1022 hPa
100 %
6 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 11:59
На живописната плажа во централна Газа, километар и пол северно од уништениот бегалски камп Ал Шати, долги црни цевки кривулкаат низ ридовите од бел песок пред да исчезнат под земја. На слика објавена од израелската армија се прикажани десетици војници кои поставуваат цевки и нешто налик на мобилни пумпни станици, кои би требало да земаат вода од медитеранското море и да ја префрлаат во подземни тунели. Според различни извештаи, целта е да се поплави огромната мрежа од подземни тунели кои Хамас наводно ги изградил и користел во своите операции.
„Нема да навлегувам во детали, но тука има разурнувачки експлозиви и други средства кои ќе им оневозможат на оперативците на Хамас да ги користат тунелите за да ги повредат или убијат нашите војници“, рече началникот на генералштабот, генерал-полковникот Херзи Халеви. „Ја проценуваме употребата на [секое] средство што ќе ни даде предност во однос на непријателот [кој ги користи тунелите], така што ќе го оневозможиме да се служи со нив. Тоа е добра идеја е…“
Израел ја тестира својата стратегија за поплавување, иако морската вода и претходно излевале во тунелите на Хамас: во 2013 година соседен Египет почна да ги поплавува тунелите што ги користеше Хамас, наводно за шверц на стоки меѓу Синајскиот Полуостров и Појасот Газа. Повеќе од две години водата од Средоземното море се пумпа во системот на тунели, предизвикувајќи голема штета на животната средина во Газа. Подземните резервоари за вода брзо се загадија со сол, земјата стана заситена и нестабилна, а многу луѓе загинаа од падот на земјата. Некогаш плодните полиња се претворија во барички, а чистата вода за пиење, и онака недоволна во Газа, дополнително се влоши. Сегашната стратегија на Израел - поплавување на тунелите на Хамас - несомнено ќе предизвика слична непоправлива штета. „Важно е да се има на ум“, предупредува Џулијан Шилингер, истражувач на Универзитетот во Твенте во Холандија, „дека не зборуваме само за вода со висока содржина на сол - водата на медитеранскиот брег е загадена и со непреработената отпадна вода која постојано се излева во Медитеранот од неисправниот канализационен систем во Газа“.
Се чини, се разбира, дека е ова дел од пошироката израелска цел - не само да ги уништи воените способности на Хамас, туку дополнително да ги упропасти и уништи загрозените природни резервоари за вода во Газа (веќе загадени со отпадната вода што истекува од дотраените цевки). Израелските власти отворено признаа дека целта им е да ја направат Газа, после нивната немилосрдна воена кампања, место на кое нема да може да се живее.
„Се бориме против човечки животни и постапуваме во склад со тоа“, изјави израелскиот министер за одбрана Јоав Галант непосредно по нападот на Хамас на 7 октомври. „Ние ќе уништиме сè - а тие ќе зажалат.“ Израел сега го исполнува своето ветување.
Како да не беше доволно неселективното бомбардирање, кое оштети или уништи 70% од сите станбени згради во Газа, полнењето на тунелите со загадена вода ќе предизвика структурни проблеми и во останатите згради. А ако почвата е слаба и небезбедна, прашање е дали Палестинците ќе можат повторно да градат.
Поплавувањето на тунелот со загадени подземни води „ќе предизвика акумулација на сол и колапс на почвата, а последица ќе биде колапс на илјадници палестински домови во густо населен појас“, вели Абдел-Рахман Ал-Тамани, директор на Палестинската хидролошка група, најголемата невладина организација која го следи загадувањето на палестинските територии. Неговиот заклучок е запрепастувачки: „Појасот Газа ќе стане пуста, ненаселлива територија и ќе ни требаат околу сто години да ги отстраниме еколошките последици од оваа војна“.
Со други зборови, како што вели Ал-Тамани, Израел сега ја „убива животната средина“. И тоа на многу начини почна со уништувањето на плодните палестински маслинови градини.
Нема веќе маслинки
Порано Газа произведувала во просек 5.000 тони маслиново масло годишно од 40.000 маслинови дрва. Есенската берба во октомври и ноември долго била време за славје за илјадници Палестинци. Семејствата и пријателите пееле, споделувале оброци и се собирале во маслиновите градини за да ги прослават старите дрвја кои симболизирале „мир, надеж и опстанок“. Тоа била важна традиција, длабока врска со земјата и со главниот економски ресурс. Минатата година бербата на маслинки придонесе повеќе од 10% - вкупно 30 милиони долари - за економијата на Појасот Газа. Се разбира, по 7 октомври бербата престана. Тактиката на израелската изгорена земја значеше уништување на безброј маслинови градини. Сателитските снимки објавени на почетокот на декември потврдуваат дека 22% од земјоделското земјиште во Газа, вклучително и маслиновите градини, е целосно уништено.
„Нашите срца се кршат поради нашата земја во која не можеме да одиме“, објаснува Ахмед Куидеих, земјоделец од Куза, град во јужниот дел на Појасот Газа. „Не можеме да ја наводнуваме нашата земја, да ја надгледуваме и да се грижиме за неа. По секоја разорна војна ние плаќаме илјадници шекели за да обезбедиме квалитетен род и да ја обновиме земјата за земјоделство“.
Континуираните напади на Израел врз Газа однесоа многу човечки животи (повеќе од 22.000 мртви, меѓу нив значителен број жени и деца, не сметајќи ги телата кои останаа под урнатините и не можат да се избројат). А последната рунда на ужаси е само посебно мрачно продолжение на 75-годишната борба за осакатување на палестинското културно наследство. Од 1967 година Израел откорна повеќе од 800.000 палестински домородни маслинки, понекогаш за да направи место за нови, нелегални еврејски населби на Западниот Брег, понекогаш наводно од безбедносни причини или од чист, ирационален ционистички гнев.
Жителите на регионот ги собирале плодовите на дивите маслинки илјадници години, уште во периодот на халколит во Левант (4300–3300 п.н.е.). Уништувањето на маслиновите дрвја има тешки еколошки последици. Според извештајот на Yale Revew of International Studies од 2023 година, „уништувањето на дрвјата е директно поврзано со неповратните климатски промени, со ерозијата на почвата и намалувањето на приносот... Повеќегодишната дрвенеста кора апсорбира повеќе јаглерод диоксид отколку што ослободува... Маслиновото дрво апсорбира 11 килограми јаглерод диоксид на литар произведено маслиново масло. Многу видови птици, вклучително и евроазиската чавка, зелената ѕвингалка, малиот корморан, смеѓата блуна, палестинската сончева птица и сардиниското грмушарче, се потпираат на биодиверзитетот што го обезбедува палестинската дива вегетација, во која шест видови често се среќаваат во старите маслинови градини: алепскиот бор, бадемот, маслинката, тегавецот, зимзелениот глог и смоквата.
Симон Авад и Омар Атум во статија за Jordan Journal of Natural History (2017) напишаа: „Маслиновите градини во Палестина може да се сметаат за културни предели или да се назначат како глобално значајни земјоделски системи поради комбинацијата на биолошка разновидност и културни и економски вредности. Вредноста на биолошката разновидност на историските маслинови градини е препознаена и во другите делови на Медитеранот, така што има предлози на тие подрачја да им се даде заштитен статус оти тие служат како живеалиште за многу ретки и загрозени видови и се важни за одржување на регионалниот биодиверзитет“.
Старите, автохтони маслинови дрвја треба да се сфатат како сведоштво за постоењето на Палестинците и нивната борба за слобода. Густото спирално маслиново стебло стои како предупредување за Израелците не поради плодот што го носи, туку поради приказните на неговите корени за оштетената животна средина и за измачените луѓе кои трпат немилосрдна опсада повеќе од 75 години.
Белиот фосфор и бомбите
Освен што ги загадува природните резервоари за вода и ги уништува маслиновите градини, Израел сега ја труе Газа и одозгора. Бројни видео-снимки анализирани од Amnesty International и потврдени од Washington Post покажуваат блесоци и облаци од бел фосфор како паѓаат врз густо населените урбани области. Првпат користен на боиштата во Првата светска војна како параван за сокривање на движењата на армијата, белиот фосфор е токсичен и опасен за здравјето на луѓето. Меѓународното право забранува фрлање бел фосфор во урбана средина, а Газа е едно од најгусто населените места во светот. „Секогаш кога се користи бел фосфор во густо населени области, постои голем ризик некој да добие тешки изгореници со доживотни последици“, вели Лама Факих, директор за Блискиот Исток и Африка за Human Rights Watch (HRW).
Белиот фосфор е многу отровен за луѓето, но во повисоки концентрации има штетно влијание врз растенијата и животните. Може да го наруши составот на почвата, што ја прави премногу кисела за земјоделство. И тоа е само дел од целиот куп муниција што Израел ја испука последниве месеци. Таа војна (ако таков асиметричен напад може да се нарече војна) е една од најсмртоносните и најразорните во поновата историја, според некои проценки барем еднаква на сојузничкото бомбардирање на Германија во Втората светска војна, кое срамни со земја 60 градови и уби околу половина милион луѓе.
Како и сојузничките сили во Втората светска војна, Израел убива неселективно. Од 29.000 истрелани проектили воздух-земја, 40% беа ненаведувани бомби фрлени на густо населени станбени области. Кон крајот на декември 2023 г. Обединетите нации проценија дека 70% од сите училишта во Газа - од кои многу служеа како засолништа за Палестинците кои бегаа од израелскиот масакр - биле тешко оштетени. Погодени беа и стотици џамии и цркви, како и 70% од болниците, од кои повеќето престанаа со работа.
Војна која ги надминува сите предвидувања
„Газа е една од најинтензивните кампањи на цивилно казнување во историјата“, вели Роберт Пејп, историчар од Универзитетот во Чикаго. „Сега е во горната четвртина од најразорните бомбардирања на сите времиња.“
Сè уште е тешко да се процени цената што, од ден на ден, од недела во недела, изразена не само низ инфраструктурата и човечките животи во Газа, туку и низ животното опкружување. Секоја зграда што експлодира зад себе остава облак од токсична прашина и испарувања кои влијаат на климатските промени. „Во областите погодени со конфликт, експлозивните детонации испуштаат големи количини стакленички гасови, вклучувајќи јаглерод диоксид, јаглерод моноксид, азотни оксиди и ситни честички“, вели д-р Ерум Захир, професор по хемија на Универзитетот во Карачи. Прашината од срушените кули на Светскиот трговски центар на 11 септември значајно го наруши здравјето на спасувачите. Една студија од 2020 година покажа дека спасувачите имаат „41% поголема веројатност да развијат леукемија“. Околу 10.000 њујорчани претрпеа краткорочни здравствени проблеми по нападите, а беше потребна една година за квалитетот на воздухот во Долниот Менхетен да се врати на нивото пред 11 септември.
Невозможно е да се анализираат сите последици од континуираното бомбардирање на Газа од страна на Израел, но може со сигурност да се тврди дека тоа ќе има многу полоши последици од оние во Њујорк по 11 септември. Насрин Тамими, шеф на палестинската управа за квалитет на животната средина, смета дека во моментов проценката на еколошката штета во Газа „ги надминува сите предвидувања“.
Клучниот проблем со кој се соочија Палестинците во Газа уште пред 7 октомври беше пристапот до чиста вода за пиење, а сега ситуацијата е многукратно влошена со постојаното бомбардирање. Во извештајот на УНИЦЕФ од 2019 година се вели дека „96% од водата од единствениот подземен резервоар во Газа е непогодна за човечка употреба“.
Прекините на струја, кои се директна последица на израелската блокада, ги оштетија и санитарните јазли во Газа, што предизвика поголемо загадување на подземните води, што пак доведе до разни инфекции и масовни епидемии на болести кои се пренесуваат преку вода, а кои во принцип може да се спречат. Според HRW, Израел го користи недостигот на храна и вода за пиење како средство за војување, што според многу меѓународни набљудувачи е форма на колективно казнување - односно воено злосторство од прв ред. Израелските сили намерно уништуваат земјоделско земјиште и бомбардираат водоводни и санитарни објекти, што секако изгледа како обид Газа да се направи буквално непогодна за живеење.
Морам да пешачам три километри за да добијам четири литри вода“, изјави 30-годишниот Марван за HRW. Како и стотици илјади други жители на Газа, Марван побегна на југ со својата бремена сопруга и двете деца на почетокот на ноември. „Нема храна. Ако успееме да најдеме храна, тоа се конзерви. Не јадеме сите добро.“
Во јужниот дел на Газа, во преполниот град Кан Јунис, канализацијата се излева на улиците бидејќи системот престана да работи. Во јужниот град Рафах, каде што побегнаа многу жители на Газа, условите се катастрофални. Импровизираните болници се преполни, залихите со храна и вода се недоволни, а големата глад е во пораст. Кон крајот на декември Светската здравствена организација (WHO) документирала повеќе од 100.000 случаи на дијареа и 150.000 случаи на респираторни инфекции кај 2,3 милиони жители на Појасот Газа. Вистинските бројки се веројатно многу поголеми и несомнено ќе се зголемат како што продолжува офанзивата на Израел, која досега расели 1,9 милиони луѓе, или повеќе од 85% од населението - а според Обединетите нации, половина од луѓето сега се соочуваат со глад.
„Повеќе од два месеци Израел го лиши населението на Газа од храна и вода; таа политика, која ја одразува намерата да се користи гладувањето на цивилите како средство за војна, е охрабрена или поддржана од високи израелски функционери“, известува Омар Шакир од Human Rights Watch.
Извршителите на масовните убиства (сега во страв од тврдењето дека Израел извршил геноцид, кое доаѓа од Јужноафриканската Република, а е упатено до Меѓународниот суд на правдата во Хаг) ретко (или можеби никогаш) толку јасно не ги изнесувале своите брутални намери. Како што рече израелскиот претседател Исак Херцог, во обид да ги оправда злосторствата што сега се вршат врз палестинските цивили: „Целата нација е одговорна [за 7 октомври]. Приказната за цивилите кои не се свесни, кои не се инволвирани, е апсолутно невистинита. Тие можеа да се побунат, можеа да се борат против злосторничкиот режим.“ Насилството на Израел против Палестинците, очигледно поддржано од претседателот Бајден и неговиот тим за надворешна политика, не наликува на ништо што досега сме го виделе во медиумите и на социјалните мрежи, во реално време. Газа, нејзините жители и почвата што ги хранела со векови се осквернавени и претворени во пеколен пејзаж, целосно неподобен за живот, а последиците, без сомнение, ќе ги почувствуваат многу идни генерации.
Слики: Слиман Мансур (Sliman Mansour)
Извор за текстот: TomDispatch, 11.01.2024.
Белешка за уметникот
Слиман Мансур е еден од најистакнатите современи палестински уметници. Во текот на својата педесетгодишна кариера, Мансур се етаблирал како меѓународно признат уметник посветен на давањето визуелен израз на палестинскиот идентитет. Роден во 1947 година во Бирзеит, Палестина, Мансур првично бил охрабрен да слика од неговиот школски учител. Во 1967 година дипломирал ликовна уметност на Уметничката академија Безалел во Ерусалим. Во 1970-тите го започнал уметничкото патување кое патем ќе влијае на целата палестинска уметничка сцена. Бил претседател на здружението на уметници за време на првата интифада, ко-основач и сега директор на уметничкиот центар Васити во Ерусалим и член на уметничката група New Vision. Предавал во бројни културни институции и универзитети низ Западниот Брег, вклучувајќи го и Универзитетот Ал-Кудс. Слиман Мансур во моментов живее во Ерусалим.