монографијата „Темниот ген: естетското низпризмата на мистичното искуство“ (2001), како и многубројни студии и есеи за поезијата.

Самостојно, или како копреведувач, превела дела од Чезаре Павезе, Итало Калвино, Нелида Милани, Валерио Магрели и други автори од современата италијанска книжевност, а нејзиниот превод на романот „Местото Бохан“ од ирскиот писател Кевин Бери е оценет како ретко успешен затоа што социолектот на ирските градови Лимерик и Корк е одлично пренесен на цељскиот словенечки дијалект, задржувајќи го хуморот и јазичните финеси на оригиналот.

Слични содржини

нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото