1016 hPa
75 %

3 °C
Скопје - Пон, 17.02.2025 04:59
Сомалија, Сирија, Мјанмар, Боко Харам - и Израел. Не се заедно случајно. Одлуката на генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, да го стави Израел на црната листа држави кои повредуваат деца го навреди и запрепасти Израел. Ние на листа со Сирија? Да, ние и Сирија. Во Израел веднаш почнаа со напад, а никој не се запраша: што мислевме додека војската убива илјадници деца? Дека светот ќе молчи? Дека Обединетите нации ќе се воздржат од реакција? Нивна задача е да урлаат, а тоа и го направија кон крајот на неделата.
Кога станува збор за масовното колење деца, исчезнуваат сите изговори, дури и оние кои доаѓаат од Израел. Амбасадорот во ОН, Гилад Ердан, може да продолжи со гротескното однесување - вчера објави снимка од својот разговор со генералниот секретар, чин без преседан кон дипломатскиот кодекс, кој всушност е наменет за централата на Ликуд како подготовка за неговата следна позиција. Бенјамин Нетанјаху сè уште може да тврди дека „Обединетите нации самите се ставиле на црната листа на историјата“. Обединетите нации? Колку деца убила оваа организација? Израелската војска уби 15 517 деца според податоците на министерството за здравје во Газа; смртта на 8 000 деца ја потврдија ОН. Голем број деца сè уште се водат како исчезнати. Околу 17 000 деца изгубиле барем еден родител; 3 000 деца останале без барем еден екстремитет. (Во јануари меѓународната организација Save the Children потврди дека десетина деца секојдневно губат барем по еден екстремитет. Каналот Ал Џезира вчера сними палестинско момче кој ја прашува мајка си дали повторно ќе му израсне рака.) Според податоците на организацијата УНИЦЕФ, девет од десет деца во Газа страдаат заради „тежок недостаток на храна“. Светската здравствена организација утврди дека четири од пет деца не јаделе ништо најмалку еден ден на секои три дена.
Сите се на црната листа на историјата, освен Израел. Сите се мразачи на Израел и антисемити, само Израел е невин. „Најморалната војска во светот“, повтори вчера Нетанјаху, единствено може да измами насмевка на срам кај неговите слушатели ширум светот. Но доказите се тука: неуништливи, бројни, недвосмислени и непростливи. Осум месеци војување против деца. Осум месеци деца со ампутирани екстремитети, деца кои останале сирачиња. Гладни, болни, осакатени, на умирање и мртви деца. Бројките се застрашувачки, но помалку застрашувачко не е ни целосното негирање секаква одговорност на Израел. Десетина илјади деца се убиени заради вината на родителите, Хамас, Обединетите нации и УНИЦЕФ, само не заради вината на нивните убијци, војниците на Одбранбената војска на Израел (Кахал) и нејзините пилоти, најморалните на светот.
Кога е во прашање ваквото ниво на нанесување страдање на толку деца, можеше да се очекува чувство на шок и потресеност и во израелското општество. Зашто и ние имаме деца. Но овде тагата е забранета, сочувството е противзаконско, протестите се насочени само за спасување на нашите деца, додека стотици илјади не се ни избројани ни видени.
Децата од Газа - оние кои ќе преживеат - никогаш нема да заборават. Тие сега гладуваат меѓу рушевините на своите домови, жалат за родителите, браќата и сестрите, се обидуваат да ги залечат своите рани и екстремитети во земјата која нема функционални болници, полудени од кошмари. Тие ќе пораснат и нема да заборават. Хуманитарната помош едвај пристигнува, доселениците ги напаѓаат камионите и насилно го спречуваат нивното влегување во појасот Газа, а Израел молчи и за тоа. Но овие деца никогаш нема да заборават што им направи Израел. А и како би можеле? Засекогаш ќе памтат. Сега и светот им се придружи во тоа. Дури и таквиот, циничен и студен свет е шокиран од убивањето деца. Нетанјаху, Ердан и останатите Израелци можат да продолжат да ги мијат рацете, но тие се извалкани со крвта на децата и никакво оправдување не може да ги прикрие.
Би требало да почнеме да се навикнуваме: Сомалија, Сирија и Израел. Тоа е клубот. Не треба да бидеме шокирани од неговиот состав туку од она што доведе до тоа Израел да им се придружи. Приклучувањето е оправдано, мораме да го признаеме тоа.
Превод: Алек Кузмановски
Карикатури: Mahmoud Rifai
Извор: https://www.haaretz.co.il/