1025 hPa
58 %
11 °C
Скопје - Вто, 12.11.2024 12:59
Во организација на Кооператива - Регионална платформа за култура, на 13 јуни (четврток) во 18 часот, во просториите на КСП Центар Јадро ќе биде отворена изложбата „Архиви на пријателство - поетики на отпорот”.
„Главната мотивација зад оваа скромна рефлексија на работата на „Кооператива” и нејзините членови е да се создаде можна мапа на поврзувања преку споделени искуства, заедничка работа и продукција во рамките на независната културна сцена. Размислувавме кои патеки и знаци, покрај главниот пат, создаваат можности за нови перспективи за различните значења на слободата, демократијата и автономните зони.
Без да тврдиме дека создаваме стабилен историски наратив, со придонеси и размислувања од организации-членки, уметници и соработници кои активно не менуваат преку нивната работа, составивме можен колаж од искуства обликувани од взаемни влијанија. Преку размена со голем број соработници, доживувајќи фрустрација, возбуда, незадоволство, разочарување и радост, се впуштивме во потфат на размислување со неизвесен исход.
Движењето на „Кооператива”, и сите ние што се обединуваме во него, не е линеарно, туку диктирано од општата општествена динамика. Работиме и постоиме нелинеарно, без ред и редослед, набрзина. Организиран хаос, прекини, лабораториска структура – тоа е нашиот контекст во кој сè уште размислуваме за алтернативи. Оваа изложба е уште еден придонес кон нашиот заеднички хаос”, стои во најавата за изложбата „Архиви на пријателство - поетики на отпорот” на „Кооператива”.
Концепт и куратори на изложбата: Искра Гешоска и Милица Пекиќ
Дизајн на изложба: Дејан Драгосавац - Рута
Продуценти и соработници: Дејан Кошќак, Тијана Ана Спасовска и Ена Грабар.