1017 hPa
38 %
23 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 15:59
За „Маргина“ и „Окно“ зборуваат Наташа Атанасова, Тања Аждаја, Живко Грозданоски, Кирил Мечалов, Искра Димковска, Калина Малеска, Александар Маџаревски - Читачот и Фросина Пармаковска.
Живко Грозданоски
„Маргина“ е окно, богато засолниште скраја од отапувачката инерција на мејнстрим културата, цели триесет години. „Маргина“ пргаво ги лови во лет најсвежите идеи од светот на книжевноста и на уметноста, но и грижливо ни ја пренесува актуелната ангажирана мисла. „Окно“ е повеќе од маргина: тоа е еден од ретките портали кај нас што дише во ритам со совремието.
Тања Аждаја
За Маргина: Нестандардно обликуван литературен мозаик во кој може да се сопнеш на гранка од книжевноста која не си ја познавал, а да ја удриш главата од нов извор на дела кој цело време ти течел пред очите, а не си го забележувал. Со својата посветеност на ширењето и преобликувањето на книжевните граници и нивното поимање, Маргина го реобмисли мојот стандард за читателски апетит, нудејќи ми неискусено мени – ко оние со храна од чие име немаш поим што ќе те чека во чинијата.
За Окно: Окно е како тоа местото, град од кој тргнуваш кога сакаш да скокнеш до друг град – дали на шопинг или на викенд, а во кое потоа се враќаш - да одмориш, да се осетиш на свое, да се понервираш, да се видиш со пријателите, да изнервираш некој друг, и сѐ така во спирала. Па да, Окно е тоа што не ти дава да се моташ во круг низ дигиталните лавиринти, зашто никогаш не излегуваш ист, а те прима каков и да се вратиш – што го позиционира некаде помеѓу место и чувство.
Наташа Атанасова
Првите „Маргини“ ми паднаа в раце 2005-2006 година, на факултет. Читав текстови за феминизам, за кибер-панк, за постмодернизам, и си велев уште колку муви треба да изедам јас, дете излезено од средно стручно електро училиште, додека го сварам сето ова што го има во нив, а камоли и она отаде, на коешто вечно упатуваше и туркаше содржината на списанијата.
„Маргина“ ме учеше да грицкам од бесконечната градина на знаењето, каде што ниту едно овошје не е забрането, а твое е да најдеш кое ти е највкусно. Прочепкав по дома и сфатив дека имам броеви од списанието кои не сум можела да ги најдам и сум ги фотокопирала - и по 17-18 години уште ги чувам тие фотокопии како реликвии, како траги од времето кога квалитетните текстови не беа седостапни на клик и кога да се има ваква културолошко-книжевно-уметничко-теориска трпеза во нашата средина беше привилегија.
Од друга страна, привилегија е и што 15 години со упорност на полжав кој се качува по ѕид и со магарешки инает и „Окно“ ни нуди такви текстови - на македонски, на клик, на изволте. За среќа на малкуте пребирливи читатели, а и на општествово што често заборава на важноста на маргините и на нивната моќ!
Искра Димковска
Веќе триесет години речиси стоте броеви „Маргина“ зрачат со квалитетна уметност, филозофија, општествена теорија, нови или поинакви светогледи и пракси. Нејзиниот придонес е на некој начин историски, зашто го опфаќа и периодот пред Интернетот да стане основен извор на информации, кога можностите да се дојде во допир со новите струења во многу области беа речиси никакви. „Маргина“ продолжува да игра значајна улога во едно општество кое останало аутистично свртено кон себе и во кое културно-општествените дејности отсекогаш биле турнати на маргините.
Кирил Мечалов
Содржините во Маргина ми беа како дополнување на одличните автори што ги запознавав со секое ново издание од прозната едицијата Магма. Еден целосно нов свет од, за мене во тој период, тотално непознати и неверојатно оригинални автори. Постојано ме 'трескаа од земја' извесни Мамлееви, Замјатини, Господинов и Зискинд, омилениот Хармс, Атвуд, Буцати, Кортасар, Нина Берберова, некојси Еркењ итн. Конзервирани импресии; најнеобичен но внимателен избор раскази од македонски автори; нови откачени писатели за кои немаше да знаеме ако не беа дел од едицијата и ако Маргините (кои навистина се занимаваат со најважните 'маргиналии') не нудеа поврзани теми или проширени биографии, разговори, караници, еден куп интересни факти, интервјуа... Сето тоа на некој начин претставува една нова димензија. Ако влезеш, не те пушта надвор. Вистинска реткост во време на мал милион неважни информации што секојдневно кружат околу нас и ни го полнат мозокот со потпросечност, заземајќи им го местото на содржините со кои сакаме да се храниме.
Калина Малеска
Мојот прв текст објавен во Окно е поврзан со преводот на „Хаклбери Фин“. Решив да го пратам во Окно затоа што тоа беше и уште е местото што редовно го посетувам. Анализи, текстови поврзани со култура, книжевност, филм, преводи на статии за актуални теми - сето тоа го следам, а за мене важен дел е и промовирањето на некои инаку помалку застапени жанрови, или на пример хуморот преку Пара-вести, што дава друга перспектива на реалноста.
Александар Маџаревски - Читачот
Веројатно во првите години од Маргина не сфаќав колкава е важноста на тоа списание за културата и критичката теорија во оваа земја, но таквото сознание ме погоди силно кога требаше да го пишувам магистерскиот труд и кога старите броеви од Маргина ми послужија како одличен и богат извор на текстови и интервјуа од кои можев да црпам, особено поврзани со Жак Дерида.
Фросина Пармаковска
Низ годините наназад, имавме можност со Окно да израснеме и со телата и со светогледите - вистинска радост и извонредна придобивка е да се има секојдневно пристап до еден прозорец кон културата во нејзината севкупност без никакви пердиња и ограничувања.