1016 hPa
50 %

23 °C
Скопје - Вто, 20.05.2025 19:29
Лисабон - Крајната десница на изборите за Европскиот парламент ги оствари најголемите успеси од времето на основањето на Европската Унија, на својот пробив најмногу може да им заблагодари на растревожените млади гласачи, кои се уверени дека ултраконзервативизмот е сосем кул.
„Младите Европејци сметаат дека се поголеми патриоти од претходните генерации, имаат позитивно мислење за армијата, либерални се, но, сепак, сметаат дека авторитетите можат да ги исполнат нивните очекувања, па ја претпочитаат авторитарноста“, вели Марлен Ларуел, професорка на меѓународните односи и политички науки на Универзитетот Џорџ Вашингтон.
„Десничарите нудат постидеолошки наратив, а луѓето сакаат наратив“, додава таа.
Успехот на радикално десната групација Идентитет и демократија, која стана трета по бројност во Европскиот парламент, по Европската народна партија, на која ѝ припаѓаат речиси од половината европски лидери и формацијата на социјалистите и демократите, главно почива на гласовите на новата генерација.
На континентот познат по левичарскиот активизам, чиј симбол е Грета Тунберг, младите Европејци го забрзуваат пробивот на крајната десница во Франција, Шведска и во Холандија. Во годината во која Доналд Трамп би можел да се врати во Белата куќа, така е и во Португалија, во која социјалистите се на власт од 2015 година и кои претставуваа модел за успех на европската левица.
Младите, тие помеѓу 18 и 34 години, го дадоа клучниот придонес на мартовските избори за победата на крајно десната партија Чегу, или Доста на португалски јазик. Постоеше страв дека Чегу ќе стане првата партија од крајната десница што ќе управува со земјата уште од времето на рушењето на диктатурата на Антонио де Оливеира Салазар пред точно половина век.
Постмодерната политичка машина на партијата, која ги користеше искуствата на кампањата на Доналд Трамп на социјалните мрежи и упатствата на бразилскиот крајно десничарски претседател на Бразил Жоао Болсонаро, поттикнува на поларизација, поделби и инфо-забава. Изградена е на начин на дезинформации и мамки за кликови на Тик-ток идеални за привлекување на разочараните млади Португалци, кои, како и нивните врсници по Европа, се соочени со релативно висока невработеност, ниска заработка, болна инфлација и скок на цените на недвижностите.
„Ние сме партија што има најдобра комуникација со младите“, вели Андре Вентура, кој пред пет години ја формираше Чегу.
Андре Алемано, професорот на реномираната европска школа ХЕЦ во Париз, е согласен: „Репертоарот на инструментите што десницата ги користи е многу софистициран. Младите или не излегуваат на избори или гласаат за радикални партии, што е нивниот глас на протестот против системот што не го разбираат“.
Формулата на успехот на десницата, која собори голем број табуа, втемелена е на незадоволството и се сведува на микс на ветувања на опозицијата за борба против корупцијата. Вентура порачува дека сите црномурни пратеници „треба да се вратат во нивната земја“. Неговиот успех стана мерка на португалските промени.
Дали гласот на протестите е доволен за радикалниот пресврт во земјата што 50 години е управувана од социјалдемократите и социјалистите, обезбедувајќи ги благодатите на либералната демократија?
По „младотресот“, како што некои ја опишаа победата на крајната десница, завладеа неизвесност. Конечно земјата на славните морепловци, кои ги откриваа крајбрежјата на Африка, Индија, Јапонија и Бразил, успеа да ја избегне владата предводена од екстремисти. Новиот Васко де Гама на португалската политика е социјалдемократот Луис Монтенегро, кој во договор со социјалистите од левиот центар, го исфрли Чегу од игра, засега, успевајќи да формира малцинска влада на десниот центар.
Португалија, заедно со Данска, е една од земјите на ЕУ каде што луѓето веруваат дека борбата против климатските промени мора да биде приоритет, но прво место сега е барањето за спречување на драстичните социјални разлики. На тој предизвик ќе мора да одговори чист експертски кабинет: од 17 министри само еден има искуство од врвовите на извршната власт. Дури ни премиерот никогаш претходно не седел во владата. Тие ќе се обидат да ја заживеат економијата на земјата потпирајќи се на помошта од ЕУ од 22 милијарди евра, која ќе ја примат во наредните две години. Постои намера да се исполни предизборното ветување за повисоки плати и пензии и укинување на корпоративниот данок.
Тоа и натаму не го намалува успехот на крајната десница во парламентот, која од 230 места има 50 пратеника, а по претходните избори ги имаше само 12. Пробивот на конзервативците е мерката на промените што ја носи новата генерација на португалските гласачи, од оние што не паметат како изгледа десничарската диктатура. Пред растечкото незадоволство поради економската состојба, се чувствува мирисот на „Револуцијата на каранфилите“, како што беа нарекувани настаните од 1974 година.
Дали ултрадесните партии пронајдоа начин и јазик поуспешно да стигнат до младите гласачи? Очигледно е дека нивниот напор во широко разочарување во мејнстрим политиката се исплатеше. Ја задржаа антимиграциската политика, но се посветија и на социо-економските прашања.
Гласовите на младите минатиот ноември капитално придонесоа за шокантната победа на Герд Вилдерс во Холандија. Австриската крајно десничарска Партија на слободата, која се темели на симболите на нацизмот и порачува дека емигрантите ќе ги заменат белите Европејци, исто така смета на гласовите на младите на наредните избори, а определувањето на помладите генерации веќе им донесе победа на регионалните избори во Салцбург.
Алтернатива за Германија се избори за трето месо за ЕП со најголема поддршка на гласачите помлади од 25 години. Годинава тие очекуваат одново успех во Брандебург, Саксонија и Тирингија.
За да го спречи продорот на Националниот фронт на Марин Ле Пен помеѓу младите во Франција, претседателот Емануел Макрон го именуваше за премиер Габриел Атал, кој има 34 години. Што ќе биде со предвремените избори, ќе видиме.
Новата генерација, велат истражувањата, има три приоритети: клима, еднаквост и безбедност. Факт е дека младите се вртат на десно и ги напуштаат зелените и центристите од групата Да ја обновиме Европа, укажува на промена во целите. Социјалната нееднаквост и невработеноста ја притискаат Европа. Живеат во уверување дека руската закана ќе излезе од границите на Украина.
Младите по правило се непредвидливи на избирачките места, но се покажува дека довербата ќе им ја подарат на оние што ќе создадат перцепција дека подобро од другите им ги разбираат проблемите. Ќе им ветат работа и поголема плата, поповолни услови за отплата на станбените кредити. Што се во состојба од тоа да исполнат, ќе покажат наредните избори.
Слики: Karl Völker (1889-1962)
Извор за текстот: Слободен печат