Обична скапоценост: Кон изложбата „Сосема обично“ на Владимир Илиевски

18.06.2024 13:55
Обична скапоценост: Кон изложбата „Сосема обично“ на Владимир Илиевски

Длабока шума, 2024, масло на платно

Од праисторијата на човештвото шумата е архетипски симбол што влева страв. Митологиите се полни со суштества кои владеат со ненаселени места што ги прават опасни за обичниот човек. Бабата на Црвенкапа живее сама во куќичка насреде шума. Ивица и Марица, оставени во шумата наидуваат на буквално слатка куќичка во која живее ... вештерка. Во шумата демне опасност. Ние, луѓето, ја бараме сигурноста во осветлените населби и во топлите безбедни домови. За жал, статистиките даваат поинаква слика. Населените места и домовите се далеку поопасни од шумите, а најопасни се за самите шуми. Исконската желба да се уреди животот соодветно со удопствата што ни ги нуди цивилизацијата, заедно со исклучителните придобивки, ги отсликува некои од најгрдите карактеристики на човештвото. Наместо служењето едни на други, преовладува стремежот другите да ни се потчинат. Сакаме да имаме сѐ под наша контрола, од луѓе, па сѐ до неживата природа. Затоа шумите се сѐ помалку, а на нив се гледа низ призмата на егзотичност. Тие се последните парчиња од „загубениот рај“. Необични се, посебни, мистични и предизвикувачки.

На Владимир Илиевски, авторот на изложбата „Сосема обично“ не му е туѓо на ваков начин да ја доживее природата. Неколку насловени слики содржат термини како магичност, самовили и нимфи. Сепак Илиевски во својот опус се сосредоточува на сосема обичното, на она што често може да остане „невидливо“ затоа што е премногу вообичаено. Рефлектирајќи врз она што го насликал Илиевски вели, „Оваа серија ја насочувам кон обичното, во секоја смисла. Обично како просто, банално, секојдневно, плитко, но и обично како чисто, искрено, ненаметливо. Како цвет кој не е спастрен, натокмен, нареден, туку едноставно е претставен како што е, неуреден, природен, а со тоа и раскошен. Толку обичен што станува необичен. Па оттука, велам, обичното е необично. Или во време на специфичности и докажувања, обичното е драгоцено.“

Ваквото видување на нештата совршено се вклопува во уметничкиот сензибилитет и личноста на Владимир Илиевски. Смирение, а не ексцентричност е карактеристично за него. Некој би рекол, само обичен човек. Затоа и е толку необичен. Ништо не докажува, а само покажува.

Да се нурнеме во обичниот свет на природата, уметнички претставен од Владимир Илиевски почнувајќи од сликата „Длабока шума“. Сѐ на оваа слика е во духот на уметничкиот реализам. Она што се гледа е длабоко во шумата. Пред зелената грмушка се протега борова шума чии стебла во долниот дел се со соголени гранки. Дрвјата се во трка по сончевата светлина. Секој од нас видел слична глетка. Но, за да ја видиме на сликата уметникот се внел во најситен детаљ. Вака изгледа здравата шума.

Шумски тунел, 2018, масло на платно

Сѐ уште сме во шумата, но од реалистичниот приказ се префрламе на енергичен импресионизам во „Шумски тунел“. Ја гледаме патеката, гранките и лисјата, но „виденото“ е вклопено во „окото“ на уметникот. Темното зелено „разговара“ со светлите зелени нијанси така што истата вегетација изгледа како да припаѓа на два различни света. Неколку гранки ко лак висат над патеката и претставуваат визуелен „премин“ од еден во друг свет. А некој ќе си рече, „Патека за една секојдневна прошетка“.

Светлината е најобична природна појава. Таа е толкав дел од нашето искуство така што забораваме дека не само што можеме самата неа да ја видиме, туку и заради неа гледаме сѐ друго. Како што псалмистот вели, „Во Твојата светлина гледаме светлина“. Владимир Илиевски во сликата „Создавање на светлоста“ ги има вткаено своите теоретски знаења, сликарски вештини, креативност, контемплативност и интертекстуалност во совршен спој.

„Создавање на светлоста“ го сумира целиот опус од оваа збирка на дела посветени на природата. Контрастот меѓу делот на сликата во сенка и онаму каде што е облеан во светлина е класичен пример за уметничка композиција. Набљудувачот добива впечаток дека е дел од сцената, дека се наоѓа во честакот со вегетација и е „фатен“ во мигот кога ја забележува светлината која се пробива низ крошните. Тука на ова темно место и под закрилата на древните дрвја светлината се прикажува во сета своја автентичност. Не е заслепувачки блескава зашто нејзината „жестина“ е ублажена од транслуцентноста на лисјата кои жедно пијат од неа за да ги претворат во насушна храна состојките вредно собирани од корењата во почвата. Ова е обична физичка појава која нѐ потсетува дека сета обичност на светот е најнеобичното нешто во појавноста на она што постои. Живата материја е транслуцентна! Ние луѓето сме транслуцентни. Секој од нас како дете го „открил“ овој факт кога некоја светилка сме ја прилепиле на нашата дланка или прст кои стануваат проникнати со светлина. Изворот на светлината за планетата Земја во суштина е разорен. Безброј нуклеарни експлозии постојано го хранат со сонцето со пламен. Благословени сме што сме од него оддалечени на осум светлосни минути. Тамам колку треба. Подалеку или поблиску и нема живот! Обичните физички закони му овозможуваат на сликарот да ѝ се радува на светлината под закрилата на животодавната шума.


Создавање на светлоста, 2019, масло на хартија

Во друга прилика, уметникот е директно изложен на светлината како што е пејзажот што го насликал на сликата со наслов „Утринска светлина“. Наспроти бујната вегетација во пролет тука сцената е видена во доцна есен. Тревата си ја здржува зелената боја, додека крошните на дрвјата ги загубиле поголемиот дел од лисјата. Оние што останале се огнено портокалови. Зраците на зората се рефлектираат во секоја нијанса зелено, златно, портокалово, додека наместа зимата го најавува своето доаѓање претворајќи ги живите пастелни бои во сива и во црна. Од блесокот на мовот на дрвото во десниот агол јасно е дека авторот и набљудувачот гледаат од северната страна зашто светлината доаѓа одлево, поточно од исток. Небото е прошарано со облаци со парчиња сино небо низ кое се пробива сончевата светлина.

Утринска светлина, 2017, масло на платно

Средиштето на сликата е осветлен на таков начин така што полјаната изгледа како река од злато. Оваа секојдневна утринска појава одеднаш заличува на „Елдорадо“. Обичните стракчиња трева кои сами по себе не се ништо особено, се „престориле“ во злато. Потсетник дека трката по вистинското злато, кое речиси и да нема практична примена, често е по цена на природата од која зависи секое живо суштество. Само да забележиме дека во безброј обични мигови природата ни дарува доживувања со кои ни најголемите мајстори златари и филиграни не можат да се мерат. Одблесоците на малите бранови на езерото кои личат на златокрили птици, карпите кои блескаат со златно-црвена боја која не може да ја долови ниту еден рубин, длабокото синило на небото и на морето во која тоне секоја сина на сафирот. Колку обично и затоа колку посебно.
Трагајќи постојано по „доживување на животот“ како по почетокот на лакот на виножитото стремејќи се да станеме дел од „елитата на посебните“ стануваме слепи за она што е пред нас. Тоа е најчесто радикално „демократски“ и е достапно до сите, па затоа ни не му обрнуваме особено внимание. Ако секој може да стигне до нешто, тоа престанува да биде горлива цел. Колку само се лажеме. Околу нас има безброј предели кои остануваат скриени затоа што нашиот фокус е кон оние нешта што ќе нѐ издвојат од другите.

Скриен предел, 2019, масло на платно

„Скриен предел“ каков што прикажува Илиевски на истоимената слика нѐ опкружува сите нас. Сѐ што треба да направиме е да ги разбудиме нашите сетила кои се сѐ позасилено „окупирани“ од виртуелниот свет во кој од петни жили се обидуваме да му покажеме на стварниот свет колку сме посебни. „Скриен предел“ на Илиевски ни нуди ментален простор да се откриеме себеси, но за себеси, а не за да им го покажеме тоа на другите. Патеката е послана со паднато лисје. Техниката на сликање во импресионистички стил. Бела, жолта, светлосива и пурпурна. Овој предел му е на располагање секому, но ретко кој навраќа тука. Пределот е „скриен“ не затоа што се „крие“, туку затоа што нема име и како таков нема „социјален капитал“. Обична шумска патека, а такви ги има буквално на милиони. Сепак, секоја од нив, како оваа на сликата, ќе биде видена на „милион“ различни начини. Патека по која секој може да прошета. Нема ексклузивен пристап до неа, нема порта на која пишува „забрането за натрапници“. Наша е ако сакаме врз неа да чекориме.

Светла сенка, 2018, масло на платно

Дека „обичното“ во природата е токму она што нѐ очудува е убаво прикажано на сликата „Светла сенка“. Парадоксот во насловот станува јасен кога ќе се види сликата чиј стил е изразен низ призмата на импресионизмот. Движењата се темпераментни, а секој потез гледан сам за себе и одблиску не може да се „вклопи“ во целината. Но, кога сликата е погледната од доволна дистанца како целина тогаш секој нанос на боја си стои на своето место. Полјаната ги добива познатите контури, но изгледа и како да е во движење.

Сенките на сликата не затскриваат, туку нагласуваат. Местата кои се потемно нијансирани дозволуваат подобар увид во деталите. Во горниот дел на сликата низ гранките се гледаат прозорчиња со сино небо. Совршена заднина врз која се нагласува темнокафеавата кора на дрвјата. Парадоксално, за да нагласи темното потребна е светлина.
Уште една слика на Илиевски зборува со јазикот на сенката, а е насловена како „Во сенката“. Со елементи на поинтилизам оваа слика на Илиевски е создадена со макотрпна посветеност на секој детаљ. Раскошните мали цутови и лисја на грмушките под сенката на високите дрвја нѐ потсетува сѐ што содржи една обична сцена од природата. Неверојатно нијансирани варијации при што речиси секој цут и секој лист бараат засебен пристап во добивањето на посакуваниот ефект. Она што уметникот го гледа и што расте, ете така, само од себе, без особена ботаничка грижа се покажува како крајно комплексно и необично. Неговата „непретенциозност“ е вчудовидувачка кога се станува свесен за неа. Токму затоа што се работи за уметничка слика која повикува на вдлабочено и на повеќекратно набљудување, секое гледање е ново доживување и откривање нешто „ново“. Чудо е напросто колку изненадувања кријат обичните растенија кои ни се пред очи секој ден и насекаде околу нас.

Во сенката, 2023, масло на платно

Од суптилноста на пораката за „необичното“ во обичното уметникот преминува на подиректен контакт и комуникација со публиката. Една од сликите ја именува како „Грациозна јаболкница“. Навистина е грациозна! Но, зошто е тоа така? Затоа што „стоички“ издржала да биде „занемарена“ и недопрена во времето за берба на јаболка. Лисјата се опаднати, но јаболката стојат како лампиони на елка. Ова е сведоштво за сѐ позачестената слика на напуштени лозја и овоштарници. Благородни овошки оставени сами на себе. Но „страдањето“ на јаболкницата е подарок за уметникот. Тој ја здогледал и ја увидел нејзината грациозност, непоколебливата својственост да биде тоа што е – благородно дрво кое дава богат род на јаболка.

Листопадните растенија се подготвуваат за зимата. Оваа јаболкница има дополнителна работа зашто никој не ѝ помогнал собирајќи ги плодовите. Затоа на уметникот му понудила најубава глетка, а сите нам ни е потсетник за тоа какви плодови ние даваме, без разлика на околностите и без разлика дали некој тоа го цени. Колку секој од нас би бил „грациозен“ доколку ние сме така оставени соголени на ветромет?
Грациозна јаболкница, 2019, масло на хартија

По фокусот на едно индивидуално стебло следат две слики со поединечно растение, и двете сончоглед. Едната слика се вика „Мал голем сончоглед“, а другата „Кон сонцето“. Се работи за исто растение насликано во различен амбиент и во различен стил. „Мал голем сончоглед“ е со примеси на импресионизам, додека „Кон сонцето“ стилот е реалистичен. Насловите се обратни. „Мал голем сончоглед“ е игра на зборови кои го опишуваат насликаниот предмет, додека „Кон сонцето“ е метафора за најпознатата карактеристика на сончогледот – да го следи патот на сонцето на небото.

Имајќи предвид дека сончогледот е индустриска култура со насади од по десетици, па стотици илјади на поле, авторот ги вади од анонимноста и ги става во апсолутен фокус. Перспективата е во анфас – сончогледите гледаат право во нас. Дали тоа значи дека уметникот намерил секој од нас да биде „сонцето“ во кое гледа сончогледот? На тој начин секој од нас е изваден од анонимноста на другите осум милијарди луѓе и е предизвикан да се замисли како сонце. Какво сонце би бил секој од нас во очи со сончогледот? Токму ти, токму јас, обични меѓу обичните, што би направиле да ја имавме моќта и „одговорноста“ на сонцето? Но, зад оваа хипербола се крие едно понепријатно обично прашање. Што правиш ти и што правам јас за природата? Во каква состојба ќе им ја оставиме не само на оние што се сега идна генерација, туку на оние што воопшто не се родени и нема да се родат уште долго време?
Кон сонцето, 2020, масло на платно

Нема уметник кој нема да го прекрши своето правило. Владимир Илиевски не е исклучок. Во изложбата „Сосема обично“ на една слика ѝ дал име „Магично стебло“. Во што се состои магијата на стеблото? Дали во тоа што личи како да гори, а да не изгорува, како онаа славна разгорена „грмушка“ која не изгорува пред очите на Мојсеј во синајската пустина. Дали и тука се насетува присуство и објава на светото за кое Рудолф Ото напишал цела книга? Ова стебло би можело да биде во пламен, а отворот да претставува уста преку која зборува светото. Полјаната околу дрвото е во целосно спокојство. Така може да се заклучи дека овој пламен е откровенски, а не уништувачки. Сѐ на оваа слика „дише“ мистично. Оној кој ќе му се предаде на ова откровение, ќе биде внесен во мистиката на природата. Но, тајната е јавна. Дури и најголемите чуда не се ништо друго, а појавност во природата. Нема друг начин како да се манифестираат освен преку медиумот на физичките закони.

Овие теми се продолжени во сликите „Самовилски цветови“ и „Нимфа меѓу цвеќиња“. Овие две платна се диптих, поточно едната е „детаљ“ од другата. Самовилите и нимфите се познати „заштитнички“ на шумите. Мечтата на колективната свест и меморија на човештвото ги создало овие митолошки ликови за да ја изрази својата благодарност кон природата која штедро ни дарува сѐ што ни треба за живот. Соодветно со насловите уметничкиот израз укажува на присуство на натприродното во природното, необичното во обичното. Виолетово-пурпурните цветови личат на пеперутки и на светулки одеднаш. На „Нимфа меѓу цвеќиња“ ги гледаме нејзините раце кои изгледаат како да повикуваат напомош. Овој „исечок“ слика потсетува на некои дела на Климт. Нежни женски дланки кои повикуваат на љубезност, уште повеќе, на љубов. Ја сакаме ли земјата и нејзината природа?
Нимфа меѓу цвеќињата, 2021, масло на платно

Од натприродното, изложбата нѐ враќа на најобичното, на обично „Црвено гранче“. Обично? Се разбира да, обично. Саксија со растение кое стои во некој трговски центар или друга продавница. Тешко дека би го забележале додека сме во потрага по најновата мода и најновиот бренд облека. Гранчето си е раскошно и само за себе, но и за секој кој има очи тоа да го види. Едно гранче, а ете Илиевски го насликал како да е цела шума.

Истото важи и за сликите „Лаванда“, „Диво цвеќе“ и „Диви цветови“. Овие три слики највпечатливо ја претставуваат идејата на авторот се работи за ... „цвет кој не е спастрен, натокмен, нареден, туку едноставно е претставен како што е, неуреден, природен, а со тоа и раскошен. Толку обичен што станува необичен“.

Ова е особено случај со сликата „Лаванда“. На неа обичните неспастрени стракови лаванда се ставени во ликовен амбиент кој заличува на „Големата експлозија“ со која започнал овој сосема обичен свет подложен на обичните физички закони, сѐ додека не се загледаме подлабоко во нив. Тогаш ја откриваме „магијата“ на квантот и на кваркот.
Зборувајќи за прапочетокот стигнавме до крајот.

Лаванда, 2022, масло на платно

Пред нас е сликата „Соединување“. Оваа слика е уметнички приказ на „сеопштата теорија“, онаа во која научниците се обидуваат да ги усогласат сите природни феномени кои гледано засебно си функционираат беспрекорно, но кога ќе се спојат заедно стануваат противречни едни на други. Теоретската и практична уметничка вештина на Илиевски е споена со неговите интердисциплинарни познавања од природните и општествените науки. На сликата се анатомски совршени претставени раце, обраснати во бршлен. Спој на антропологијата и на екологијата. И тука има речиси допир на прстите, како на славната слика на „Создавањето“ на Микеланџело.

Човекот има клучна улога во одржувањето на природата од која е физички целосно зависен. Илиевски нагласува, или ќе живееме во хармонична симбиоза или во борбата на секој против секого ни следи универзален пораз. Движењето на женските раце е нежно и со нив се прикажува мајчиниот инстинкт на самодавање и сочувување. Обични раце, обичен бршлен, а гледај чудо, од нив зависи судбината на скапоцената вселена.


Соединување, 2021, масло на платно