Моќ и сила

02.03.2011 09:40
Моќ и сила

Една од најстрашните работи што ни ја донесе новото време е високиот степен на насилство. Зголемените стравови произлезени од заострената борба за опстанок создаваат и повеќе насилство. Сиромаштијата, се разбира, има сè помалку избор; очајанието води во избезуменост и во деструкција. Но, и на другиот крај на социјалната скала, меѓу побогатите, гледаме нешто слично: дивјачка борба за превласт, за тотална контрола над малубројните ресурси.

Со тој мирис на крвта и на борбата, и одоздола и одозгора и на сите страни, се хранат нашите сетила. Медиумите се претворени во хроники на насилството; како она елементарното, што ни се случува во семејствата, школите, автобусите, на улиците, така и она насилство што го генерираат владетелите со нивните бескрајни политички и економски сплетки.

Ми се чини дека една од најважните точки во владината агенда во моментов треба да биде обидот да се сопре насилството и колку-толку да се смекнат, т.е. да се направат порационални и попродуктивни општествените борби. Тоа може да се направи само со многу грижа и разбирање за позициите на сите општествени актери. Со недвосмисленото покажување на клучната намера, да биде вистински и длабоко сплотувачка, владата всушност ќе ја стекне својата реална моќ. Владата нема да го добие толку потребниот авторитет доколку себеси се промовира во најголемиот силеџија во градот (кој од древни времиња, знаеме и од Макс Вебер, има легитимен монопол над средствата за насилство). Точно е дека насилството е мошне ефикасна метода за остварување на целите, но точно е и тоа дека насилните средства многу често ги поништуваат целите. Доколку власта е насилна и доколку брзо не ги оствари целите заради кои применува насилство, не само што таа власт ќе доживее пораз во однос на зацртаните цели туку и ќе го воведе насилството во целокупната политика. Да, насилството го менува светот, но најчесто го менува во уште посилеџиски свет.

Каде го гледам насилството на новата влада? Во обидот да се понижи претседателот Црвенковски, на пример. Дури Црвенковски и да го заслужува гневот на вечно револуционерните (во однос на кого?!) десничари на власта, покажувањето сила, пред сè, ќе ги ослабне позициите на Груевски, особено на среднорочен и долгорочен план. Груевски мора да биде свесен дека високиот рејтинг многу брзо ќе почне да му паѓа, оти незадоволството во земјава е големо. Во таков случај луѓето природно ќе се вртат кон оној што му е трн во око на Груевски, во случајов кон претседателот, како доволно силна противтежа за поривот на владата да контролира сè. (Впрочем, големото враќање на Црвенковски веќе два пати го доживеавме.)

Најголемите непријатели на Црвенковски (а како убедливо највешт политички играч тој богами има задолжено цела ергела непријатели), всушност најмногу работат на неговото ново политичко воскреснување; оти, во најголемиот број случаи, непријателите на Црвенковски во јавноста се искомпромитирани дури и повеќе од својата фрустрирачка фиксација. Што и да мислите за Црвенковски, тој однесе две извонредно високи политички победи, кои во нашава поблиска иднина тешко ќе се повторат: 2002 година на парламентарните избори неговата коалиција освои половина милион гласови (речиси двојно повеќе од победата на Груевски пред половина година); а 2004 година убедливо и со голема разлика го победи вмровскиот кандидат Кедев.

Не знаејќи што прави Црвенковски под маса (можеби некакви такви тајни потези до тој степен го иритираат Груевски?!), би рекол дека неговата претседателска функција, особено на внатрешен план, ја извршува мошне коректно, со многу такт и умереност. Дури (повторувам, гледано од медиумски аспект, од оваа страна на кулоарите, значи), претседателот направи еден речиси понизен гест на излегување во пресрет на новата влада, прифаќајќи го сосема неоправданото и хировито повлекување на двајца амбасадори. Значи, што се однесува до државничката умешност, до демонстрирањето кооперативност и уважувањето туѓи позиции, Црвенковски за само неколку месеци води барем 3:0 во однос на Груевски; а доколку Груевски продолжи да игра насилно и панично (паничната непромисленост беше негова најголема слабост и како опозиционер), Црвенковски уште повеќе ќе ја зајакнува својата позиција.

Зборот ми е: нашиве политичари треба конечно да почнат да прават разлика меѓу моќта и насилството. Политиката треба да биде моќ, нешто што се разликува од обичната сила, то ест нешто што ја менува природата на простата сила, претворајќи се во нов квалитет, во легитимност и во авторитет. Силата употребена во согласност со законот всушност го има квалитетот на облагородена сила, нешто што дава попозитивна слика за целокупните општествени односи.

Уште Медисон знаеше дека реалната моќ всушност е во јавноста и во убедувањата на луѓето, велејќи: “сите влади опстојуваат врз основа на мнението”. Хана Арент се надоврзува на тоа кога вели дека сите политички институции се манифестации и материјализации на моќта; “тие се вкаменуваат и пропаѓаат штом ќе престане да ги поддржува живата моќ на народот”.

Потсетувајќи ја сегашнава десна влада, значи (малку иронично но и добронамерно:), на некои интересни “леви” размислувања за односот меѓу моќта, силата и државата (Маркс велеше дека државата е само инструмент за угнетување во посед на владеачката класа, Енгелс велеше дека насилството е забрзувач на економскиот развој, Мао Це Тунг дека моќта расте низ цевките на пушките, а Троцки дека државата се заснова врз насилството...), би сакал да се надевам дека таа наша влада, пред сè, во сопствените редови ќе ги запре загрижувачките манифестации на политичка некултура и силеџиство.

слики: Paweł Kuczyński

„Утрински весник“, 26.12.2006

И за ова дава Сорос пари? за

И за ова дава Сорос пари? за преринти од пред 4 години? Скроз излапел.

Добро е што Окно нè потсетува

Добро е што Окно нè потсетува како било, до вчера. Молам повеќе вакви текстови!
Вечна современост
„Сиромаштијата, се разбира, има сè помалку избор; очајанието води во избезуменост и во деструкција. Но, и на другиот крај на социјалната скала, меѓу побогатите, гледаме нешто слично: дивјачка борба за превласт, за тотална контрола над малубројните ресурси.„

Не знам зашто, мене ова ми

Не знам зашто, мене ова ми личи на обидот да се уништи А1:
„Доколку власта е насилна и доколку брзо не ги оствари целите заради кои применува насилство, не само што таа власт ќе доживее пораз во однос на зацртаните цели туку и ќе го воведе насилството во целокупната политика. Да, насилството го менува светот, но најчесто го менува во уште посилеџиски свет.“

Па и ова изгледа

Па и ова изгледа актуелно:
„Што и да мислите за Црвенковски, тој однесе две извонредно високи политички победи, кои во нашава поблиска иднина тешко ќе се повторат: 2002 година на парламентарните избори неговата коалиција освои половина милион гласови (речиси двојно повеќе од победата на Груевски пред половина година); а 2004 година убедливо и со голема разлика го победи вмровскиот кандидат Кедев.“

Спорна е тезата на Гелевски

Спорна е тезата на Гелевски (додуше пишувана пред 4 години):
„доколку Груевски продолжи да игра насилно и панично (паничната непромисленост беше негова најголема слабост и како опозиционер), Црвенковски уште повеќе ќе ја зајакнува својата позиција.“
Изминативе 4 години Груевски играше многу насилно, многу често паничарски - па пак си ја задржа предноста пред Црвенковски.
Можно е да има најмалку два одговора за овој парадокс: значаен дел од народот сака насилничка власт, оти само таа (во овој балкански груб контекст) му изгледа доволно авторитетна; второ, можеби Гелевски има право, можеби насилството и паничноста на Груевски им се гадат на луѓето (освен на тие 20% поддржувачи), но им се гадат на начин да се дистанцираат од целокупната политика (што е ирационално и самоубиствено, но е реалност).
Избориве пред нас ќе покажат, впрочем, дали тезите на Гелевски пијат вода.

Ako reformiranje na

Ako reformiranje na opshtestvoto go narekuvate siledzhistvo, togash napred siledzhiite. Ko shto im rekol Zhizhek vo Google, "Be evil".

Ако овој хаос и лудило во кои

Ако овој хаос и лудило во кои е втерана Македонија (како избезумена крава пред клање) се нарекува „реформи“, тогаш секој следен македонски владател може да воведе обавезно мочање врз поданиците и нивно тепање, бар еднаш дневно, од воспитни и „реформски“ потреби. Ако ова уништување на Македонија е „реформа“, тогаш слободно може да се констатира: кој го запознал груевизмов, за него и пеколот ќе биде песна!

И Бранко беше реформист, и

И Бранко беше реформист, и Љубчо, и Бучко, и Грујо. Стварно јака аргументација е - „правиме реформи“. Правиме операции, е сеа јебига пациентите што се мртви, зар е некој проблем?! Ало, луѓе! Грујо е чума! Иљаду посто го потпишувам текстот на Милчин! Јато најпрождрливи скакулци се блага шала во однос на скакулците на груевизмот! За ова лудило (особено за СК 014) ќе се разговара допрва, децении пред нас, и не само кај нас!

Слични содржини

Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото