Жега

20.06.2024 15:22

Што ќе ти го сето злато на сонцето
кога тоа се растопило во течна лава
што те џишка по спотнатото чело?

Лунѕаш низ градот по тешка жега.
Улиците и зградите зрачат повеќе жештина
отколку сонцето во колибата на жетварот.

Нема сомнеж, секој сонува копнежливо
за северни земји на ледници и сладоледи
во кои никогаш нема да зачекори будно.

Од желба за воздух, жабри ќе ти никнат,
те жега повторливата песна на жегалците,
те облева болна басара, за пепел да те стори.

Бегаш во далечини за чекорот да се искачи
по здивот на ветерот како пајажина по ѕидот
и раката радосно да заврти лист на календарот.

Низ правливите полиња покосени од жолтица
бодина атот на гладот, вимињата од кои
ќе се појат неродените личат на суви бунари.

Јата гладни молитви во воздухот се збираат
и се мрешкаат ко подвижни привиди,
та си мислиш дека се дождовни мешини

од кои ќе плисне влажниот здив на радоста
и конечно ќе ги спои преломените сенки
врз коравите, распукани дланки на земјата.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото