1015 hPa
59 %

16 °C
Скопје - Нед, 20.04.2025 08:59
ПАЛЕСТИНА
“...раката што со еден удар може да преполови трупец,
раката што се отвора во милост,
раката што се затвора со бонбонче во неа
за да ги израдува неговите внуци
раката што беше отсечена пред многу години... “
(Мурид Бархути, Престилката на дедо ми)
Од камени очи дванаесет реки изрони
За секој син на Јакуб да се пои
Како јагне колку шакава големо
По долг и топол пат
О, бремена со смокви и маслини
Нели од Џебел Џаризим
Светот ќе се ширеше натака?
И како бела гулабица што заспива на дланка
Се песните што те опеснија
И за навек ќе ги паметиме
Наспрема сиот подивен мрак
Кој на црни струни ветер јава
Околу твоите деца соборени в плач
О, бремена со смокви и маслини
Нели од Џебел Џаризим
Светот ќе се ширеше натака?
И што сѐ не виде, о, Палестино
Окована в пламени пранги
Да те колват деноноќно
Ко најслатка храна
Голи и црни џинии
Што бесрамно се пилат
Под пазувите на ноќта
О, бремена со смокви и маслини
Нели од Џебел Џаризим
Светот ќе се ширеше натака?
И тие, самите чеда на Јакуб што се
Ги испија сите води од твоето лице
И ја искубаа сета трева од твоите стапала
Со топла крв ги маѓепсаа
Врвовите на твоите планини
Плукнаа во твоите реки
И ја силуваа твојата почва
Те фрлија како износено руво
Да не можеш повеќе
Да си ги препознаеш децата свои.
О, бремена со смокви и маслини
Нели од Џебел Џаризим
Светот ќе се ширеше натака?
ЌЕ ПОБЕДИМЕ
Оj, ти, свету,
Непоколеблив пакоснику,
Безимен пророку
Што во девет грла огнени
Го таиш плачот исконски свој
Под судбински мрак што ги закопа
Сите бисери свои, свету
Нели го турна Ибрахим кон пустината
За првпат да се прелажеш:
Ибрахим почна да разговара
Со пустината во себе
Свету, о, не
Што со лесна рака расфрлаш
Деца ко полен да се
Од едно кон друго катче на векот
И танцуваш како жар
Под кожата на љубовникот, свету
Грст луѓе, бегалци, што расфрлаш
В море како пердуви да се
На долго и болежливо патување
Со усвитена надеж
И бесконечно разочарување
Обременети од сопствената сенка
Свету, ги пречекуваш од другата страна, нели
Со дланки полни трње
На твојата златна чинија – крастав мор
„Грозомор!“, еднаш олцна црноокиот поет
Свету, о, ти,
Љуби нѐ
Да те љубиме
И ќе те љубиме, свету,
Љубиме, ние љубиме
Но сврти се
И љуби нѐ
И бар уште еднаш прости
Сепак, ние мора да стигнеме.
БЕГАЛЦИ (СЕЛАМ АЛЕЈКУМ ЕВРОПА)
Камчиња како песјаци в петици
И закоравена пот под пазуви
На која жедни муви се лепат
Продолжуваат напред
Низ матен поглед да молат
За бар сува кришка леб
Па во дожд ќе ја наквасат
И од срце ќе ја протријат
За понатаму да можат да продолжат
Каде што белите гулаби
Латински зборуваат со небото.
Андреј Ал-Асади е роден во Лондон, 1996 година. Има завршено средно образование во СУГС „Никола Карев“ – Скопје. Студент е на Економскиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Активно пишува поезија и припаѓа на најмладата генерација македонски поети. Учествувал на повеќе поетски читања низ Македонија. Досега има објавено три стихозбирки Midnight blues (2014, Антолог), Под дервишовото сиќе (2018, ПНВ публикации) и Небесна геометрија (2019, ПНВ публикации). Во 2018 година, ја објавува збирката раскази Друго минато. Со неа ја освои наградата „Новите!“ која ја доделува издавачка куќа Темплум. Ал-Асади е застапен и во антологијата Очудувања 3 (Бегемот, 2019), а во 2021 година се појавува и неговата втора збирка раскази, Утрото на бессоните (Бегемот). Три негови кратки раскази се застапени во антологијата на македонскиот краток расказ, Џинџуџе во земјата на афионите (Темплум, 2022). Најновата стихозбирка му се вика „Секој секому огледало“ (2022). Со последните три збирки три пати бил во најтесниот избор за наградата Браќа Миладиновци.
Извор: Небесна геометрија (2019, ПНВ публикации)
Слики: Мохамад Сабанех (Mohammad Sabaaneh)