Влијанието на европската радикална десница

17.06.2024 11:49
Влијанието на европската радикална десница

Низ Европа кружи добро познатото сениште, кое редовно ни се враќа секои пет години. Додека граѓаните се упатуваат кон гласачките места за да го изберат новиот Европски парламент, коментаторите повторно се прашуваат дали екстремно десничарските антиевропски партии ќе освојат повеќе простор и ќе се обединат за да ја уништат Европската унија однатре.

Вистина е дека оние кои не веруваат во ваквото сценарио за судниот ден отсекогаш тврделе дека екстремната десница засекогаш ќе биде поделена, бидејќи националистичкиот интернационализам е contradictio in adjecto. Уште поверојатно е дека политичките несогласувања за конкретни прашања - главно за војната во Украина - и драстично различните визии за политичките стратегии ќе ги спречат европските екстремно десничарски партии да формираат „супер сојуз“.

Пред последните парламентарни избори во 2019 година Европа беше исплашена од најавите дека Стив Банон, американски политички оперативец кој се промовира себеси преку мрачните вештини на популизмот, ќе ја искористи својата магија за да ги обедини екстремно десничарските партии во блокот. Повеќето коментатори не успеаја да сфатат дека сојузот што го замислија Банон и неговите помошници е, всушност, незаконски. И иако постигна солидни резултати на изборите таа година, екстремната десница остана поделена меѓу две големи парламентарни групи: Идентитет и демократија (ID) и малку помалку еврофобичните европски конзервативци и реформисти (ECR). Најавите дека екстремната десница ќе ја парализира работата на парламентот - слично на републиканците кои се закануваат да ја блокираат работата на американскиот Конгрес - се покажаа како неосновани.

Во исто време конвенционалната мудрост дека изразито националистичките партии не можат да се обединат преку националните граници е одраз на политичко самозадоволство и непознавање на историјата. Во деветнаесеттиот век антиимперијалистичките либерали од цела Европа се обединија околу принципот на национално самоопределување и си помагаа меѓусебно во нивните борби против Хабсбурговците и другите империи.


Вистина, во случај на пораст на шовинистичкиот национализам во сите земји-членки на ЕУ, преговорите во Брисел веројатно би биле многу потешки отколку што се сега. Но, екстремно десничарските партии во меѓувреме се приближија до визијата за која се залага ЕУ и ги отфрлија плановите за напуштање на блокот по дебаклот на Брегзит. Наместо тоа, тие настојуваат да ја сведат улогата на Европската комисија на минимум и да го претворат нејзиниот претседател во обичен „функционер“ во служба на земјите-членки, како што рече минатата година унгарскиот премиер Виктор Орбан. Ваквата речиси деголистичка визија за „Европа на татковините“ е далеку поприфатлива за гласачите кои стравуваат дека драстичната мерка за напуштање на ЕУ ќе предизвика хаос.

Длабоките политички разлики стојат на патот на обединувањето на екстремната десница. Орбан, кој се залагаше повеќе за „окупација“ на Брисел отколку за развод, се залага за сојуз меѓу француската опозициска лидерка Марин Ле Пен, чија партија Национален фронт е движечка сила во групата ID, и италијанската премиерка Џорџиа Мелони, важна фигура во ECR група. Но, Ле Пен е позната по нејзиниот мек став кон рускиот претседател Владимир Путин, додека Мелони изгради репутација на меѓународната сцена поради нејзината непоколеблива поддршка за Украина (што ги затапе критиките за нејзината авторитарна внатрешна политика).

Исто така, Орбан, кој го повлече Fides од водечката конзервативна Европска народна партија (EPP) во 2021 година за да избегне исклучување, е близок со Путин - дури и повеќе од Ле Пен. Затоа e тешко да се замисли дека Fides, кој сака да влезе во ECR по изборите, ќе има хармонични односи со Мелони и со полската изразито антируска партија Право и Правда.

Тука е и проблемот со различните политички стратегии. Ле Пен, чија примарна цел е да победи на француските претседателски избори во 2027 година, продолжува да ја спроведува стратегијата на дедемонизација. Со цел да се дедемонизира себеси и да се направи поприфатлива за пошироката публика, нејзината партија Национален собор - некогаш позната како Национален фронт - мора да се претстави пред светот како централнодесничарска партија со добри намери, наместо како екстремно националистичко движење (додека истовремено вината за политичкиот хаос во фракциски поделениот француски парламент ја фрла врз крајната левица).


За таа цел Ле Пен се огради од историскиот ревизионизам на нејзиниот татко Жан Мари Ле Пен, претходниот лидер на партијата, кој ги прогласи нацистичките гасни комори за историска „ситница“. Така, кога Максимилијан Кра, водечкиот кандидат на екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (AfD), изјави дека не сите кои носеле униформи на нацистичките SS се криминалци, тоа беше Божји дар за Ле Пен. Со инсистирањето на исфрлање на AfD од групата ID, таа ја покажа нетрпеливоста на нејзината партија спрема ревизионистите.

Но сите радикални десничарски партии не работат на дедемонизацијата. Политичарите кои се обложуваат на радикализација сметаат дека пошироката јавност ќе им пристапи и нема потреба да се трудат со поинакви пристапи. Познато е дека конзервативците и демохристијаните сè повеќе се спремни за коалиции со екстремната десница. Дури и оние кои одбиваат да соработуваат со такви партии често ја прифаќаат нивната реторика и на тој начин ги легитимираат своите позиции. Во 2022 година Валери Пекресе, претседателски кандидат на dеголистите, сигнализираше дека можеби има нешто во теоријата за „Големата замена“, теорија на заговор која учи дека муслиманите се испраќаат во Европа за да го надвладеат домородното население. Министерот за внатрешни работи на францускиот претседател Емануел Макрон, исто така, ја обвини Ле Пен дека е премногу мека кон исламот.

Се чини малку веројатно дека европските екстремно десничарски партии ќе успеат да се обединат (ако некако успеат да го направат тоа, тоа ќе биде втората по големина групација во Европскиот парламент). Но, влегувањето на екстремната десница во мејнстримот на политичкиот живот секако значи дека овие партии ќе продолжат да бидат влијателни. Ова повеќе зборува за слабоста и опортунизмот на десниот центар отколку за силата на екстремната десница. Како што истакна холандскиот научник Кас Муд, ако десничарската EPP продолжи да ѝ се додворува на Мелони - или ако се закани дека ќе ги напушти центристичките коалиции Renew Europe и Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите - екстремно десничарските партии би можеле да успеат да ги постигнат своите цели, од укинување на системот за азил до поткопување на плановите за европската зелена транзиција, дури и ако тие не ја освојат власта.


Слики: Otto Dix (1891-1969)

Извор за текстот: Project Syndicate, 07.06.2024.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото