1022 hPa
81 %
9 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 11:59
И покрај фактот дека Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со инвалидитет ги повикува и обврзува сите на имплементација на пристап за човековите права, постоечкиот систем на владеењето на правото во секоја држава, вклучувајќи ја и ЕУ, во однос на родовата рамноправност и лицата со инвалидитет е недоволно развиен или не е ни отпочнат. Последнава деценија сите зборуваат за интерсекционалност, но владеењето на правото во секоја држава сè уште е осмислено на начин кој доведува до исклучување и системска дискриминација на некои луѓе кои не ѝ припаѓаат на групата луѓе без инвалидитет.
Нивото до кое постои значајно учество на лицата со инвалидитет во политичката моќ е клучен показател за вклученоста на лицата со инвалидитет во општеството воопшто. Оттука меѓународното законодавство бара целосно учество од заедницата на лицата со инвалидитет, но праксата во ЕУ и другите (придружни) земји раскажува друга приказна.
Анализата на теренот сугерира дека примената на законските квоти позитивно влијаела на постигнувањето родова рамнотежа во парламентите. Се очекува земјите со законски квоти да постигнат родова рамнотежа до 2026 година. Но прашањето е каде се жените и девојките со инвалидитет во рамки на механизмот за родови квоти? Постулатите на родовата квота изгледа не се поставени на принципите на човековите права, зашто инвалидитетот не е признаен. Се чини дека жените и девојките со инвалидитет се сосема заборавени и игнорирани од феминистичкото и женското движење.
Во Македонија, како и во другите земји, иако родовата квота постои последнава деценија, политичарките без инвалидитет никогаш не се обидоа да разговараат за инвалидитетот или за Конвенцијата за правата на лицата со инвалидитет или дури да се обидат да ги вклучат жените со инвалидитет користејќи ја оваа афирмативна мерка. Анализата на теренот покажува дека пошироката јавност има различни негативни перцепции за лицата со инвалидитет, а особено се загрозени жените со инвалидитет. Мажите со физички инвалидитет се најприфатени како носители на јавни функции, а за нив би гласале само ако се кандидираат за градоначалници. Како што се зголемува тежината на функцијата од локално на републичко ниво, поддршката за кандидатите со инвалидитет опаѓа, што претставува сериозен проблем во борбата против стереотипите - дека личноста со инвалидитет нема да може да ја извршува функцијата пратеник или претседател на државата. Перцепциите кои придонесуваат за повеќекратна дискриминација се бројни и се вкрстуваат меѓу родот и инвалидитетот, особено за жените со повеќекратен инвалидитет за кои би гласале само 2 проценти.
Последната анализа за учеството на жените со инвалидитет во политичкиот и јавниот живот во Македонија укажува на различна перцепција помеѓу лицата со инвалидитет и политичките партии. Генерално, политичките партии и лицата со инвалидитет имаат став дека жените и девојките со инвалидитет треба да бидат вклучени во политичкиот живот. Но нивните размислувања се разликуваат во однос на механизмите како да се постигне тоа, во рамки на постоечкиот систем на квоти или постои потреба за други афирмативни мерки само за жените и девојките со инвалидитет. За ова прашање 70 проценти од лицата со инвалидитет сметаат дека жените со инвалидитет треба да бидат дел од постоечкиот систем на квоти. Таквото размислување го споделуваат само 59 проценти од политичките партии. Дека жените со инвалидитет не би требало да бидат дел од системот на квоти наведуваат 8 проценти од лицата со инвалидитет, 2 проценти од политичките партии сметаат дека жените со инвалидитет не би требало да бидат дел од системот на квоти, додека 9 проценти од нив рекле дека не знаат. За разлика од политичките партии, каде само 10 проценти сметаат дека треба да постои посебен систем на квоти за жените со инвалидитет, тоа е мошне изразено во ставовите на лицата со инвалидитет, каде дури 30 проценти од нив сметаат дека би требало да постои посебен систем на квоти за жените со инвалидитет. Меѓутоа, таквите перцепции укажуваат на ниската свест на двете групи за родовата рамноправност и инклузивната еднаквост заснована на принципите на Конвенцијата за правата на лицата со инвалидитет. Се чини дека заедницата со и без инвалидитет почна да посегнува по наједноставното решение - секој нека остане во својот двор, а не да се плетка во туѓиот.
Ако сакаме да ја промениме својата позиција на угнетени, мораме да бараме да бидеме дел од политичките структури, да се ангажираме во поставувањето на дневниот ред и да се обидеме да ги редефинираме концептите кои се однесуваат на нашите животи. Без наше активно учество, нашата позиција на маргинализирање и угнетување ќе се одржи.
Елена Кочоска е активистка и членка на Управниот одбор на Европската мрежа за самостоен живот.
Превод: Алек Кузмановски
Слики: Sophie de Oliveira Barata
Извор: https://enil.eu/