Лошите момчиња

24.06.2024 11:03
Лошите момчиња

 

Фондацијата Еберт организираше истражување за политичките ставови на младата генерација во балканските земји. Објавени се резултатите од словенечкото истражување, кои се повеќе од загрижувачки. Тие се однесуваат на 600 испитаници, што е стандардна бројка за вакво истражување, но тоа не буди надеж. Младите денес се многу позаинтересирани за политика отколку пред шест години (2018), а во исто време се видно позаинтересирани за екстремната десница. Разликата меѓу девојчињата и момчињата (испитаниците биле на возраст од 14 до 19 години) е изразита - девојчињата не одат десно и не се заинтересирани за екстремните групи, а момчињата го сакаат наци-фашизмот...

Истражувачите биле непријатно изненадени. Фактите се тука, толкување нема. Можеме да шпекулираме и анализираме, но најнепријатно е токму тоа што одговорите паѓаат во очи, и дека толкувањето може да биде излишно; а феноменот воопшто не изгледа локално.

Во основата е патријархизацијата на општеството. Со сите приказни за кутрите мажиња на кои жените им грабаат сè (зголемено е присуството на жените во економијата и политиката), патријархатот се размавта надвор од сите замисливи граници. Во Европа се водат војни, смрдеата на крвта е во воздухот, а патријархатот секогаш расте во тие услови.

Словенија е на врвот на листата земји според еднаквоста на соевите (родовите), а сепак се појавува разлика кога ќе се дојде до пензионирањето; ова е само еден од доказите дека патријархатот, освен во просторот на репрезентацијата, делува и капиларно, на илјадници начини, според скриените обичаи, од семејството до владата. Момченца кои пукаат, младичи кои се повеќе или помалку ментално ретардирани, без никаков критериум и ориентација покажуваат дека постои синџир на негативно образование од колевка до матура. Го обликува, стихиски, општеството во кое и семејството и училиштата се покоруваат, наместо да се спротивставуваат. Индиректно, таквата моќ на патријархатот ја докажуваат жените кои се прилагодуваат на најгротескни начини; единственото што не постои на тој панаѓур е бунтот.

Патријархалното општество нема сеќавања, за случајно да не се појави одговорноста; затоа се слави измислено минато, чија наративна основа е совршено прилагодена на инфантилноста на верниците. Кај младите таа основа ја покрива само хормоналната активност.

Во споредба со неартикулираната потреба на момчињата да се изразат преку насилство, нивните желби се сосема спротивни: младото машко сака стан, работа, пари и семејство. Како меѓу црните маици, избричените глави, тетовираните екстремитети и, од друга страна, уредените станови, да нема мост, премин, пат, ништо. Дечкото се зачленува, едно време урлика и тепа, а потоа како награда добива гнездо со домаќинка. Во тоа се открива целосното закржлавување на мисловниот апарат, долго запоставен во образовниот систем.

Одговорите на младите луѓе јасно покажуваат дека нема ни едно достигнување во сферата на еднаквоста што денес не е нападнато и под закана за укинување. А од друга страна, се буди стравот дека девојките, кои не сакаат да бидат во истата хормонална орда, можеби не се спремни за борбата што треба да ја водат. Имено, пред нив е борбата за мир, најтешката од сите. Од искуство знаеме дека се води на секој чекор од секојдневниот живот, дека е опасна, дека бара врвна практична интелигенција и постојано внимание, накратко - дека е исцрпувачка. Колку апстиненцијата на девојките е гаранција дека борбата ќе ја сакаат и практикуваат, е друго прашање. Ништо од ова не може да се објасни со „природата“: девојките научија различни лекции и препораки од истиот образовен систем, оти многу рано ги почувствуваа методите на патријархатот. Можеби затоа се поспремни да пружат отпор, а тоа добро го кријат. Можеби…

Триесет години по падот на социјализмот, југословенскиот и другите, растат генерации подготвени да бидат топовско месо и краткорочно тело на наци-фашизмот. Статистиките не се пророштва, во најдобар случај се предупредувања. Во мојата стеснета социјална рамка денес познавам неспоредливо повеќе различни млади луѓе од сите соеви отколку кога излегов од ларвата на младоста и ги погледнав младите луѓе околу себе; да се биде слободен, одговорен и паметен денес е карактеристика на младинската авангарда која станува првата предвидена жртва на две страни - на општеството од кое се измолкнала, и на избраните општествени производи на кои авангардата им пречи. А статистиката во ерата на безнадежноста можеби веќе е само спомен.

Слики: Marie-Louise von Motesiczky (1906-1996)

Извор за текстот: Пешчаник

Превод: П. В.

Слични содржини

Општество / Активизам / Свет / Психологија
Општество / Активизам / Европа / Свет
Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Општество / Активизам / Теорија
Општество / Активизам

ОкоБоли главаВицФото