Чудовишните апсурди на нашата доба

10.06.2024 01:31
Чудовишните апсурди на нашата доба

„Вистината во време на војна се состои единствено од пропагандните лаги на завојуваните страни“. Се изненадив кога открив дека оваа контроверзна, но просветлувачка мудрост е срочена токму од авторот на овие редови, некоја година порано. Желбата цитатот да ја доживее вечноста, морав сепак да ја надбијам со наплив на скромност, па признавам дека таа само на друг начин ја искажува старата изрека, дека вистината е првата жртва на војната. Како е тогаш можно, во нашиот западен, слободен свет, во нашата рајска градина, со најголем процент на образовани луѓе, со огромен број на ѓоа слободни медиуми, во услови на најнапредна демократија, во јавноста да е предоминантен наративот дека сме ние на вистинската страна од историјата, и дека ние ја пиеме вистината од планинско кладенче, додека целиот друг свет, е опасна џунгла, и дека глобалниот Југ, повеќе од три четвртини од човештвото, на чело со Русија, Кина и Индија, живее во лаги продуцирани од нивната пропаганда?

Всушност, самиот факт дека земјите на НАТО се во војна со Русија значи дека секој збор што на Западот ќе протече низ сите големи медиуми, весници, телевизија и интернет, не може а да не е гола лага, одвратна пропагандна лага, исто како што е тоа случајот и во Русија. Со таа разлика што руската пропаганда е наменета да ги манипулира руските граѓани, додека ние, жителите на рајската градина, сме буквално преку глава потопени во западната пропаганда која веќе одамна ни ги има испрано мозоците. Има уште една, многу пострашна разлика: поради провидноста и помалата префинетост на руската пропаганда таа помалку ги оштетува нивните мозоци, и многу е поголем процентот на луѓе што во Русија се свесни за авторитарноста на нивниот општествен систем и помалку им веруваат на званичните вести. Жителите на Западот, меѓутоа, се потполно несвесни дека нивните либерални демократии се во меѓувреме тоталитаризирани, а пропагандната машина е дисперзирана во сите пори на животот: не само во медиумите, туку и во филмската и телевизиската индустрија, образованието, универзитетите, буквално секаде.

Така што, жителите на рајската градина на либералниот капитализам се – иако тоа навидум звучи контраинтуитивно – во подредена ситуација во однос на жителите на земји во коишто владеат опресивни режими, најмногу затоа што тие живеат во тотална заблуда дека се слободни и ги уживаат слободите на мислата, говорот и информирањето. Но, како што нè учи историјата, најпоробени и најбезнадежно потчинети се токму оние што живеат длабоко убедени во заблудата дека се слободни.

Колку треба „слободниот свет“ да е когнитивно декапацитиран, и покрај очигледната воена цензура започната штом војната ги забрани сите руски извори на информации, што упорно се однесува како пропагандата да е само од другата завојувана страна, додека во нашата рајска градина владее слободата на изразувањето и информирањето, критичката мисла и јавната вистинољубивост? Како може да не сфаќаме нешто што е познато од искона: дека таму каде што има цензура што ги забранува информациите од другата страна, сè што е дозволено во јавниот дискурс е чиста воена пропаганда! Како е можно да сме веќе толку оглупавени што веќе не сме во состојба да ја согледаме ниту сопствената реалност, па консеквентно ниту сопствената декапацитираност. Така ни се измолкнува вистината што би морале да ја препознаваат и опулени деца: дека во војна „работи“ објективен закон, во кој обете завојувани страни мораат молскавично да се изедначат и во беспризорноста на пропагандата, и во цензурата и во ограничувањето на критичката мисла, слободното информирање, конечно, да се изедначат и во ограничувањето на слободите и во степенот на тоталитаризацијата на општествата?

Дека во стварноста САД и Европа, всушност сите земји на НАТО и нивните вазали и клиенти, во пропагандата и, воедно, во тоталитаризацијата на општествата, ги достигнаа Орвеловите стандарди од „1984“, каде што значењето на зборовите, поимите и вредностите се токму обратни од она што значат, може да се види од реториките и стварноста на украинско-руската војна и од израелскиот геноцид над палестинското население во појасот Газа. Војната е мир. Слободата е ропство. Незнаењето е моќ. Ова се слогани од Орвеловото министерство на вистината, чијашто апсурдност ја достасаа официјалните и единствено дозволени наративи за двете спомнати воени голготи, во Газа и Украина.

„Право на одбрана“

Израел го нарекуваат единствена демократија на Блискиот Исток, слободна држава на либералниот капитализам, а се работи за држава на апартхејдот, тотално милитаризирана ултранационалистичка и расистичка држава што го одржува најголемиот концентрационен логор на планетата, окупираниот појас Газа, во кој со бетонски ѕидови и жилет-жици се заточени повеќе од два милиони Палестинци. По ужасниот масакр што Хамас го изврши убивајќи повеќе од илјада Израелци, Израел во геноцидна кампања што трае веќе осум месеца го истребува целото цивилно население на Газа, блокирајќи ги сите основни животни потреби: вода за пиење, храна, струја, енергенти, лекови и практично сè што е неопходно за одржување на голиот живот. Потоа, со еднотонски бомби ги разурна практично сите станбени згради, повеќе од 75 насто од вкупниот станбен фонд, сите универзитети, училишта и културни институции, сите болници и други згради на јавните сервиси, и сите, буквално сите инфраструктури. Досега во оваа „одбранбена“ кампања се убиени повеќе од 40.000 илјади луѓе, најмногу цивили, од кои безмалку 20.000 деца. Ранети и осакатени се 90.000 луѓе, со истиот процент на учество на деца. И убивањето на 20.000 деца израелската држава и нејзините безусловни поддржувачи и помагачи во геноцидот (САД, ЕУ и НАТО) го нарекуваат „право на одбрана“?!

Украинската војна е сличен пример на ужас, на една империјалистичка војна, кој рајската пропаганда на слободата што татни од сите западни медиуми, екрани, звучници, весници, прозорци, отвори и дупки, ја има претворено во света одбранбена војна за слободата и демократијата, не само за Украина, туку и за целата Европа и светот. Поголем орвелијански тоталитаристички апсурд не постои денес веројатно во целата вселена. Украинската држава е нешто што е обратно од демократијата, владеењето на правото, слободата и сите други вредности што западниот пропаганден наратив ги слави. Токму обратното: власта веќе 10 години ја држи корумпиран, ултранационалистички полициско-милитаристички режим со инкорпорирани наци-фашистички паравоени единици, што до пред две години тивко и со одобрување на глобалниот Запад („Украина има право на контрола на својата територија“) спроведуваше „умерен“ геноцид, гранатирајќи ги населените места во Донбас, убивајќи 14.000 цивили и иселувајќи насилно повеќе од два и пол милиони луѓе.

Украина стана затвор за сите нејзини машки жители

Од првиот ден на руската агресија пред две години, Украина стана затвор за сите нејзини машки жители помеѓу 16 и 60 години, кои украинскиот режим ги претвори во храна за руските топови. Огромната бројка украински емигранти бегалци се должи и на стравот од убиствените канџи на сопствената држава – на крволочниот воен режим, кој украинските мажи ги лови како диви животни во нивното пребегнување во соседните држави, додека по градовите воените патроли ги ловат мажите како улични кучиња и ги уфрлаат насила во комбиња, за да гинат залудно во Донецката и Луганската Област. Тоа е земја во која владее вонредна состојба и воен закон, значи во која е суспендирано правото; Зеленски владее автократски со декрети, со кои и пред војната има забрането 16 опозициски партии, чиишто лидери се судски гонети и затворани, а забранети се и руските цркви и рускиот јазик. Слободата на говорот не постои, а законски се гонат сите што ќе речат нешто против режимот или војната. Зеленски минатата година ги смени сите комесари за мобилизација, не заашто ја откри нивната корумпираност (оти сите масовно земале пари со кои украинските мажи ја одбегнувале мобилизацијата и си го купувале голиот живот), туку зашто процентот на мобилизирани паднал под 10 насто. Украинскиот режим досега насила прати во гибел стотици илјади мажи, и обезбеди да бидат ранети и осакатени уште толку. Украина е денес проколната земја, со најмалку слобода, демократија или која и да е вредност толку многу славени во Европа, но доби кандидатски статус за членство во ЕУ!?

Но, кој ќе спомне мир или мировна конференција или мировни преговори, тој во Украина бива затворан или убиван, а во Европа остракиран, отпуштен и озлогласен. И папата Франциск, најголемиот – ако не и единствениот – левичар и пацифист на планетава, кога некни собра храброст да ја каже најчовечката, најмудрата и најхрабрата работа на светот, дека завојуваните страни треба да заимаат храброст да кренат бело знаме и да преговараат, беше поплукан од целата европска политичка и медиумска елита: како смеела старата будала да зборува за преговори за мир, кога војната била света, единствено можна, и се води за слободата и демократијата на целата Европа, светот, а и пошироко. Па, Орвел веќе црвенее од срам ко јастог во својот гроб, гледајќи како неговата писателска имагинација испаѓа почетнички невешта и неубедлива, пред чудовишните апсурди на нашата доба.

Графики: Frans Masereel ( 1889–1972)

Извор за текстот: Слободен печат