1021 hPa
36 %

24 °C
Скопје - Пон, 28.04.2025 16:59
Како да се запре подемот на радикалната десница? Ова прашање доминира во европскиот печат и политичката арена уште од 2015-та или 2016-та година кога Сириза ги изневери очекувањата на грчкиот народ и така ѝ ја препушти „популистичката“ палка на десницата, а Брегзитот неповратно ги наруши вмрежените политички координати. Одговорите варираа, а инерцијата го направи своето: идеите и ставовите на радикалната десница се нормализирани. Но, дискусијата трае сè уште, а последната рунда ја поттикнаа изборите за Европскиот парламент. Особено нивните резултати во Франција и Германија. А особено реакцијата на францускиот претседател Емануел Макрон кој го распушти парламентот веднаш откако беше објавена релативна победа на партијата на Марин Ле Пен и така закажа скорешни парламентарни избори.
Сосема очекувано, помалку шокантната одлука на Маркон испровоцира бројни толкувања. Меѓу попопуларните се истакнува она кое во неговиот потег гледа наводно прониклив тактички маневар. Имено, според оваа интерпретација Макрон всушност одлучил парламентот и владата да ѝ ги препушти на десницата со надеж дека следните две години ќе се покаже неспособна да управува и така ќе ги изгуби популарноста и репутацијата. А тогаш на ред доаѓаат претседателските избори на кои тој на крилата на таквото раскринкување би требало лесно да ја победи Марин Ле Пен и да си обезбеди уште еден мандат. Поедноставено, десницата на власт во кохабитација со Макрон би требало да функционира како негова предизборна кампања.
Без оглед на тоа каков вид облог стои зад оваа одлука, самиот факт дека интерпретацијата која сугерира „отстапување“ на власта заради полесна изборна победа подоцна ужива голема популарност доволно кажува за политичкиот момент во кој живееме. Значи, гласачите никако не можат да се уверат во неспособноста на радикалната десница и најдобра тактика е да ѝ се препушти власта, па самите да го искусат тоа на сопствената кожа и да им се вратат на проверените решенија. Дека сериозно се дискутира за легитимноста и ефикасноста на таквата тактика зборува и вчерашната колумна на Џанан Ганеш на страниците на Фајненшл Тајмс. Иако ги наброја ризиците и истакна контрапримери, Ганеш се сложи со тактиката зашто веројатно ништо друго не функционира. И притоа ниту нему, ниту на кој било друг кој се одважи да ја брани тактиката која во фудбалскиот жаргон се нарекува „препуштање на поседот“, не им падна на ум наједноставната можна идеја на светот: зошто либералниот центар не ги промени политиките кои доведуваат до подем на радикалната десница? Дали е можно да се толку ограничени?
Малку нешта подобро го илустрираат интелектуалниот банкрот на европскиот либерализам од идејата за „препуштање на поседот“ на десницата. А десницата на власт тогаш не би била за да ги спроведува оние политики - сериозни и единствено можни економски политки - чии последици всушност и ја доведоа на власт. Звучи толку бизарно што мораме да повториме. Значи, на десницата ѝ се зголемува популарноста заради политиките кои ги спроведува центарот. За да се одбрани од десницата центарот ѝ ја препушта власта. Десницата ќе се покаже неуспешна во спроведувањето на политиките на центарот и така ќе го врати на власт. Центарот повторно ќе почне да ги спроведува истите политики, но овојпат без страв зашто народот се изгорел во барањето алтернатива. Либералниот центар е принуден на тоа зашто народот не може сам да сфати, туку мора со пример да му се покаже дека не е во право. Нема да продолжиме понатаму зашто тука зборовите веќе не можат да ја исполнат функцијата, тоа може да го направи само некакво адекватно емоџи или некој гиф.
Треба уште само да се нагласи дека интелектуалниот банкрот често води и во морален банкрот. А тоа и самиот Ганеш мошне сугестивно ни го прикажа посегнувајќи по наводна историска лекција. Западот, смета Ганеш, седумдесет години не уживаше умерени политики по Втората светска војна заради политичкиот дијалог и смислената размена на аргументи. Не, гласачите не ја избраа екстремната десница заради тоа што го доживеале непосредно пред и за време на војната. Таквиот страв останал во народната меморија, а сега, со едноставна смена на генерацииите, тој исчезна. А народот со своите ментални капацитети не може да ја согледа опасноста од фашизмот, на располагање има само трауми, афекти и емоции. Значи, дојдовме до крајната консеквенца на историскиот ревизионизам и, веројатно, последната фаза на либералната деменција: фашизмот е најдобриот антифашизам.
Превод: Алек Кузмановски
Карикатури: Ramón Díaz Yanes
Извор: https://www.bilten.org/