1010 hPa
73 %
20 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 09:59
„Succubus”, Катерина Шошко, „Антолог”
Градот одамна немаше видено палење луѓе. Имаа речиси наполно заборавено, а многумина, освен од слушање приказни, не знаеја точно ниту како изгледа тоа. Уште со првото фрлено дрво од кое израсна кладата, зборовите „вештерки“ и „палење“ се раширија и почнаа да го задушуваат градот, уште посилно и од црниот чад што се извиваше над запалената клада.
Не беше народот гладен за смрт и за јавни погубувања, но како маѓепсани( што според многумина беше и потврда дека нечестиви се населиле меѓу нив), а повеќе исплашени дека ако не се појават ќе бидат сомнителни, одеа кон разгорената сцена што си ја чекаше публиката.
Стоеја, се туркаа, викаа и се крстеа додека се чекаа осудениците. Зад црквата имаше дрвена платформа со неколку реда столови. Највисоко стоеше украсен престол каде требаше да седне кардинал што се имаше довлечкано до градот само за тој настан. Веднаш до него седеше судија за вештерки, донесен од којзнае каде и уште неколкумина од кралската гарда што незаинтересирано гледаа во кладата пред нив.
На другите столови под редот за светите луѓе и луѓето од законот седеа неколкумина благородници со жените и сите речиси радосно гледаа во огнот што се распламтуваше.
Тобиас ја држеше за рака својата млада жена, помагајќи ѝ да се качи на платформата. Седна до неа и им кимна на другите во редот, допирајќи ја шапката. Луција седеше завиткана во долга наметка, со рацете пикнати во крзнен муф, со лице што со сета сила се обидуваше да го држи рамнодушно. Но, залудно, веѓите сами се извиваа нагоре, а очите се маглеа од солзи што се трудеше да не се излеат. Попусто подголтнуваше, каменот во грлото се беше заглавил и не мрдаше оттаму, заканувајќи се да ја задуши.
„Добро гледај“, гласот на Тобиас ѝ ги мрзнеше жилите повеќе од остриот ветер што зад катедралата виеше како гладно животно. „Убаво види од што те спасив“. Ја пикна својата рака во нежниот и топол муф. Прст по прст ја вовре својата ледена рака во топлата дланка на Луција и ја стегаше додека таа не крикна.
„И јас сум луд што ја носам жена ми да гледа вакви стравотии. Смирете се, госпоѓо Белиал, тоа се грешници, Господ им се налутил и мора да си ја исчистат душата. Смирете се. Ајде, кога ќе заврши овој терор веќе?!“ Повторуваше гласно, вртејќи се на сите страни за да биде забележана неговата студена преправеност во загрижен сопруг. Жените на другите благородници сожалувачки гледаа во младата жена што очигледно не беше оттука и веројатно и не знаеше што значи клада и палење вештерки.
Одеднаш толпата се вознемири и почна да вика и да фрла рабти кон кладата. Прво излегоа двајца мажи облечени во црни наметки со качулки преку главите. Зад нив со несигурни чекори одеа четворица осуденици. Опколени со војници, небаре имаа сила и моќ да бегаат или да направат нешто, осудениците се чуваа како најопасни ѕверови. Еден од гардата стоеше на помала платформа кај кладата и ги читаше обвиненијата.
Раѓала унаказени деца, едно со рог на челото, ниедно не личело на мажот, сите умирале за кусо време дека зачнати од нечестивиот. Бабица носела на свет деца што веднаш ги разболувала со некакви тревки со кои ги капела, приучен тревар намерно разболел и пратил во смрт десетици мажи и жени. Девојка чија коса неприродно почнала да црвенее откако го изгнасила споменот за мртвиот маж со нечестивиот била видена како лета на метла. Се редеа бесмислиците, а луѓето во толпата на секое обвинение го губеа здивот, а потоа со презир викаа што поскоро да ги изгорат живи.
***
„Туѓинци и браќа”, Ивица Челиковиќ, „Паблишер”
Има денови кога вербата постепено се претвора во илузија за нов почеток, поблиску или подалеку од лажните надежи.
Тој што нема доволно верба во самиот себе, во сопствената сила на расудување и моќ за разумна проценка на нештата, обично реагира со возбуда, со вознемиреност што несвесно им ја пренесува и на другите, не успевајќи да извлече јасни заклучоци. Погрешно е да мислиш само на себе и на она за што сметаш дека има неприкосновено значење за тебе, кога си со луѓе кои му се препуштаат на уверувањето дека можеш да им помогнеш да разберат како да ги поврзат заедничките точки преку кои се доближуваат едни кон други. Па макар тоа да биде и така што вербата постепено се претвора во илузија за нов почеток, поблиску или подалеку од лажните надежи без кои човек не може да се крене, да се подисправи, да ја истресе правта од себе и да застане на нозе откако бил турнат да падне и беспомошно да лежи во калта. Кога сонцето полека исчезнува заоѓајќи меѓу гранките, сè уште зрачи топлина што луѓето ја доживуваат како нешто од кое може да се извлече трошка топлина, иако никако не можат да ја приграбат само за себе.
– Змија не може да превари друга змија. Така вели една стара латинска поговорка – рече Коста седнувајќи лежерно на фотелјата. – Така што, ај да речеме така, не може да биде измама ако измамиш некого што тебе те мами. Задоволството е на страната на оној што ќе успее да го измами преварантот. Е сега, ако некој помисли дека така зачекоруваш на пат отворен кон пеколот… не знам што да речам. C’est la vie! Но да не дрдорам премногу, ајде да наздравиме. Не се викал јас Коста ако не знам што зборувам – рече и се насмевна, чувствувајќи се сигурен и заштитен вo својата адвокатска канцеларија. Потоа потстана и држејќи ја со едната рака краватата преку големиот мев, се наведна над масичето и ја крена чашата со другата рака.
Симон не се чувствуваше баш удобно седнат на троседот спроти него. Иако во тој миг воопшто не му беше пријатно да глуми некаква добронамерност и меѓусебно партнерско, а згора на тоа, и партиско разбирање, сепак се почувствува принуден да стане и да наздрави, намалувајќи го со тоа ризикот неговата воздржаност да биде погрешно протолкувана.
– Не знам, но во последно време само виски ми легнува добро. Некако се лизга. И тоа токму оваа волшебна капка, џек даниелс. Дури и на некои клиенти им викам да ми донесат џек даниелс, ако веќе сакаат да ме почестат со некој пијалак. Срам-не срам, им кажувам. Не знам, ама од поодамна престанав да пијам ракии, имам проблем со киселини.
– Од ракија? – праша Симон обидувајќи се да се пошегува. – Од каква ракија, од жолта или од бела? Да не е малку и од лукче и кромитче, од лути пиперчиња и буковец?
Коста не го сфати тоа како провокативно пецкање или зјадлива забелешка, туку отпивајќи голема голтка од вискито, само весело прокоментира:
– И татко ми го вели истото. Не верува дека е од ракија. Лани наполни осумдесет години, а пред да се пензионира работеше како судија во Апелација. Сме терале ние и без виски, ништо не ни фалело, ми вели.Вие комуњарите, му велам јас понекогаш кога се расправаме за неговите стари добри времиња, сте сакале да бидете еднакви пред сè, па и пред вашата светост ракијата – рече Коста и се закашла. Ја остави цигарата во преполнетиот пепелник на масичето, а потоа силно се засмеа. Очигледно беше воодушевен од поентата што успеа да ја пласира за да му се разубави денот и за уште една трошка да му се засили самодовербата. Сметаше дека го разбира духот на времето, во кое тој е еден од носителите на промени.
„Окно” во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски” и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2023 година. Претходните извадоци прочитајте ги овде.