1022 hPa
81 %
9 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 11:59
(Кон претставата „Сексуално образование II: дијагноза, конзистентност, способност, игри, борба”, во режија на Тјаша Чрнигој, а во копродукција на „Нова пошта” (Словенскиот младински театар и Маска) и Градот на жените” и во авторство на Тјаша Чрнигој, Лина Акиф, Сенди Бакотиќ, Ника Розман, Ванда Велагиќ, Тијана Тодоровиќ, Барбара Капељ, Теа Видмар, Лене Лекше. Главни улоги: Лина Акиф, Сенди Бакотиќ, Лина Розман, Ванда Велагиќ)
Отворајќи ги просторите на науката во театарскиот свет, се отвораат и низа прашања кои обично завршуваат со главното: како? Оваа петчасовна претстава која се занимава со женската сексуалност и нејзината историска и научна артикулација, се чини дека го направи најпродуктивниот можен избор: се приклучи кон перформансот како начин на експресија. И додека конвенционалниот театар се обидува да се врати на голема врата во Европа преку својот минималистички инструментариум, оваа особено храбра претстава на Тјаша Чрнигој и другите учеснички нѐ однесе во една друга крајност која нѐ натера во формална смисла да веруваме дека театарот може да има една сосема поинаква визуелизација и да се занимава со горливи прашања in situ.
Сексуалното воспитување кое во насловот на оваа претстава е број два, ги антиципира најважните нивоа на неговото постоење како право и потреба на човекот, во овој случај на жената: дијагнозата, конзистентноста, способноста, играта и бробата. Би сакале да поверуваме дека женската сексуалност е специфична и дека дијагностичките процеси имаат за задача да ги детектираат болните места во приодот кон женското либидо и повредата при неприкладниот однос со машкиот примерок. Велам примерок затоа што Тјаша Чрнигој за женската сексуалност говори многу отворено во режисерска и концептуална смисла и низ една многу длабока аналитика перформативно и многу видливо ги пренесува болните искуства на младите жени при првиот однос, неможноста за задоволство итн., значи ги генерализира што е совршено продуктивно. Во овој дел се обраќа особено внимание на социјалниот момент и на автономијата на жената во т.н. „зона на согласност“ од каде што тргнува сè. Актерките и режисерката која нè води низ сите простори на случувања веруваат во една многу важна утопија кога станува збор за женското задоволство, а тоа е: конзистентноста на љубовта со сексуалниот чин кој е од особена важност за женското битие. Токму затоа во овој дел и се спомнува таа конзистентност во која женската согласност и впуштањето во сексуалните односи е судбинска и фатална одлука која има и општествена обвивка, а која пак, од друга страна Тјаша Чрнигој ја одвиткува и го покажува целиот гнилеж на несфатената и неерудитивна констелација кога е во прашање жената.
Овој перформанс со голема актерска енергија се занимава и со способноста која ја сочинува конгломератот од свесноста и ерудицијата за женското тело, созревањето и партнерските односи кои се од особена важност. Играта која со себе носи извесна гротескност зборува за една од најцрните компоненти на сексуалниот однос, а и воопшто на односот меѓу половите, а тоа е манипулативноста. Имено, во овој дел кој со огромна страст го води Лина Акиф се зборува за сексуалните практики чии варијанти имаат социјална и општествена стимулативност. Овде на некој начин станува збор и за интерпретацијата на традиционализмот, како и она што значи „кинк”, БДСМ и тн. Овде ќе споменам два цитати кои се однесуваат на сексуалните односи и нивниот социјален аспект, а тоа е цитатот од графичката новела на Маржан Сатрапи „Везилки” кој вели: „ А зошто жените треба да бидат девици? Зошто да трпиш маки за да задоволиш шупак? Затоа што мажот што бара „невиност ” од жена не е ништо друго туку шупак! Зошто да не се однесуваме како западњаците!? За нив, бидејќи проблемот со сексот е решен, можат да преминат на другите работи! Ова е причината поради која напредуваат!!!” Овде следува и еден цитат на Д.Х. Лоренс од неговиот круцијален роман „Љубовникот на Леди Четерли” кој вели: „Но, такви се мажите! Неблагодарни и никогаш задоволни. Кога не сте со нив, ве мразат затоа што не сте со нив; кога сте со нив, тие повторно ве мразат, поради некоја друга причина”. Некаде меѓу значењата на овие два цитати лежи феноменолошката подлога на четвртиот дел од пртетставата, но конечно и на целата претстава која е сочинета од остатоци од борба со општествените деструкции и задоволството на жената во практицирањето на сексуалните односи со мажот.
Демонскиот аспект на играта е деформитетот за којшто се зборува во целата претстава и тоа низ вистински примери, но и застранувањето кое не е априорно, но е на ниво на варијанта во сексуалната „игра”. Тјаша Чрнигој не случајно ја поставува „играта” во средината од претставата. Низ играта се преиспитува и телото и духот. Играта е она што нè учи да се потсетиме на себеси и на тоа дека сме хомо сапиенси, како и дека она што е сувопарно може да биде и болно и погубно. Преминувајќи кон „борбата” претставата се занимава со онтолошката и политичката денунцијација на жената во времето кога за нејзиното осознавање имало друг инструментариум. Извонредна е приказната за Вида Томшиќ и нејзиниот сопруг, гинекологот Франц Новак за осознавањето на женската сексуалност и планирањето на семејството по Втората светска војна кога Вида Томшиќ и станала една од првите жени министерски во тогашна Југославија, која во меѓународните односи била заедно и со нашата Мара Нацева, последната македоснка народна хероина.
Овие приказни се вмрежуваат во перформанс кој е силно визуелен и постдрамски артикулиран. Отворајќи ги сите пори на третманот на женската сексуалност, Тјаша Чрнигој и актерките Лина Акиф, Сенди Бакотиќ, Ника Розман, Ванда Велагиќ, продреа во најдлабоките болки и погроми на жената и од историски и од научен аспект. Феноменологијата на оваа приказна лежи во разногласието на сфаќањето на жената како тело и жената како дух, нивната сплотеност и динамика, на механизмот кој е веројатно сличен со машкиот, но тука инструментариумот е сосема друг. Овие актерки многу храбро ги отвораат сите болести на човековиот дух преку остриот избор на реквизити, а и преку сликовитоста на сценографските решенија во кои, рака на срце, како гледач се чувствувате многу прикладно и многу утилитарно затоа што сте за првпат можеби дел и од сценографијата на претставата.
Горепоменатата онтологија во целиот петчасовен перформанс го има времето како предмет за аналитика, така што во тој маштап некако се согледува целата траекторија на недоразбирањето и недоволната ерудитивност кога е во прашање женската сексуалност. Овие два антиподи се вгнездени и во сценографијата на Барбара Капељ, Тијана Тодоровиќ и Лене Лекше, а и во костимографијата на Тијана Тодоровиќ, како и во музичкиот избор на сите споменати авторки на претставата. Животворноста е дел од секоја длабока согледба на мотивот да се направи претстава. Овој авторски проект совршено ја потврдува сентенцата на Шекспир дека „Целиот свет е театар”, зашто објектот на „Нова Пошта” недалеку од Словенкиот младински театар во таа вечер беше театар во најригидната смисла на зборот и донесе возбуда која нѐ ве напушта. Петчасовната регенеза на женската природа, фантастичната артикулација на научните согледби за женската сексуалност, длабоката аналитика и одличната актерска експресија донесоа театарско дело кое ќе остане и во Словенечкиот, но и во Европскиот театар како парадигма од едноставна причина што овој начин на мислење импресионира и со специфика која не можеме да ја препознаеме никаде на друго место. Тенката линија на дијагнозата за вагинизмусот и истражувањето околу задоволството на жената во сексот како нејзино право, е место каде што се кријат одговорите што ги поставуваат овие сјајни уметници. Веројатно останува да си ги одговориме самите затоа што од претставата си заминавме и со сертификати за предавањата, за што треба дополнително да размислиме дали сме ги залужиле.
Фото: Nada Zgank