ЕПП останува со најмногу европратеници, Макрон распиша предвремени парламентарни избори

11.06.2024 02:24
ЕПП останува со најмногу европратеници, Макрон распиша предвремени парламентарни избори

Францускиот претседател Емануел Макрон распиша предвремени парламентарни избори, откако екстремната десница во оваа земја освои далеку повеќе гласови на европските избори викендов. Национален собир освои над двојно повеќе гласови од центристичката алијанса на Макрон, јавува Би-би-си.

„Не можам да се однесувам како ништо да не се случило“, изјави Макрон вчеравечер, објавувајќи ја својата одлука за предвремените парламентарни избори.

Францускиот претседател рече дека одлуката е сериозна и тешка, но дека не може да го игнорира фактот дека „екстремно десничарските партии напредуваат насекаде на континентот“.

„Францускиот народ сега мора да го направи најдобриот избор за себе и за идните генерации“, додаде Макрон.

Национален собир освои 31,5 отсто од гласовите, додека партијата Ренесанса на Макрон освои 15 отсто.

„Подготвени сме да ја преземеме власта доколку Французите покажат доверба во нас“, изјави Ле Пен синоќа.

И покрај придобивките за крајната и радикална десница, центристичките партии го задржаа вкупното мнозинство во Европскиот парламент.

Првичните проекции за севкупните избори во ЕУ покажуваат дека централнодесничарската Европска народна партија (ЕПП) ја зајакнала својата контрола во Европскиот парламент – доби вкупно 184 места во парламентот, во споредба со 177 во досегашниот состав.

Шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која е дел од партијата, изјави дека „центарот се држи“.

Според неа, екстремната левица и десница добиле поддршка, што „стави голема одговорност на партиите во центарот“.

Социјалистите освоија најголем дел од гласовите во Малта, Романија и Шведска, помагајќи му на левиот центар да ја задржи својата позиција како втора по големина група во парламентот.

Коалицијата на Олаф Шолц имаше лоша ноќ во Германија, каде екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) оствари значителни придобивки, пишува Гардијан.

Според првичните резултати, коалицијата на Христијанско-демократската унија и Христијанско-социјалната унија, е во водство со 30,9 отсто од гласовите. АфД скокна на 14,2 во споредба со 11 отсто на изборите во 2019 година.

Италијанската премиерка Џорџија Мелони им се заблагодари на гласачите откако првичните резултати покажаа дека нејзината десничарска партија Браќа на Италија освоила помеѓу 26 и 30 отсто од гласовите, што ѝ дава водство пред ривалите од левиот центар со 21 до 25 отсто од гласовите.

Во Холандија, екстремно-десничарската партија на Герт Билдерс заврши втора зад сојузот на Левите и Зелените.

Партијата Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан доби најмногу гласови во земјата, иако забележа полоши резултати во споредба со претходните години. Владејачката партија во Унгарија доби 44,17 отсто од гласовите, додека опозициската партија Тиса заврши со 30,08 отсто. Лидерот на Тиса, Петар Маѓар, ги нарече изборите „почетокот на крајот“.

Од друга страна, нордиските земји го потиснаа севкупниот тренд на изборите во ЕУ. Левичарските и зелените партии постигнаа најголеми победи во Шведска, Финска и Данска. Екстремно десничарските партии забележаа намалување на поддршката за нив во овие држави.

Предвремените парламентарни избори во Франција ќе се одржат на 30 јуни и 7 јули. Во меѓувреме, позицијата на Макрон како претседател на земјата не е доведена во прашање.

Карикатури: Patrick Chappatte

Извор: https://meta.mk/