Туѓото тело и политичката коб

24.06.2024 12:38
Туѓото тело и политичката коб

(Кон претставата „Татковци и отци” по романот на Слободан Селениќ, во драматизација на Ката Ѓармати, во режија на Вељко Миќуновиќ, а во продукција на Народниот театар од Белград. Главни улоги: Милош Ѓорѓевиќ, Никола Ракочевиќ, Вања Ејдус, Александар Вучковиќ, Вања Милачиќ)

„Татковци и отци” (преводот на насловот е прикладен ако „отец” се сфаќа како “големиот татко”, а не како свештеник) е романот на Слободан Селениќ со којшто тој дефинитивно и експлицитно го открива неговиот анемозитет кон комунистичкото општество, со нескриена симпатија кон предвоените времиња во Србија и поставениот „ред” во тоа време. Овој роман се појавува во 1985 година, време кога „вербалниот деликт” во тогашната комунистичка Југославија е на замирање и отворениот критички однос на интелектуалците, особено на писателите е сфатен како слободоумност против која не треба да се крева многу врева, па така и јавната „протресеност” во врска со него и не носи некоја голема ригидност. Но овој роман е голем по една друга своја специфика, а тоа е наивната мултикултуралност која во цивилизациска смисла значи „адаптирање на туѓото тело во традиционалноста на Српското милје”.

Имено, доаѓањето на Елизабета Блејк во семејството на Медаковиќ каде што се знае „кој е кој” и „каде кому му е местото” е своевидна духовна и цивилизациска вакцина која во прво време го стресува конзервативниот семеен менталитет, а потоа и го растура како кула од карти. Селениќ опишува едно добростоечко српско семејство чиј изданок оди во „белиот свет” и дома донесува Англичанка чиј сензибилитет ги отвора порите на „другоста” во исто време доживувајќи ја својата долгорочна „неверба” за тоа дека судбината заради нејзината голема љубов ја однела некаде во „недојдија” каде што ќе мора дополнително да се избори за својата автономија. Ката Ѓармати гради драматизација која е исклучително јасна и логична со оглед на тоа што приказната ја раскажува и во неа и во романот на Стеван Медаковиќ, младиот студент кој дома носи една друга женскост, друга социјална присутност. Оваа драматизација младиот режисер Вељко Миќуновиќ ја претвора во симфонија на исповеди кои како да доаѓаат од онаа страна на животот, како ликовите да си го раскажуваат својот живот и како повторно да ги прежиовуваат своите истории и несреќни судбини. Во таа, би ја нарекол условно „гробница” се случуваат драмите на едно семејство кое страда во временскиот процеп на двете војни, семејство кое својата судбина си ја развева како жито за покој, а својата среќа ја задушува со погибелот на својот најмлад изданок, Михајло, што како данок го зема заслепувачката идеологија на комунизмот и војната која дефинитивно ќе го затвори нивниот дом.

Вељко Миќуновиќ прави актерска претставаа и тоа е едно од нејзините најблагородни сегменти. Во таа гробница која тој ја дефинира со земјата која се истура одозгора, одекнуваат судбините на таткото Милутин Медаковиќ, кој доста ненаметливо, но емотивно го толкува Милош Ѓорѓевиќ, на синот, чија динамичност и животвроност со голема инспиративност ја доловува прекрасниот Никола Ракочевиќ чиј Стеван Медаковиќ е страдалник кој не сака да се предаде и се спротивставува на сите несреќи што му ги донесува судбината, на Англичанката Елизабета Блејк, снаата, чија сензуалност е скарадна, но во исто време, чија другост е нешто што вреди да се истражи, лик кој извонредно го донесува Вања Ејдус која совршено ја балансира својата сензуалност со несреќната недоумица на младата Англичанка што решила да дојде во семејство кое не го разбира и која конечно заминува со некој што по нејзините сфаќања би можел да ја разбере создавајќи му уште поголема болка на својот сопруг, на младиот Михајло Медаковиќ, синот на Стеван, чија заслепеност од идеолошката матрица на тоа време фантастично ја донесува младиот Александар Вучковиќ кој гради комплексен лик на млад комунист чија идеолошка предаденост ќе го чини живот, како и на Сена Ќоровиќ како Ненка, лик низ кој оваа талентирана актерка го провнува целиот Српски традиционализам, на Вања Милачиќ како Рахела Блејк, на Ива Милановиќ како младата партизанка Јелена и конечно на кратката но ефективна епизода на Видосав Прокиќ на Никола Ристановски.

Промешувајќи ги судбините на сите ликови во ова „чистилиште”, Миќуновиќ низ својето режисерко видување зборува за една социјална „трпеливост ” или „нетрпеливост ”, отварајќи ги тезите за Балканското приклучување на Европските цивилизациски движења. Без обѕир на тоа што дејствието и на романот и на адаптацијата е во период од 1920 до 1945 година, временските поместувања и духовната матрица имаат исто јадро кое во денешно време е поместено со новите миграциски движења од Третиот свет. Во една прилика Винстон Черчил рекол: „Балканот продуцира многу повеќе историја отколку што може да конзумира”.

Помислувајќи на сето тоа во контекст и на романот и на режисерската постанoвка на Миќуновиќ ќе се придржиме за последната балустрада на скалилата на историјата кои немаат крај, а одат само надолу. Несреќните судбини на Балканот се негова егзотика и тоа е најпогбуниот момент за којшто младиот и талентиран режисер зборува од еден друг агол на гледање, а тоа е оној на завршените и одживеани приказни за семејства, вредности, оставштини итн.

Селениќ во скоро сите свои дела зборува за она „туѓо” тело кое го разјадува предокот поставен за да го докусури човечкиот род. И како такво, тоа „тело” нуди излез, солуција, или смрт. Смртта е отворената врата во оваа претстава, а чистилиштето каде што се нашле ликовите само ги отпретува историите кои зборуваат за она што е гнило во самиот човечки дух. Скоро секој од ликовите го наоѓа својот излез: младиот Михајло во хероизмот, неговиот татко во ступорот, а неговата мајка, од лажните прегратки на првиот сопруг кој бил хомосексуалец, преминува во прегратките на Патрик Вокер, кој ако не друго, барем е од нејзиното цивилизациско милје. Смртта е нивниот заеднички именител и токму затоа и визуелното решение на сценографијата на Зорана Петров е инспиративно, отсликувајќи го тоа студенило во кое како да се врамени сите ликови кои од друга страна ги носат темните традиционални облеки на високата градска класа во Србија од пред војната, дело на Марија Марковиќ Милоев, костими кои како да се извадени од некоја изложба, делувајќи толку мрачно, колку што се мрачни недоумиците на целиот тој временски континуум. Овде ќе ја споменеме и суптилната музичка илустрација на Невена Глушица која делува како потсетување на времето што ги вратило назад сите свои истории и несогласувања.

„Татковци и отци“ е претстава за недоразбирањето кое, за жал, на овие простори сѐ уште не нашло адекватен одговор. Затоа оваа приказна во себе содржи една горчлива актуелност. Мултикултурализмот е термин чија слободумност е завиткана во целофанот на недореченоста, па така мрачната егзотика на Балканот може само да се распука во очите на своите жители како истурено ведро вода кое оставило жедни неколку генерации по себе.