1010 hPa
60 %

20 °C
Скопје - Нед, 16.03.2025 08:59
Татко ми врз мене изгради грижа колку цело пристаниште
што го напуштив пред да бидам спремен за тоа,
а тој си остана сам со големата, празна грижа.
Мајка ми, пак, дрво беше на брегот
со рацете испружени кон мене.
Во 1931-та рачињата ми беа весели и мали,
во 1941-та научија пушка да држат,
а кога ја љубев првата љубов,
мислите ми беа грозд шарени балони
нанижани на тенок конец што цврсто го држеше
бела моминска рака – а потем го пушти.
Во 1951-та двигот во животот ми беше
ко двиг на робје што оковано во галија весла,
ликот на татка, ко фенер на задниот вагон од воз што си оди,
а мајка катинар им стави на облаците во кафеавиот долап.
Ја накачував така улицата,
векот дваесетти ми беше крв во вените,
крв што во многу војни посака да појде,
низ многу проѕирки да се мушне.
И сѐ уште черепот ми баботи,
во лут бран кон срцето се ближи.
Но сега, во оваа пролет 1952, гледам,
долетаа повеќе птици отколку што зимоска одлетаа.
Се враќам по сртот планински
во мојата соба каде стежнало едно женско тело
од бремено време.
Превод: Зоран Анчевски