1012 hPa
41 %

31 °C
Скопје - Сре, 16.07.2025 11:59
Националната мрежа против хомофобија и трансфобија го најавува овогодишното издание на Скопје Прајд, кое ќе се одржи на 22 јуни 2024 година (сабота) под мотото „Спектакуларно непослушни!“.
Појдовна точка ќе биде во паркот „Жена-борец“, каде во 17 часот ќе започне собирањето на учесниците, а во 19 часот, по кратките поздравни говори ќе започне протестниот марш по скопските улици и ќе заврши на стадионот на АРМ во Градскиот парк. И оваа година се планира богата културно-забавна програма, со музички настапи во живо, настапи на спектакуларните дрег кралици од земјата и од регионот, како и DJ сетови.
Организаторите информираат дека сите новинарски екипи се добредојдени и ќе може да ги подигнат своите акредитации за настанот на посебен пункт во паркот „Жена-борец“, на 22 јуни, од 17 до 18.30 часот. Акредитирањето е неопходно поради безбедносните протоколи за Парадата.
Маршрута на Парадата:
Од паркот „Жена-борец“ по улицата Димитрие Чуповски преку Рекорд – улица Даме Груев и булевар ВМРО до крстосницата пред мостот Гоце Делчев – булевар Илинденска покрај Влада – улица Ленинова покрај арена „Тоше Проески“ – крајна дестинација Стадион на АРМ
Зошто Парадата на гордоста е протест
- За да можеме да бидеме свои, автентични и истовремено безбедни - и дома и надвор. Протестот е барање за институциите на системот да гарантираат безбеден живот и да ги штитат нашите човекови права и слободи.
-За да можеме подеднакво да учествуваме во општествениот и политичкиот живот без дискриминација и исклучување. Протестот е барање за институциите на системот да гарантираат еднакви можности, недискриминација и социјално вклучување на сите луѓе без разлика на нашата сексуална ориентација или родов идентитет.
-За да можеме да се школуваме во образовен систем кој учи на прифаќање на разликите и промовира социјална кохезија наместо исклучување. Протестот е барање за Владата да обезбеди образовен систем, курикулуми и програми кој ќе ги градат светогледите на идните генерации засновани на демократски вредности, солидарност, емпатија и грижа.
-За да можеме да имаме лични документи кои ќе го изразуваат нашиот род. Протестот е барање до Собранието да го усвои законот за матична евиденција со вклучен модел за правно признавање на родот заснован на самоопределување.
- За да можеме подеднакво да имаме пристап до здравствени услуги и уживаме квалитетен живот и здравје. Протестот е барање за здравствениот систем да се прилагоди кон потребите на различните групи граѓани и со тоа да биде вклучувачки и недискриминаторски.
Парадата на гордоста е исклучително важна форма на протест на ЛГБТИ+ заедницата против стигмата, предрасудите и насилството, а медиумската поддршка е од суштинско значење во борбата за еднаквост на маргинализираните групи.
Минатите изданија на Прајдот покажаа дека најголемиот дел од медиумите за овој настан известуваа професионално и согласно етичките новинарски стандарди. Се надеваме дека позитивниот тренд на информирање за ЛГБТИ + темите низ призмата на човекови права ќе продолжи и оваа година.
Извор:https://skopjepride.mk