1027 hPa
75 %
6 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 07:59
Дванаесет стрипови се во конкуренција за награди на конкурсот за млади, за стрип, организиран од ХЕРА, Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување, и издавачката куќа ТЕМПЛУМ. Темата на конкурсот е „КАДЕ ПРИПАЃАМ?“
Еве ги автор(к)ите и насловите на пристигнатите стрипови:
Гаја Смилевска - Нешто што фали (5 страници)
Ева Дејановска - Карактерен квиз (5)
Иван Коминовски - 3 Faces (6)
Луција Давиткова - Магија (3)
Марио Кекеновски - Ехото на сопствените мисли (3)
Матеа Аризановска - Каде припаѓам (5)
Михаил Стоиловски - Знак (6)
Петар Шулевски - Go Away, Goblin! (1)
Сања Георгиева - Љубов е сè што ни треба (3)
Сара Ангеловска - Празното платно (3)
Филип Томевски / Слободан Тимчевски - Имате идеја за други игри? (3)
Фјола Шахини - „Арсон“ (6)
Конкурсот е наменет за младите луѓе до 33 години. Организаторите нагласуваат дека една од целите на конкурсот е мислењето и работата на младите да бидат повидливи и погласни. „Освен тоа, сакаме да ги поттикнеме вредностите на заедничката работа, инвентивноста, креативноста и ангажираноста. Цел ни е и да придонесеме за развојот на еден интересен уметнички медиум, стрип, кој што е слабо застапен во нашата земја. На овој начин придонесуваме и за развојот на македонската културна сцена, промовирајќи нови млади креативни актери, нови културни настани, поинакви пристапи во полето на културата и пошироки форми на соработка.“
За најдобрите стрипови предвидени се три награди: од 15, 10 и 5 илјади денари. Во жирито се Никола Гелевски, Фросина Крушкаровска и Милош Стојановиќ. Имињата на наградените ќе бидат објавени кон крајот на месецов (јуни, 2024 година).
Во текот на јуни беше организирана и работилница за пишување и цртање стрип, во функција на конкурсот, на која присуствуваа десетина млади луѓе. Работилницата ја водеа Хана Корнети, Ѓорѓе Јовановиќ, Владимир Лукаш и Никола Гелевски.
Најдобро оценетите стрипови ќе бидат објавени во публикација и претставени на книжевниот фестивал „Друга приказна“ што ќе се одржи од 30 август до 1 септември.