Ќе понуди ли Мицкоски кралство за коњ?

06.06.2024 15:42
Ќе понуди ли Мицкоски кралство за коњ?

Преземено од Дојче Веле

 

Додека траат подготовките за формирање на новата влада, последните резерви на патриотското погонско гориво на ВМРО-ДПМНЕ се потрошени. Соочен со новата реалност, тоа најдобро го знае Христијан Мицкоски. Знаеше и пред тоа дека по изборите завршува адреналинот што го предизвикува патриотскиот вознес, било да се работи за односите со Бугарија и Грција, било за меѓуетничките односи во земјата.

Но, првите чекори по изборната победа и на претседателот на државата Гордана Сиљановска Давкова и на идниот премиер Христијан Мицкоски предизвикаа загриженост не само кај соседите и сојузниците во НАТО и во ЕУ, туку и во земјава, особено во меѓуетничките односи. По отрезнувањето дека изборите завршија и одговорноста за вкупните состојби е веќе на друга адреса, сирените завиваат смирувачки и може да се излезе од скривниците на лажните узбуни. Заврши опасноста од албанската наезда, дека Македонците се граѓани од втор ред во сопствената држава. Сега стрепиме од обратното цунами, од албанско незадоволство на нивните победници на изборите што го подготвуваат Али Ахмети и ДУИ, против мајоризацијата на ВМРО-ДПМНЕ и игнорирање на изборната определба на Албанците, како што велат. Прилично сложена ситуација што да се прави до денот на формирање на новата влада и особено по преземањето на премиерската функција. Мицкоски многу веројатно нуди царство за коњ како да се извлече од ветувањата во предизборните кампањи дадени во врска за промена на договорите со Грција и Бугарија од една страна, а од друга – како да се справи со најавите што доаѓаат од штабот на Али Ахмети. Се пласираат застрашувачки информации за разни операции и нови граници со право на самоопределби, федерализација, Илирида…

И да се работи само за празни закани поради неприфатената љубов на поранешниот долгогодишен партнер, ќе биде многу тешко да се сочува стабилноста во земјата и да се воспостави добра клима за остварување на реформите за примена европските вредности.

Тешко е, навистина претешко по така „јуначкиот“ цврст став за осуда на велепредавствата на националните државни интереси со прифаќање на бугарско-францускиот диктат и неопходноста од промена на Преспанскиот договор, од уцените на ДУИ, да се најде прикладна порака до сите што веруваа во тоа, да им се каже: видете тоа беше само една нужна лага за да се освои власта.

Потребен брз и шокантен пресврт

Се разбира, вакво нешто не може да изговори ниту еден политичар за своите предизборни ветувања затоа е потребен брз и шокантен пресврт што ќе се прикаже во јавноста како голем успех и извонредно решение во односите со соседите Грција и Бугарија. Но, како тоа да се направи и да се зачува поддршката на излажаните гласачи кои очекуваат сосема нешто друго и во односите со Грција и Бугарија, но и со албанските политички партии без оглед дали станува збор за ДУИ и Али Ахмети и триумвиратот плус еден на ВЛЕН – Африм Гаши, Билал Касами, Изет Меџити и плус Арбен Таравари. Многу мангупи за летање во круг на рингишпилот на власта, ама малку седишта. Тепачката ќе биде неминовна кој да се качи на вртелешката.

Добрата вест за ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски е што СДСМ е уште во кома од изборниот нокаут, па нема да има во догледно време многу пречки од опозициското делување, така што вестите на релевантните медиуми можат да почнуваат со успесите на владата и кога нема успеси. Доволно е да се сврти вниманието на јавноста на друга страна од она што беа главни ветувања. На пример, колку е важно за македонската демократија Талат Џафери да не биде уште една или две недели премиер на техничката влада.

Стапот и морковот на Мицотакис

Изненадувачки најдоброто решение и како тоа да се спроведе деновиве му стаса на Мицкоски од страна од каде најмалку се очекуваше. Се јави повторно грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис со предлог, кој и да не е искрен, вреди брзо да се одговори заради домашната и меѓународната јавност. Мицотакис кој издашно го користи популизмот за своите политички цели, го советува Мицкоски дека популизмот во надворешната политика можеби е привлечен за обезбедување гласови, но не го издржува водењето сериозна политика. Затоа очекува на крај да превладее логиката Северна Македонија да се врати на тешкиот пат на усогласување на европските критериуми. И доколку се постигне тоа, Грција ќе биде прва што ќе го поддржи овој напор.

Тоа е морковот. Стапот е дека Мицотакис на претстојната конференцијата на НАТО ќе го отвори прашањето за Преспанскиот договор и неговото спроведување за употреба на уставното име на како вели северниот сосед.

Притоа го повторува својот став во разни варијанти искажан веднаш по изборната победа и стапување на функцијата премиер. А тоа е дека за Грција е штетен Преспанскиот договор, дека е признат македонскиот јазик, македонската национална припадност и дека и во изменетото име со додавката северна стои суштинското име Македонија, коешто е грчко.

Одамна му го предлагам на Мицкоски истиот став додека беше во опозиција, но и сега по изборната победа. Може да остане на осудата дека договорите со Грција и со Бугарија се лоши, но дека по нивното прифаќање и донесување во Собранието ќе ги применува во целост. Разочарувањето кај еден голем дел од гласачите кои очекуваа радикален пресврт по победата може да се премавне во период од наредните четири години ако се покаже дека е избрана вистинската насока по која ќе се движи Македонија. Време е и ВМРО-ДПМНЕ да голтне една крастава жаба во интерес на Македонија. Конечно треба јасно да се види вистинскиот однос на ВМРО-ДПМНЕ и новата влада кон припадноста на Македонија во ЕУ. Полесно беше како опозиција на јавната сцена да се креваат луѓето на нозе за загрозениот идентитет. Време е и нешто да се сработи, или кажано како што е праведно да се дозаврши тоа што претходниците го постигнале имајќи ги предвид и отстапките. Конечно членството во НАТО и ЕУ најмалку е надворешна политика, туку пред се најзначаен државен и национален интерес. Колку ќе биде успешна реализацијата на таа определба толку ќе биде успешна и надворешната политика и односите со светот.

Колку и да изгледа тешко, ова е полесниот дел од работата со која ќе се соочува новата влада и премиерот Мицкоски. Потешкиот дел е стабилноста внатре, во земјата. Меѓуетничките односи и јавната кавга со ДУИ се најтенкото место каде се можни сериозни проблеми. Нестабилноста во земјата ќе ги одложи сите други определби и во односите со соседите и со ЕУ. Затоа кон овие чувствителни прашања мора да се има сосема поинаков настап отколку со досегашните навредливи јавни пораки.

Не е иста одговорноста кога сте на власт и во опозиција.

Фотографии: Viktor Gårdsäter