1026 hPa
80 %
1 °C
Скопје - Пон, 20.01.2025 15:59
Во многу земји-членки на ЕУ, јавно-здравствените системи не можат да ги платат огромните цени за новите витални лекови. Фармацевтската индустрија ги обврзува државите на тајност на цените и профитира од тоа. Колку е помал пазарот, толку лековите се поскапи.
Секое утро пред да оди во градинка, тригодишната Милда мора да облече моторизиран елек кој потоа ја тресе половина час. Таа не се буни, бидејќи во текот на процедурата ѝ е дозволено да гледа цртани филмови на таблетот.
Девојчето боледува од цистична фиброза (муковисцидоза), наследна болест поради која бронхиите не ја чистат слузта правилно. Елекот, кој детето го облекува двапати дневно по половина час, помага за отстранување на слузта и ѝ го продолжува животот. Многу деца со цистична фиброза во минатото умирале пред да станат полнолетни.
Постои лек кој на Милда би ѝ помогнал многу повеќе од елекот и кој би ѝ го продолжил животот барем за 20 години. Лекот се вика Кафтрио, единствениот произведувач е Вертекс, фармацевтски гигант со седиште во Бостон, САД, но лекот е достапен и во ЕУ.
Милда живее со своите родители во Клајпеда, Литванија, членка на ЕУ. Меѓутоа, во Литванија, лекот не е достапен на рецепт. Властите преговараат, но цената што ја бара компанијата е огромна.
Теоретски, родителите би можеле да го набават лекот во странство, но не можат да го платат иако и двајцата работат (таткото е хирург, а мајката шминкерка). Тие не можат да си го дозволат лекот бидејќи чини 17 000 евра месечно. Тоа се 204.000 евра за само една година.
Судбината на пациентите како Милда јасно покажува колку во денешно време шансите за живот во ЕУ се нееднакви.
„Местото на живеење во ЕУ не би смеело да одредува дали ќе живеете или ќе умрете”, минатата година изјави комесарката за здравство на ЕУ, Стела Киријакидес. Сите пациенти во ЕУ треба да имаат „ран и еднаков пристап до ефикасни лекови”.
Но, ЕУ е далеку од оваа цел - покажува истражувањето на европскиот новинарски тим „Истражи ја Европа”, на кој со месеци работеа германските јавни сервиси NDR, WDR и Zideutsche Zeitung.
Под лупа: 32 нови скапи лекови
Првиот чекор беше да се идентификуваат новите лекови на пазарот кои се навистина подобри од старите.
Фармацевтската индустрија годишно на пазарот носи околу 40 нови лекови, од кои повеќето се со екстремно високи цени. Но, само неколку од нив навистина носат подобрување за пациентите.
На барање на новинарите, независниот Институт за квалитет и ефикасност во здравствената заштита (IQWiG) од сите нови лекови одобрени во последните пет години избра 32 лекови кои имаат „значајна корист“ за пациентите. Повеќето од нив се лекови против рак, но на листата се и лекови против мигрена, цистична фиброза и дијабетес. Новинарите потоа ја истражуваа достапноста на овие скапи лекови во секоја од 27-те земји на ЕУ, односно дали тие се платени од националниот државен здравствен систем.
Од вкупно 32 лекови, само во Германија и Австрија, сите лекови се покриени со здравствено осигурување. Во Естонија, Летонија и Литванија недостасуваат околу 30 отсто, на Кипар 50 отсто, на Малта дури 59 отсто и во Унгарија дури 75 отсто од тие лекови.
За да постигнат највисоки можни цени, фармацевтските компании често користат стратегија која е едноставна и ефикасна: тие со договори обврзуваат поединечни држави и компании за здравствено осигурување да ги чуваат цените во тајност.
Државите го прават тоа со надеж дека ќе ги ограничат зголемените трошоци за новите лекови. Но, цените на овие лекови растат насекаде, и во богатите и во посиромашните земји, а фармацевтските компании остваруваат голем профит од здравствените системи за кои сиромашните плаќаат придонеси и кои се кофинансирани од државата.
Единствениот пат кога фармацевтските гиганти преговараа со целата ЕУ беше за вакцините против Ковид. Но, цените и тогаш беа тајни.
Фармацевтските компании обично прво ги пласираат своите лекови на пазарот во Данска и Германија, затоа што таму најпрво можат сами да ги одредат официјалните цени. Во пракса, Данска поставува некои „доброволни” ограничувања на цените, а Германија го проверува секој лек една година по неговото воведување и потоа може да бара промени на цената.
Во меѓувреме, другите земји ги користат тие почетни високи цени како ориентир за сопствените официјални цени. Она што се случува понатаму во Данска и Германија е обвиткано во тајност. Данските болници ги набавуваат најскапите лекови со тајни попусти, но тоа не се гледа во Еврипид, европската база на податоци за цени, потврдува официјален дански претставник.
Во Германија ситуацијата е уште понетранспарентна. Таа стави вето на резолуцијата на Светската здравствена организација за транспарентност на цените и дури не е ниту учесничка во базата на податоци за цените на Еврипид.
Според OECD, ниту една друга земја во ЕУ не троши толку пари на фармацевтски производи како Германија: трошоците за новите лекови заштитени со патент помеѓу 2013 и 2022 година се удвоени, од 13,9 на 27,8 милијарди евра.
Дел од тајниот бизнис со цените е и следново:
Фармацевтските компании ефективно добиваат милијарди од државите како „бескаматни заеми” затоа што повеќето држави првично им плаќаат повисока официјална цена на лекот. Потоа, со текот на времето, компаниите дискретно ја враќаат разликата помеѓу официјалната и тајно договорената пониска цена. Само во Белгија и само во минатата 2023 година станува збор за разлика од 1,5 милијарди евра.
„Секогаш ги прашуваме компаниите - кажете ни ја, ве молиме, вистинската цена во Германија. „Тие велат дека не знаат”, изјави за Investigate Europe еден европски преговарач, кој побара анонимност. А еден човек кој работи за унгарската подружница на мултинационалниот производител на лекови отворено вели: „За компании како Новартис или Фајзер, унгарскиот пазар е безначаен”.
Продажната цена е четириесет пати повисока од производната
Новинарите сепак се обидоа да ги утврдат цените за неколку земји од ЕУ - по примерот на споменатиот лек Кафтрио за цистична фиброза кој го произведува Вертекс: преку задолжително достапни податоци за продажбата на компанијата, бројот на пациенти и податоци за здравственото осигурување.
Според тие пресметки, Италија платила околу 70.000 евра годишно по пациент, Франција 66 000 евра, Латвија 135 000 евра, а Чешка 140 000 евра. Според тоа, колку е земјата помала и посиромашна – толку поскап е лекот.
Притоа, Њујорк Тајмс пишува дека трошоците за производство на овој лек, на пример во 2022 година, за годишни потреби по пациент, изнесувале само околу 5 700 долари. А научниците од Британија велат дека продажната цена е четириесет пати поголема од производната цена.
На барањето на новинарите да го коментираат тоа, „Вертекс” вели дека цените се „неточни” и нагласува: „Цените не се одредуваат еднострано од производителот, туку се договараат доверливо со здравствените власти во секоја земја“. Освен тоа, „цените се оправдани” затоа што „на истражувањето на лекот се работело 20 години”, а тоа „чинело повеќе од десет милијарди”. И „најголемиот дел од профитот оди на понатамошни истражувања ”.
Меѓутоа, новинарите наведуваат дека лекот Кафтрио во САД под името Трикафта е развиен со јавно финансирање, односно со пари од даноци, од страна на една помала компанија, која на крајот ја купил Вертекс.
Фармацевтската индустрија постојано аргументира дека цените на новите лекови одговараат на вредноста која тие ја имаат за погодените пациенти и здравствениот систем во целина.
Анализата на консултантската фирма EY го наведе просечниот профит на фармацевтските компании: глобалните фармацевтски компании во 2022 оствариле просечен профит од 25,7 отсто. Ова е далеку над сите останати индустриски сектори. Дури и големите банки можат само да сонуваат за тоа.
Извор: https://n1info.rs