1029 hPa
53 %

7 °C
Скопје - Сре, 12.02.2025 11:59
За јубилеите 30 години „Маргина“ и 15 години „Окно“ пишуваат: Драги Неделчевски, Ана Голејшка Џикова, Билјана Ѓонеска и Димитрие Дурацовски.
Драги Неделчевски
Маргиналецот од тетовското кино „Братство“
Зимата 1999 старото кино „Братство“ во Тетово беше преуредено во голема дискотека. Беше тоа тренди место за излегување. Јас тогаш бев продавач на влезници во дискотеката. Благајната беше едно сопче метар на метар, со прозорче 20 на 20 центиметри. Пред вратата имаше бодигард (случајно некој да не влезе да ги ограби парите од влезниците). Работев од 21 часот навечер до 2 часот после полноќ. Но, „шпицот“ беше од 23.30 до 1 часот. Додека го чекав „шпицот“, стуткан во тоа малечко сопче – читав Маргина! Тоа беше многу надреална ситуација. Надвор од сопчето врева, млади кои одвај чекаат да влезат во дискотеката, по некој сомнителен тип, нервозни газди, лабави бодигарди, чад од цигари, а внатре, во сопчето јас со „Маргина“. Ги голтам текстовите, ги читам стриповите, ги гледам портфолијата, од фуснотите фаќам белешки за дополнително истражување кога ќе се вратам дома... Имав чувство дека бев посебен, како што беше и „Маргина“ посебна.
Ако кажам дека „Маргина“ беше списание (во формат на дебела книга) и едно време излегуваше најмалку 6 пати годишно, изобилуваше со текстови кои беа интригантни, релевантни и поттикнуваа на мислење (тоа беше време кога интернетот беше во пелени), нудеше стрипови, фотографии и портфолија и беше најдобро списание во Македонија од областа на културата (најшироко сфатена), сето тоа е познато. И ден денес имам околу еден метар „Маргини“ во мојата библиотека и со задоволство им се навраќам. „Маргина“ ја купував во Табернакул, а кога немаше нов број, купував од постарите броеви, да ја комплетирам колекцијата. Ги немам сите, но имам многу „Маргини“. Денес „Маргина“ излегува еднаш годишно, со променет концепт (повеќе свртена накај литературата и со тематскии броеви).
Но затоа тука е „Окно“ порталот на интернет кој во некоја рака ја презеде улогата да ја продолжи мисијата на „Маргина“ во новите услови (дигитални медиуми). За добро утро отворам „Окно“ секој ден. Одличен портал. Ах, да. Сакам да кажам дека и „Маргина“ и „Окно“ се извонредно дизајнирани од КОМА дизајн, уште од самите почетоци во 1994 година до денес.
Што уште да кажам. Во оваа и ваква Македонија „Маргина“ е сепак исклучок, а не правило. Ама, убав исклучок! Честитки до тимот на „Маргина“ и „Окно“ за јубилејот. И, продолжете вака!
Ваш, Драги
Тетово, јануари 2024
Ана Голејшка Џикова
Окно, како и самото име, за мене е буквално влез во длабоки книжевни димензии кои само таму се отвораат на најчудесен и чудовишен, социјално прониклив, налудничав, сатиричен, одличен начин. Место каде ги наоѓам и моите песни или статуси, и на глас се смеам и се радувам. Окно ги жнее нашите мисли, го сочувува ритамот на градските нови деца, старите мамутски приказни и фикционалните состојби што се прелеваат во реалноста. Окно е остров на кој освен книжевна вода и храна, има и место за активизам, дебата, музички избор, главоболки и ставови што живот значат. Наше место во дигиталниот простор.
А Маргина? Маргина за мене, како 17-годишна добитничка на списанието по повод еден слем натпревар во старата „Точка“ )денешно БруталиСк), беше како да добивам скапоцен камен, вредност што уште ме „вози“. Маргина беше првата средба со оноземната моќ на културолошките дијалози, есеи, приказни и луѓе кои од хартија и оган, правеа уметност. Маргина всушност за мене значеше ослободување од стегата – индиректно влијаеше на мојот избор за читање, музика, уметност и го обликуваше мојот став кон животот воопшто. Некогаш идеалистички, некогаш валкано панкерски, но секогаш во дијалог со светот, со другиот, со другите. Фала ѝ.
***
Какви понеделнички сеќавања ме заплиснаа. Станата од 7, мијам садови, диплам крпи во кујна, го сортирам ѓубрето и си размислувам на културниот центар Точка. На работ на Илинденска, со двокрилна врата, внатре мирис на книги и крцкав паркет. Некој чуден параван од штица во какао боја за чајно кујниче, постери и столчиња претежно распар, различни.
Прва средба со Слапшак, Господинов, Буцати. Конкурирање на Слем поетско читање, 2003.
Имам 16 години и воодушевена сум од Маргина. Се полни собата со луѓе. Настапувам со љубовна песна - Цреша и ја читам на знаковен јазик. Добивам силен аплауз. Во првите редови седат Роберт, Зоја, Искра... Заборавам дека ги читаат победниците, пијам пиво во ќошето од десната соба со долапи и некоја мини изложба. Го читаат моето име - Ана Голејшка, добитник на трета награда! Една од најмладите учесници на овој натпревар!
Се срамам ем радувам. Добивам диплома, кило киви, купче книги и оранж маица со 10ката на Маргина.
Убаво ми беше. Убави ми беа тие луѓе. Убава беше Точка.
Билјана Ѓонеска
Науката е центарот на мојот свет(оглед), но културата и уметноста се центарот на мојата (само)свест. Сепак, заради примарната определба, долго мислев дека науката ја истиснала уметноста од мојот живот и се доживував како отпадничка од уметничкиот свет. Интересно, во така (из)местениот свет на аутсајдерот, маргината станува (епи)центар на културни и уметнички превирања. И така и би. За науката работев во работни денови, но за „Маргина“ и „Окно“ пишував на државни празници, семејни јубилеи и прослави. Таму ги бележев моите интимни писанија, и грижливо ги пренесував и моите научни сознанија, тукуречи напоредно со објавата во светски научни списанија. „Маргина“ и „Окно“ го сменија моето (само)сознание и мојата (само)перцепција, а ја градат личноста и идентитетот на своите читатели. Нивната дејност е просветителска, нивната мисија патриотска во најубавата смисла на зборот. Посакувам да с(м)е долговечни како измудрени старци и вечно заиграни ко деца.
Димитрие Дурацовски
После 25 години, потсетување на „Маргина“, незалезна ѕвезда на македонското издаваштво
Телевизискиот хроничар Коља Мраковски, во својата рубрика во „Форум“, вели дека не можел „ни да помисли на колку ниски падини пророчкиот дискурс ќе го донесат, во своите јавни настапи, видните културни дејци по име Владимир Георгиевски и Радован Павловски... кои покажаа дека се пророчки прототипови од најтривијален вид: крути, ограничени, глуви за соговорникот, конзервативни и, она што телевизијата не го простува - непристојни во својата надменост кон соговорниците.“
Кој е Коља?
Малку оптимизам и некаква чудна веселост среде овој мрак и црнила внесе еден човек со своето интервју во весник. Никола Гелевски, издавач на списанието Маргина и на серија извонредни книги, (чувствувам - анархист и дишановец) ме изнасмеа со своите тврдења: „Димитров и Чоревски даваат надеж дека Министерството (за култура) начисто ќе биде дотепано.“ Но тоа не е сè. Вели понатаму Гелевски, во ова весело интервју: „Од друга страна, во ВМРО има некои интересни, т.е. бизарни, т.е. „јуродиви“ интелектуални фигури, од типот на Милош Линдро, Младен Србиноски, Гиш, а нивниот идеализам и радикализам влева сепак некаква енергија, за разлика од здодевниот и анахрон Димитров или за разлика од нивната еманација на кич и патетика, Валентина Божиновска. Што, се разбира, не значи дека сум посебен почитувач на ликот и делото на креатурите од спротивниот табор од типот на Атанас Вангелов и Сашко Насев. Чувај Боже од такви културњаци.“
Драгиот Сашко, секогаш расположен и љубезен. На својата прва книга ми напиша една зачудувачка посвета: На многупочитуваниот Д.Д. Со благодарност и прошка за мојот досадувачки анархизам. С.Н.
Ми се виде овој Коља Гелевски како некаков римски аугур, како Стивен Дедалус, кој ги гледа птиците на небото и нивниот лет. Ќе ме зачуди еден ден пораката што ја најдов во моето електронско поштенско сандаче. На моето љубезно барање тие од Маргина да ми го испратат бројот на својата жиро-сметка за да се претплатам на списанието, тој Коља ми одговори дека воопшто не го знае бројот, но затоа, пак, ме прашува кој сум јас и каква врска имам со КГБ, ЦИА и со масоните? Помислив, или се шегува, или е навистина „надуван“. Чуден, необичен човек.
(Извадок од ракописот „Инсомниа“ пишуван и цртан 1999 година ракописно со туш и челично перо)