„Нишки како воздишки” – изложба и промоција на проект посветен на јапонската култура

10.06.2024 10:47
„Нишки како воздишки“ – изложба и промоција на проект посветен на јапонската култура

Денес, 10 јуни, со почеток во 18 часот, во кафе галерија „Концепт 37”, ќе се одржи изложба и промоција на проект посветен на јапонската култура.

Проектот „Нишки како воздишки” е реализиран по избор на учесниците - ученици од шесто, осмо и деветто одделение), членови на клубот „Млади библиотекари” во ООУ„Војдан Чернодрински” – Скопје, со целосна поддршка од директорката на училиштето и во соработка со наставниот кадар.

Во периодот од први март до двесет и осми мај две илјади дваесет и четврта година, во училишната библиотека, иницирани и под менторство на Дијана Петкова-библиотекарка, се изработени четириесет и пет работилници, а учесниците одговорија на шест предизвика.

„Додека работевме и се запознававме со кратките книжевни форми: хаику, хаига и хаибун користејќи креативна визуализација, сликавме енсо-круг, учевме како да се релаксираме фокусирјќи се на звук од тибетска звучна чинија, правевме суши, гомасио, мини зен градина и го најдовме своето икигаи, сите минувавме низ еден творечко-трансформативен процес којшто нè поврза духовно и интелектуало. Сфативме дека, всушност, ова ни се случува еднаш во животот и дека нема никогаш да се повтори во ваква форма, ја сфативме суштината на ичиго-ичие”, вели Дијана Петкова, иницијаторка и менторка на проектот.

Реализацијата на овој проект е резултат на доброволното учество на учениците во него и нивната желба за нови знаења, сознанија, увиди, предизвици и поместување на сопствените граници и ограничувања.

„За воздишките, иако невидливи, како и нишките коишто нè поврзаа, станавме свесни откако ја изработивме последната работилница. Воздивнувајќи, со олеснување се ослободивме од старите обрасци и форми на изразување и усвоивме нови”, додава менторката Дијана Петкова.

Настанот ќе биде проследен со чајна церемонија, а специијални гости ќе бидат г-ца Чие Нагашима и г-дин Атсуши Кобајаши. 

ОкоБоли главаВицФото