Темниот вилает, и уште две народни приказни

20.06.2024 14:30
Темниот вилает, и уште две народни приказни

 

Темниот вилает

Си бил еден цар, па доаѓајќи со војската на крај на светот, тргнал во темниот вилает, каде што никогаш ништо не се гледа. Не знаејќи како ќе се вратат назад, тие таму ги оставиле ждребињата од кобилите за кобилите од онаа темница да ги извадат.

Кога влегле во темниот вилает и оделе по него, цело време под нозете чувствувале некако поситни камења, а од мракот нешто извикало: „Кој ќе понесе од камењава, ќе се кае, а кој нема да понесе, ќе се кае!“

Понекој си помислил: „Кога ќе се каам, зошто да го носам?“; а понекој: „Дај барем еден да понесам!“

Кога се вратиле од темницата во светот, што да видат: сето она било скапоцен камен. Тогаш тие што не понеле почнале да се каат што не земале, а оние што понеле што не земале уште повеќе.

Ангел на човека му земал душа

Косела болест. Еден човек поради тоа земал да бега, и го стигнал на пат ангелот, којшто, божем, и самиот бегал од истата болест, па го продолжиле патот заедно. Кога дошле кај некој даб, седнале да се одморат. Истиот ангел ја земал душата на човекот, та тој со телото останал мртов тука, а ангелот потаму го продолжил патот со самата душа.

На едно место човекот (то ест, неговата душа) извикал: „Леле, ги заборавив опинците под дабот!“ По договор, ангелот останал да чека, а човекот се вратил назад. Малку постоел, погледнал, и се вратил кај ангелот викајќи: „Моите опинци ги облекол некој друг човек! Ене го лежи мртов под дабот; целиот веќе се зацрвил од муви“.

Ангелот му рекол: „Па она си ти; умре додека уште под дабот бевме“.

Мора

Се раскажува дека еден човек толку го мачела мора што најнакрај не можел да заспие, му здосадило по дома да живее, туку го јавнал својот бел коњ и побегнал во свет не знаејќи ни каде ни како; но и тоа му било залудно, оти и на патот, како што очи ќе склопел, мората веднаш му доаѓала.

Одејќи така по светот, тој дошол на конак кај некојси терзија. Кога по вечерата терзијата си ја фатил работата и почнал да шие, гостинот се пожалил дека го измачува мора; „туку“, рекол, „додека ти уште работиш, ќе легнам овде крај тебе, за малку да поспијам“. Потоа се покрил со кожувот и легнал. Како што заспал, веднаш мората го притиснала и тој низ сон почнал да вика и да се грчи.

Кога терзијата тоа го слушнал, ја подигнал свеќата за да види како гостинот се мачи; кога таму, врз неговиот кожув со кој се покрил се мрда големо бело влакно толку брзо како змија кога трча. Кога терзијата тоа го видел, со своите ножици, кои му биле при раце, влакното го пресекол, и како што тоа престанало да мрда, гостинот веднаш замолчел, и така мирно спиел додека утрото сонцето не изгреало.

Кога се разбудил, му се заблогодарил на бога за добриот сон и опоравувањето, па веднаш отрчал до коњот да го види и намири; кога таму, коњот во шталата лежел мртов. Откако терзијата му раскажал како мората го давела и како тој влакното на неговиот кожув го пресекол, тогаш дознале дека коњот му бил мора која го притискала и мачела.

Слики: Јуриј Васнецов (Юрий Васнецов)

Избор и превод: П. В.

Извор за текстот: Васко Попа, Од злата јабука, Руковет народних умотворина, 1958.

Слични содржини

Општество / Активизам / Книжевност
Општество / Книжевност / Култура
Општество / Графички Дизајн / Книжевност / Култура
Општество / Книжевност / Култура
Општество / Книжевност / Култура

ОкоБоли главаВицФото