1017 hPa
93 %

8 °C
Скопје - Нед, 18.05.2025 01:59
Сама си се наместив да се чувствувам обврзана со мои коментари под туѓи фејсбук постови, ама ако, завредува да срочам и јас нешто, иако опасноста кај нас секогаш лежи во претерувањето со пригодно-чествувачки текстови заедно со комплетното игнорирање и заборав, чудно, а вистинито.
Конечно денес му седнав на текстов оти вечер ќе се разделам со првиот број на Маргина, ќе му го подарам на млад гладен читач што го посакува, а кому ќе му појдам на концерт оти некако баш ми се допаѓа како музичар. Со таа скромна постапка сакам на мој зихерашки начин некако да учествувам во изградувањето и продолжувањето на она за што обожаваме да дрдориме секогаш кога ќе ни се даде можност, за „традиции“ ( најчесто од две-три години), бла-бла.. можеби зашто и ги немаме и не знаеме баш ни како да памтиме и пренесуваме понатаму. Да го привршам помпезниов параграф со лабав цитат од Блаже Конески од неговата Историја на македонскиот јазик, мислам, за Коле Неделковски во илјада деветстотини триесет и некоја, кога „открил“ примерок од За македонцките работи во софиска библиотека (земја којашто инаку го повлекла од оптек изданието како штетно и неопортуно, ама ете не ги уништила сите примероци) и „со радост на дете ги четеше тие светли страници“. Дваесетти век, триесет години меѓу „деветсто трета“ и „девестсто триесет и трета“, а како да зборуваме за растојание од илјада триста и трета и илјада деветсто трета. Само три децении за целосен заборав и прекин.
Во третиот параграф да се извинам за вториот „тупаџиско македонски“, зашто Маргина на нашава сцена мене ми беше како очекуван и посакуван, баш ќејфен здив на свеж воздух од „белиот свет сега и тука“ со зачин од онаа поинтересната од официјалната локална писателска сцена во манџата, среде така малку застоената и проѕевливо здодевникава мк литературна и културна списаниска продукција впрегната како и сè друго во „националниот проект“. Значи, драго ми е да учествувам во три децении незаборав и не-прекин на потфат за којшто можам да кажам дека ми е жал што не сум учествувала како преведувач, нормално (споменик им подигам во мислите на тимот на Маргина што изнапревел на македонски планини од теориски текстови и веројатно е еден од „корифеите“ (хе-хе, морав да си поиграм со оние флоскули од македонскиот вокабулар од времето што ѝ претходеше на Маргина) во изградбата на модерна македонска терминологија, и покрај повремените правописни и инакви грешкички (баш со Коља се зафркававме за тоа). Јас тогаш веќе го развивав својот анти-интелектуализам од англосаксонски тип и само работев дооолги часови како даскал по англиски за возрасни и македонски за странци и пиев со колегите во слободно време. Што не ме спречуваше редовно да ѕирнувам во Табернакул во МНТ за да си го купам новиот број на Маргина. Можеби зашто хонорарите ни ги покривал истиот оној, сега толку озлогласен патрон, а бе „камарила“ (уште еден флоскулозен македонизам) своја нè правел, ха-ха, иако мислам парите вложени во Маргина вродиле со каде-каде повреден плод.
Сега Маргините ги пролистав по долго време (оставени кај мајка ми/сестра ми дома) на иста полица со Видиците, Писмата, Кворумите, Сцените, Синеастите, итн. Дури и по некој број Домострој! (тогаш уште не се потпиравме на Интернетот и културно-литературни портали и агрегатори за да дознаеме што има ново, и списаниската продукција беше ептен важна и преку неа се откриваа нови писатели, нови трендови и така натаму и така натаму) гледам и некои автори и текстови веќе не се толку модерни, а некои ми се гледаат баш свежи, ама она што ме штрекна беше (сепак сум визуелен тип) колку ги паметам илустрациите, значи солидно сум листала, читала, препрочитувала, а првиот број ќе го подарам дури и со мои потцртувања и заградички во самиот уводник (немам ни најблага претстава зошто сум го направила тоа, ама сега еве ќе ми дојде многу згодно).
И така: „Маргина не е против хелиоцентризмот, логоцентризмот, (фалоцентризмот!), антропоцентризмот, туку против центризмот воопшто... Маргина ќе настојува да го афирмира тој (еколошки) концепт на повеќецентралност... Така што, дефинитивно Маргина не е дефетистичкa и декадентна периферија на оваа инфериорна (токму: дефетистичка и декадентна!) македонска култура: ниту пак е некаков манијакален мерач на време што форсира – за тоа слабичко телце – недостапна брзина. Маргина секогаш е нешто друго. Свест за тоа друго. Другоста сама.“
ПС Филип, се надевам нема да ти пречи што има трага од шолја на насловната страница, ама па црна е не се приметува баш толку, ептен треба да се загледаш.