Отворен повик за учество на „Поетиката на периодиката” - работилница за креативно пишување со млади

06.06.2024 11:15
Отворен повик за учество на „Поетиката на периодиката” - работилница за креативно пишување со млади

„Дума ин сума” продолжува со серијалот бесплатни работилници за креативно пишување со млади од 14 до 19 години.

По „Пиши-бриши… само не оставај на seen”, „кЛИК, сЛИК - сподели кирилица” и „Неименувана”, неформално здружение за култура и образование има нова работилница - „Поетиката на периодиката”.

Работилницата ќе се одржи на 17, 18, 19 и 24 јуни во КСП Центар Јадро, а ќе се истражуваат нефикционални книжевни форми и минати, подзакриени реалности. Сите заинтересирани можат да се пријават преку пополнување на формуларот за учество.

„Весници, весници… Распустот е добро време да се влезе во филм, па ‘Дума ин Сума’ реши да влезе во еден од Александар Ѓурчинов…

Колумни, интервјуа, репортажи, патописи, стрипови, вицови, ‘Драга Таа’... Летните распусти секогаш нѐ прават копнежливи по топлите пладниња во кои ги читавме новите броеви од списанијата и магазините што носеа новости и актуелности од светот, заедно со постери, квизови и бламажи”, велат од неформалното здружение за култура.

Од „Дума ин сума” дополнуваат дека на работилницата одблиску ќе се истражуваат нови, скриени светови полни со ретки и минати сериски публикации, периодики, разгледници, ракописи, фотографии, а ќе се листаат и магазини, списанија за интернет и гејминг, спорт, технологија, природа, астрономија, поп-култура, книжевна критика и уметност.

„Ќе се прошетаме низ поетиката на одделот за периодика во Градската библиотекa ‘Браќа Миладиновци’ - Скопје, а пријавените ќе добијат едногодишно членство во библиотеката бидејќи знаењето треба да е подеднакво достапно за сите”, истакнуваат Ивана Смилевска, Марија Бошковска и Дарко Алексовски.

Менторите истакнуваат дека пријавените на оваа работилница ќе се здобијат со вештини за креирање, уредување и објавување на свој авторски текст онлајн и во печатена форма, испробувајќи уредување на текст во Wordpress, блог форма или во платформи кои се базираат на AI. Правилото на ова работилница е: „WordPress does not make me depressed”.

По многу читање, пишување и патување, работилницата ќе биде заокружена со уредување на текстови /дигитално и аналогно/, кои потоа ќе може да се прочитаат во печатено списание од млади за млади, достапно и онлајн. Воедно, со оваа промоција ќе ја одбележиме и првата година активно споделување кирилица”, велат од „Дума ин сума”.

Оваа активност е поддржана од Министерството за култура преку конкурсот „Цртај на македонски јазик” 2024.

ОкоБоли главаВицФото