Европа отиде в десно

13.06.2024 13:02
Европа отиде в десно

Тврдите националистички десничари и екстремисти со неофашистички корени ги искористија изборите за ново издание на Европскиот парламент за да го префрлат центарот на гравитација на десно, да ја понижат владејачката елита на Франција и да станат третата најсилна политичка формација на континентот, што е нивниот најголем успех од формирањето на Европската Унија.

Иако силите на десниот центар се на пат да го зачуваат мнозинството, се потврди очекуваниот тренд: конзервативците на врвот, социјалистите се држат, екстремната десница во подем, зелените и либералите паѓаат. Излегува дека поранешниот претседател на Европската комисија Жан-Клод Јункер беше во право кога кажа дека националистичката десница е „чудовиште што чекори силно“.

Пресвртот не е изненадување во време на големи неизвесности и кризи, кои темелно ја преобликуваа политиката на ЕУ, ги разнишаа традиционалните вредности и ги продлабочија стравовите за време на војна во Украина. Радикалните десничари капитализираа на својата омилена тема – антиимигрантско расположение засновано на уверувањето дека имигрантите го загрозуваат идентитетот на белата, христијанска Европа. Популистички вешто го користат растот на трошоците за живот и зголемувањето на социјалната нееднаквост – прашања што најмногу ги интересираа 360 милиони гласачи од 27 земји. Ги обвинуваат бирократите во Брисел за загрозување на националните суверенитети, ја оспоруваат Зелената агенда, тврдејќи дека цената е прескапа и дека ги кочи нивните економии. Најмногу се против проширувањето и сметаат дека приемот на нови членови би чинел премногу.

Десницата го препозна времето во кое поделбата лево-десно повеќе не е актуелна. Традиционалните партии ја губат својата привлечност. Десничарите се флексибилни. Демагозите нудат одговори кои ги радуваат гласачите. Чувствителните теми како што се реформите во пензискиот систем се избегнуваат. Се потпираат на социјалните мрежи, младите и јавноста незадоволна од растечката социјална нестабилност, но популистички успешно, ја сведуваат либералната демократија на власт на отуѓени, корумпирани и декадентни елити што ги уништуваат нацијата, црквата, традицијата, семејството, бракот и односите меѓу половите. На мнозинството им е близок Владимир Путин.

Соочена со негативните искуства од Брегзит, десницата повеќе не повикува на напуштање на ЕУ, туку ветува поинаква Европа во која националните држави ќе имаат поголема моќ, а помалку „мешање“ од Брисел.

На таа платформа, и покрај меѓусебните разлики околу Украина, Русија, НАТО или Кина, екстремната десница оствари сериозен продор во трите земји кои обезбедуваат најголем број од 720 пратеници во Европскиот парламент (ЕП).

Во Франција се случи вистинска катастрофа на владејачката коалиција, која доби половина помалку гласови од екстремните десничари на Марин Ле Пен, па претседателот Емануел Макрон го распушти парламентот и го свика првиот круг од вонредните избори за 30 јуни – отворајќи ризична игра во обид да си го врати сериозно разнишаниот авторитет.

Социјалдемократите на канцеларот Олаф Шолц го забележаа својот најлош резултат досега и гледаат во грбот на конзервативците и радикалната десница од Алтернатива за Германија, која пред изборите беше исклучена од групата „Идентитет и демократија“ по скандалот на нејзиниот водечки кандидат за ЕП за кој се тврди дека добил пари од Русија и Кина, но и покрај тоа стана втора најсилна партија во земјата. Зелените се драматично преполовени.

Во Италија, ултраконзервативната Браќа на Италија освои јасно мнозинство гласови- четири пати повеќе отколку во 2019 година – така што Џорџа Мелони би можела да има клучна улога: дали премиерката на најдесничарската влада од времето на Бенито Мусолини ќе го следи разумот – што налага умереност и дистанцирање од екстремистите во Франција и Германија, или ќе го послуша своето срце – во кое го носи тробојниот пламен што некогаш го користеше неофашистичката партија?

Иако двете десничарски групации освоија речиси четвртина од местата во ЕП, благодарение и на убедливиот триумф во Австрија и нешто послабиот во Холандија, сепак не ја освоија Европа. Мнозинството и натаму му припаѓа на блокот на конзервативната Европска народна партија, од која се речиси половина од европските лидери, и на формацијата на социјалистите и демократите.

Овие две групи, заедно со Зелените губитници, ќе можат да формираат „центристички“ блок на Големата коалиција, па се чини дека не претстои земјотрес – доколку десниот центар не оди во коалиции со екстремната десница. Тензиите секако ќе се зголемуваат, а првиот вистински политички тест ќе биде во септември, кога ќе се разговара за новиот мандат на претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен.

Можеби изборите за ЕП ги одбележаа 27 национални кампањи на повеќе од 200 партии, можеби сè уште не се доволно паневропски, но Европа се соочува со налет на антиимиграциски формации со проблематичен однос кон демократијата. Загрозен е поредокот воспоставен во времето на основањето на ЕУ и создаван во текот на повеќедецениската ера во кој доминираа партиите од десниот или левиот центар кои промовираа интеграција.

Европскиот парламент нема извршна власт, таа ѝ припаѓа на Европската комисија, но парламентарците директно ги обликуваат европските закони, политиката и буџетот. Допрва претстои изборот на челниците на европските институции во Брисел, вклучително и на Комисијата и на Советот, кои ќе го дефинираат политичкиот курс на Унијата во наредните пет години. Зајакнатата десница секако ќе бара да добие некоја од комисиите и со тоа да ја материјализира намерата да ја „менува Унијата од внатре“.

Лесно може да се покаже дека поради составот на новиот ЕП ќе биде отежнато усогласувањето на заедничката одбранбена политика во време кога Европа е соочена со безбедносни предизвици и закани од војната во Украина – иако десницата е поделена на оние кои не покажуваат разбирање за помагање на Киев и се поблиску до Москва, и оние кои се за војна со Русија.

Најопасно би било да се потцени десничарскиот продор кој потсетува на 30-тите години на минатиот век иако современите поддржувачи на ксенофобичниот национализам не личат на фаланги на фашисти, ниту пак нивните лидери асоцираат на фирер, Дуче или Каудиљо. Тоа не ја намалува опасноста. Историјата знае да се повтори кога најмалку се очекува.

Слики: Rudolf Schlichter (1890-1955)

Извор: https://www.slobodenpecat.mk/